10.8 C
Skopje
четврток, јануари 30, 2025
spot_img

Ај фил фуд. Новогодишни празнични мирудии

Кога ќе сроните, наросите нешто мирисливо и ароматично меѓу прстите, тогаш јадењето добива карактер, а тоа е последната нишка што ја паметат непцата. Некогаш привилегија на поимотните, а денес – на сите, мирудиите се и вкус и мирис, очи што шетаат по најзелените и најшарените предели на светот…
Во време на овие убави, романтични празници, и без снег годи вареното вино, колачи со сушено овошје, разновидни кекси збогатени со морско оревче што го брануваат вкусот, каранфилче – за да го разбуди цунамито во мислите, тимијан поради жуборкање на новогодишните ѕвончиња…

Морско оревче
Најомилена новогодишна мирудија – аромата на морско оревче е силна, препознатлива и долго се памети. Природен лек и афродизијак, одлично се вклопува и во солени и во благи јадења, супи, сосови, а се става на крај, кога на пример месото е печено. Вкусот на морското оревче ќе го препознаете во медени колачиња, на кои одлично им прилега вино.

Цимет
Освен тоа што е фантастичен пријател на здравјето (ги намалува шеќерот и холестеролот), циметот, неговата миризба, е вистинската асоцијација за Нова година, Божиќ… Се става во разновидни кекси, варено вино, некои му го сакаат вкусот и во месото… Циметот се добива од внатрешната кора на истоименото зимзелено дрво што се витка во стапчиња. И од 250-те вида цимет, најпопуларниот и најздравиот доаѓа од Цејлон.

Каранфилче
Нашите баби меѓу алиштата ставале каранфилче, а нашите мајки ги украсуваа портокалите, па миризбата долго останувала во воздухот. Освен што се користи за украсување, каранфилче се става во печено месо, ориз, грав, добар е за варење и за лекување на респираторните органи. Убаво им прилега на божиќни колачи, на варено вино, а слаткастиот вкус е незаменлив за опуштање и размислување.

Ѓумбир
Како и претходните мирудии, ѓумбирот може да се користи во сите видови јадења, а за ладните денови, препорачливо е да се пие чај со ѓумбир. Освен што загрева, ѓумбирот може да помогне при мигрена. Еден од заштитните знаци на ѓумбирот е „џинџербред мен“, медени колачиња во облик на човече, кои се` повеќе стануваат заштитен знак на Божиќ.

Ѕвезден анис
Ѕвезден анис е вистински украс за трпеза, штом ќе го погледнете, очите ви светнуваат и се` е подготвено за убаво празнично расположение. Со него можете да зачините разни специјалитети, се разбира ставајќи само по малку, за да не се загуби ексклузивноста на вкусот. Во дел од Европа, вистински тренд е ѕвездениот анис во божиќните десерти, бидејќи тие со својот вкус го креваат вкусот на овошната салата, компот, кексите. Освен тоа, и чај од анис е одличен за органите за варење и за проблемите на респираторните органи.

Пимент
Познат е како црн пипер од Јамајка, а по вкусот потсетува на – каранфилче, морско оревче и цимет. Незаменлив е во комбинација со сите божиќни мирудии, благи работи, ликери, ама и во комбинација со свинско и пилешко месо.

Жалфија
Позната е како кралица на Медитеранот и има многу лековити карактеристики, но и на храната и дава специфичен и интересен вкус. Со жалфија можете едноставно да го премачкате месото или да се напиете чај – ја намалува температурата и ја регулира работата на цревата и желудникот. Исто така, има и антибактериски ефект и помага при разни болки.

Мента
Што е добро да се напиете за да ја испратите годината како што треба? Топло чоколадо со додаток на мента, која може да се додаде и како ликер. Или – чоколадо со вкус на мента, исти такви бонбони… Мента е освежителна мирудија за божиќните кекси, а за да ги заведете гостите, потребни ви се само неколку капки…

Кардамом
Исто како и ѓумбирот, често им се додава на колачите со мед. Со кардамом вкусот добива речиси лимонова арома. Во тие слатки се користи мелен кардамом, а вашиот колач со портокал ќе добие сосема поинаква димензија. Пред да се употреби во солените јадења, оваа мирудија треба да се пропржи. Одлична е за маринади, особено за пилешко месо, а многу вкусен е и леб, традиционален норвешки рецепт, што има нов празничен вкус.

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена