„Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во „ТАМУ“, тој нѐ води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото“. Вака пишува ирскиот уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, Конор Мекгрејди за престојната изложба фотографии на Манчевски, која ќе биде отворена на 1 октомври во Музејот на современата уметност Скопје во 20 часот. Настанот ќе биде и промоција на книга со фотографии од изложбата „Таму“, на издавачката куќа „Антолог“.
Во книгата и изложбата избрани се 88 колор фотографии, создавани во период од десет години.
Кураторка на изложбата Бојана Јанева-Шемова вели: „Уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив. Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од „Таму“, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“.
„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“.
Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа Антолог и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата, дело за најпрефинетите сладокусци на фотографијата, спакувани во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“.
Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски.
Книгата ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“, која ги вклучува книжарниците „Антолог“ и електронската книжарница антолог.мк, како и над 30 други продажни места низ целата држава.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р. С. Македонија како дел од Годишната програма за 2020.
Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела, не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.