Во менопаузата жените страдаат а мажите се глупираат
На многу жени менопаузата им ја брише насмевката, се чувствуваат старо, непотребно, истрошено, се затвораат во себе, а тагата полека им станува сојузник на патот во еден правец.
За жал, дискриминаторскиот однос кон староста, како дел од културата на која и припаѓаме, ги дели луѓето и по години и по старост. Тој однос незабележливо и несвесно ги окупира и нашите размислувања. Поголемиот дел од жените стареењето и климактериумот го доживуваат како болест.
Всушност, станува збор за нормален дел од животот, фаза, уште еден долг чекор кон новото поглавје што започнува со нередовни менструални циклуси, односно намалено излачување на хормоните естроген и прогестерон. Многу често станува збор за жени кои имале очекувања што ја надминале реалноста, па на околината и се наметнале како кавгаџики и персони погодни за одбегнување…
Но, и во климактериумот и по него, жената сеуште ќе биде жена со сите нејзини позитивни атрибути, либидото ќе и се намали, но набргу организмот ќе се навикне на новата хормонална рамнотежа и тоа ќе биде доволно силно за долг и здрав сексуален живот, ослободен од размислувањата за контрацепција и планирање на семејството. Освен тоа, таа е веќе реализирана, задоволна и сигурна во себе, и навистина делува магнестки привлечно врз околината. Така е со понежниот пол, додека посилниот својот дел од приказната го базира единствено во стравот од староста.
И кај нив, со напредување на возраста постепено се случуваат одредени хормонални промени, но не станува збор за климактериум, бидејќи тој израз е врзан само за генеративниот период на жената. Навистина често и во лаичкиот, па и во медицинскиот јазик некои зборуваат за климактерични психолошки и телесни симптоми, но тие освен хормоналната поврзаност, почесто се поврзани со одредени психолошки притисоци што ги носат годините: стареењето напредува, се ближи крај на животот, па ајде да ја живееме својата втора младост и да се втурнеме во некои еротски авантури што не одговараат на возраста и сето она што таа го носи и на психолошки и на биолошки план. Наводно, покаченото либидо е само индивидуална психолошка компензација на намалената потенција. Оттаму се и честите коментари: пушти го, нека се изглупира малку, ова му е нешто како – лебедова песна.
фото: Pixabay
Коментарите се затворени