Ден – сабота, викендот наголемо е забрефтан, особено што е 22 декември а зависниците и навлечените на нервоза, во пресрет на Нова година, веќе наголемо се активирааат.
Фала му на Господ, мојата дестинација е помирна- Кинотека на Македонија, каде се случува Крафтинг Пивски Салон, а главните херои се домашните производители на занаетчиско пиво. Пивските херои зад и на сцената.
Настанот е втор по ред а организаторите се – Марјан Костадиновски, сопственик на порталот „Сакам пиво“ и Александар Матевски, и двајцата производители на пиво. Ветер во грб, или ако сакате -логистика им се Слоу фуд Македонија и Слоу фуд Водно.
За пиво имам куп предрасуди. Првата е пивскиот стомак а втората, дека се пие само во лето (добро разладува) и- на двете се сопнав, веднаш на почетокот.
Судејќи по посетитеноста и гостите, разни чуда се случуваат на домашната пивска сцена ама „гумата за пливање“ околу половината ја имаа тројца- четворица. И кој смислил дека пивото е летна приказна?
Напротив. Што му се изнарадував и во зима, комбинирајќи го со послужените пити…Мераци.
Така се родија и новите знаења.
Нов прв заклучок е дека пивопијците, или пивопроизводителите се многу духовити типови- читам по шишињата: Курајбери, Стара 5-ка, Црна дупка, Чаирска романтика, Christmas Ale, Arogant Ale…
Потоа, вкусовите- изненадувачки комплексни, богати, за некои моето непце беше „мало бебе“, некои ме освежија, а имаше и апсолутна мистика…
Приврзаниците на пивото во саботата попладне си уживаа натенане, пробува и се шеткаа од шанк до шанк. Имаше многу интересни ликови, се изнагледав бради, очила и тетоважи… Имаше и многу убави жени…Се на се, дружба што го спои неспоивото и, сите уживаа во пивото.
Искрено кажано, на добар пат сум да ги сменам личните перформанси.
Вања Тодоровска, фото- Верче Стефановска
Коментарите се затворени