Летото секогаш асоцира на патување, одмор, безгрижност, сини утра и автентични звуци на природата… Годинава е се поинаку, и додека привикнуваме на „новата нормалност“ можеме да патуваме со мисли: потребно е само да џбурнеме меѓу спомените, и да- можеме да се сеќаваме.
Во тој контекст, еве што издвојува Зоран Џорлев.
„Секој летен распуст ми бил посебен на свој начин додека бев дете, додека учев, студирав… Летните одмори уште од дете ми поминуваа во настапи заедно со оркестарот на мојот татко, најчесто по Јадранското море. Преку ден одмаравме, но навечер бевме со обврски- настапи по летните сцени.
Прв одмор кој на посебен начин го паметам, без да мора да свирам, е 1992 година кога ја запознав мојата сопруга, Офелија. Заедно со уште два пара другари заминавме во Охрид, поточно во Пештани, кај Ѓоре и Ема од Галео.
Побаравме сместување кај нив, но за жал немаа слободни места, па не сместија кај нивни роднини, поточно во куќата на денес познатиот колега Горан Папаз.
Тоа лето, поточно 23 ти јули (денот на роденденденот на мојата сопруга) ја побарав да биде мојата сопатничка.
Последниве 17- тина години летуваме во едно селце во Бока Которскиот залив, во Црна Гора. Местото е многу мирно, вистинска летна оаза за одмор. Таму сме веќе одомаќинети и после толку години, како да сме дел од таа куќа. Секое летување таму го чувствувам полнењето на батериите за годината што следи.“
7дена.мк