Интервју. Благој Маротов: Креативен наплив го имав во карантински денови
Промовиравте две песни во само четири дена, на 29 јули „Роман за нас“, на 2-ри август „Бенг бенг“. Сега, кога можете малку да здивнете, и на раат да изгледате и ислушате се што сте сработиле, какви се вашите впечатоци? Се мери ли со некоја мерка вашето задоволство?
– Сеуште сум под импресии, и ги средувам впечатоците од неколкуте настани изминативе денови, промоциите и двете песни беа хит на неделата и се на топ листите на радио Буба Мара. Навистина во краток рок се случија многу работи, па и целото работење на проектите, да не бидам погрешно сватен, премногу работа е да се оформи една композиција – од компонирање на музиката, текст, аранжман, па дури на крај да се собере емоција, и да се отпее, па идеата за видео, и се друго…Но, на крајот сум задоволен од се што направивме со мојот тим, и нормално извлекувам заклучоци за следните проекти… А оценката сепак е најдобро да ја оставиме за публиката, бидејки таа ја дава секогаш најискрената оценка..
Неизбежно е да за споменат и мотивите и инспирацијата на двете песни. Ако едната е слика на медитеранот, во стилот на Драгојевиќ, што ве инспирира за латино манирот на „Бенг бенг“?
– За „Роман за нас“ кажавме доста, и се гледа и се слуша, а за „Бенг, бенг“ постоеше една идеа што ја имав при пишување, да се направи песна во повеќе- македоски стил, требаше да ми биде гостин младиот виолинист Илија Филиповски, но покасно се сврте во типичен латино аранжман, каде веќе немаше простор за звук на виолината. „Бенг, бенг“ се роди брзо и со целосен текст и аранжман, што и мене, за време на снимањето ми легна целосно..
Периодот зад нас, генерално земено беше зачмаен, ништо посебно не се случуваше на естрадата, се што гледаме беше тука и таму по некоја објава он лајн, но Маротови, добија креативен наплив токму во карантински денови. Тоа значи дека повлеченоста и „време за себе“ многу повеќе ви одговара за творење отколку динамично и активно движење и музицирање?
– Кај мене, изминативе 3-4 години, секогаш кога сум послободен ми доаѓа и желба за работа, а и музичките „скици“ ги забележувам, работам, така и овој период на „несреќата“ што не снајде, добро ми дојде да извадам на виделина еден дел од материјалот што го имав во себе. И среќен сум поради оваа „можност“.
Во вас спиел поет кој напиша навистина убави текстови. Го знаевте овој ваш афинитет и талент, или и тоа го откривте сега, под овие околности?
– Имав неколку текстови и порано, но никогаш не се сметав за текстопишувач, посебно што кај нас има веќе доста добри и докажани автори на текст. За песната „Бенг, бенг“ имав одлука да му ја доверам на еден наш добро познат и докажан автор, и во моментот кога планирав да му се јавам, нешто се јави во мене, некакво чувство да пробам со некои стихови…И така тргна, се склопи скоро целиот текст, и заклучив дека може и така да остане, на мое големо задоволство…
Вашите почитувачи изненадени ја примија информацијата дека сте и автор на спотовите, кои се пријатни за гледање. Каде го научивте тој занает, сценаристичко режисерскиот?
– И тука се заслужни старите добри пријатели, од времето додека го водев студиото во Илија Ноколовски-Луј. Покрај аудио делот, требаше да се работи и видео монтажа на школскиот материјал, така што мојот добар пријател Зоран Рудан-Цеки, ми ги покажа техниките за видео монтажа, кои еве сега добро ми дојдоа..и сум му благодарен за тоа.
Што е следно? Албумот „Класика М“ малку по малку се привршува.
-Да, „Класика -М“ ќе продолжам да ја работам со учество на мои колеги музичари, а сакам да снимам и авторски песни за Јуле, Лена и Бојан, а добредојдени се и сите автори кои би сакале да ни понудат композиции или текстови за нов музички материјал. Секогаш е добро да имаме и други идеи, како би понудиле поинтересна музика кај публиката.
‘Инфе’
Коментарите се затворени