„Slow Wine 2021- Битола“, репортажа. Кој бил, ќе раскажува

Овој викенд се беше во знак на виното, односно Битола, бидејќи по трет пат во градот на конзулите, мојот копнежлив, романтичен и боемски град со карактер, се случуваше Slow Wine салонот.
Се наредија коцките и ѕвездите па филозофијата на Слоу фуд, за добра, чиста и правична храна се вгради и во вината кои го следат овој пат.
Додека пишувам, уште ми се кревки и пресни впечатоците, ја чувствувам енергијата на организаторите, трепетот на чашите во гламурозниот Офицерски дом, многу слоу фуд поврзаност и припаѓање, смеата и некоја недокажана емоција.
Но, да тргнам по ред.

Првиот ден во знак на Водичот „Slow Wine 2021“

Битола во петок, наликува на забрефтан тинејџер со набилдана енергија…Се оди во пресрет и барање на своите херои во конкретниот настан- Винскиот салон, за кој чуствувам владее голем интерес.
Реков, времето е пријатно, па сите дојдени да го пропратат отварањето на винскиот салон со промовирањето на водичот „Slow Wine 2021“се скоро полетни. Март во декември и малку „слобода“ во ова чудно време не прави трпеливи за да нацртаме ѕвезди во очи, обидувајќи се слаткото чувство на другарување да го ставиме во некоја мерлива константа.
Во киното „Манаки“, во најопуштена атмосвера се: авторката на текстовите за винариите Ивана Симјановска, првиот човек на Слоу фуд а вечерва во функција на модератор е еден од уредниците на изданието, Николче Николовски, потоа, Горан Јаковлевски од Здружението на тиквешки семејни винарии и Сашко Андов од „Ерос“, првата винарија со која Слоу фуд ја започна соработката. И официјално, по неколку збора од Кирку Сотировски, стартува настанот.

Корицата на првото македонско издание на Slow Wine 2021 е пролетна, станушина со тенденција да созре, потпишана од Рената Атаинво. Во водичот се претставени 7 винарии и 27 вина од локални, регионални и интернационални вински сорти.
Имаме импресивна винска сцена, си мислам, слушајќи како многу млади винарии креираат уникатни брендови, зошто идејата е да се „купува квалитетно а да се консумира одговорно“.

Во фоајето на киното „Манаки“ следува коктел, со што ако не со вино и „боцкање“ на кашкавал чуван во комиње- изненадувањето од Слоу фуд, поконкретно, на Игор Поповски. Раскошен вкус, а уште пораскошно расположение пред проекција на документарниот филм „Barolo boys“ на Напаоло Казалис и Тициано Гаја.

Винскиот салон претопен со гламурот на Офицерскиот дом

Сабота, 4 декември, ден натопен со сонце. Кулминација ќе биде напладне- заклучувам, додека „на лице место“ ги гледам подготовките за вечерашниот вински настан. Во Офицерскиот дом се случува „work in progres“, се поставуваат банери, некој би помислил дека првите луѓе на Слоу фуд во пресрет на дешаванката си ги одбираат вратоврските, но не- се борат со паноа, местат и разместуваат… Имам среќа што го знам Стево од „Боеми“, тука во друга функција, кој го покажува реновираниот Офицерски дом: се качуваме горе, преку филмските скали- одлични за правење селфија, го забележувам блесокот на кристалните лустери и шаренилото на витражните стакла… Овој редок примерок на архитектура е изграден во 1911 од управникот на битолскиот вилает Абдул Керим-паша, а целосно е завршен во 1919 година.
Како слични објекти и овој и служел на елитата на повеќе војски за балови, свечени приеми и декадентни одмори. И има уште на тема-историја на Офицерскиот, но вечерва, евидентно истиот ќе се претвори во храмот на виното.

Сега е 16 часот и се крцка : на приземјето се излагачите од Слоу фуд, драги пријатни лица, кои за овие неколку години ми станаа пријатели – Мирјана Ангелеска со своите култни џемови од шипинки, слатка од малини и капини, луто-благи деликатеси, „Papas“ од Охрид, најдобрата сувенирница за храна, односно макала во комбинација со ореви, лешници, и- клот…Димитар ги посочува месените залчиња од „Пирустија“, што, вкусив, станаа „едно“ со макалото…

Потоа, чудесии, благи и солени намази, масла од тартуфи на кои со сета своја енергија блеска Валентина Митрова, па „Моја бавча“ со „хенд мејд“ демирхисарските зимници убави и на вкус и на око, медот од Дихово на браќата Наце и Бале, деликатесните сирења на Давид од Раштак во „Кози млеко планина“, мераците на сувомеснатите „Гавриловски“ од Гостивар кои мамат и на втор и на трет залак, производители на масло и чипс од лешник, омилениот Пеце Клечкаровски со благите деликатеси на „Леска“, Саша Стојчески со цела палета масла од тартуфи, солени и благи грицки од „Кадабо“, прочуената буковска пипер… На секој чекор зачинети интерни приказни што го прават космосот на Слоу фуд, муабети, подршка, комплименти, сакам на сите да им кажам дека се и добри и единствени…

Горе на катот е храмот на виното. Скала по скала, неколку пати, пардон- многу пати во текот на ноќта, ме држат во добра форма. Гламурот на Офицерскиот дом е пренесен тука кај виното : убави луѓе го наличиле салонот, прекрасен женски свет измамува воздишки па имам чувство дека не се бројат ниту чашки, ниту години…Секоја винарија како на својот имот е со најдобрите репрезенти, се ладат вината, блескаат чашките. Им ги гледам лицата на луѓето што го прават овој божји пајалок: кај сите го има оној доверлив поглед што чека да го препознаете нивното вино. Можеби затоа здравиците беа така срдечни и искрени, како да му наздравуваа на животот.
Организаторите најавија изложба и дегустација на вина и дестилати, од прва рака дознавам дека станува збор за 25 винарии, 5 дестилерии, 15 производители на храна, една крафт продавница и уште 3 изложувачи поврзани со вино и храна.
Како и да е – секое вино се пробува, од некое се доволни само неколку голтки, а некое се испива до крај. И така до бесконечна конечност.
Отварањето го испуштив, зошто растена во манирот на Пепелашка, додуша сега во „кадифени години“, сакав да го испочитувам премолчениот дрес код, па скокнав да се пресоблечам. Имаше официјален старт, со говор, танцување, велат, со и во стил.

За еден час повторно сум на „ the face of the place“: слушам музика, слушам вино: атмосверата што ја познавам од претходниот живот, полна со пркос кон времето и минливоста. Ех, колку песни ја опеаја оваа божја напивка, што се не е смислено, кажано. Италијаните ја знаеа магијата на виното откако ќе се стемни, па ја лоцираа убавината: „ Виното е олово наутро, напладне е сребро, а во текот на ноќта станува злато.“
И, каде и да заталка поглед, луѓе на „иста задача“- да им биде убаво, лица што би сакала да ги сретнам повторно, „лабави“ и без да кажат- знам, и тие го сакаат моментот- сега и тука.

Во финалето на ноќта, како секоја нормална Синдарела, го напуштам салонот: не ја заборавив чевлата, ама во чекор со времето и тенденциите, шуќур, си го најдов телефонот.

За крај на текстот, но на почеток на едно убаво другарување како што вели „Казабланка“, уште еднаш комплименти до организаторот „Слоу Фуд Македонија“ и локалната подршка „Слоу Фуд Битола“.
Луѓе, што поскоро правете нов Вински салон. Третото издание беше незаборавно.

Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!