Со фантастичен модно- драмски спектакл, „тајната вечера“ на Ивана Кнез, започна Скопскиот моден фестивал, што судејќи по посетеноста е омилен ивент во нашата престолнина.
Македонската дизајнерка Ивана Кнез со „Viva La Drama“ го одбележа своето 15. годишно професионално постоење, а сите што ја познаваат оваа харизматична млада жена знаат дека таа го чувствува она што е под површината. Нејзините креации се сензуални и сензибилни во исто време, во сосема лични рамки ама и во поширока филозофска смисла, наменети за храбри и секси дами, со висок IQ.
Затоа е драмата.
Со„Viva La Drama“ е разрешена мистеријата на тајната вечера, а Ивана на присутните гости под маски им ја сервираше целата своја кариера, преточена во креации инспирирани од петте филмови кои оставиле најсилен впечаток во креативната дејност на дизајнерката.
– Инспирирана сум од пет култни филмови кои влијаеа во создавањето на тоа што сум, култни филмови кои до ден денес менуваат животи. Ревијата ја посветувам на моите најмили, на оние кои ме поддржаа, без разлика на се што се случи изминативе петнаесет години… Наменета е за жени кои не се плашат да живеат, кои не се вклопуваат во туѓи критериуми за среќа и кои имаат храброст да бидат свои- вели Ивана.
На модната ревија со драмски призвук, дизајнерката ја претстави новата колекција, која е стилски омаж на филмовите: The Pink Panther (1963), Scarface (1983), Pulp Fiction (1994), The Fifth Element (1997) и Gladiator (2000), низ сценска игра на моделите, кои слободно комуницираа со публиката, претворајќи ја и неа во активен учесник во претставата. Шоуто кулминираше со изведбата на „Lady Marmalade“ oд прекрасната Бојана Скендеровски, додека манекенките дефилираа во црвени корсети, буква по буква, за френетичен завршеток на спектаклот „Viva La Drama“.
Комплименти за Ивана, беше ова инспиративна и магична вечер. И уште нешто: нејзиниот моден белег се „намирисува“ на најголеми далечини: провокативно, префинето и многу, многу моќно.
Вања Тодоровска