Убава вест за сите оние што го сакаат, почитуваат и живеат во симбиоза со божјата напивка: седмото издание на престижниот вински салон „Винодонија“, ќе се случува на 8 и 9 декември (петок и сабота) во Мериот, а работното време во двата дена ќе биде од 15- 21.00 часот. Оние што го почитуваат овој ивент, а бројката е навистина голема, со нетрпение ги бројат деновите. Има зошто.
Полека но сигурно, „Винодинија“ стана традиција а многумина ја нарекуваат- рај за хедонисти, бидејќи ја негува винската страст, промовира добри вина, настан со едукативен карактер што со години ја потврдува својата цел: подигнување на винската свест и супериорен развој на нашата винска култура.
Организаторите најавуваат настан полн со можности: гостите да дегустираат вина од 80 винарии со импресивна бројка од 600 етикети, нашите уметници-винари ќе ги донесат најдобрите вина, но ова е прилика да се истражат и дегустираат и странските вина кои во последните години се се позастапени кај нас.
Во рамките на салонот ќе можат да се вкусат гастрономски брендови што ќе го потенцираат вкусот на виното, а ќе биде застапена и гурманската традицијата на Слоу Фуд Македонија: ќе можете да ги вкусите производите од тартуфи на ТУФ.МК на семејството Митрови, тука се и Стојчески, па, волшебните теглички на Моја Бавча, лешниково масло од Перески, мармелади и слатка на Ангелески, афионово масло.., а ќе можат да се дегустираат и производите на Рудине, Ботега дел густо, Ликом маслинови масла, Екстра фунги, Пекабеско…
„Винодонија“ по правило ќе понуди едукативен пристап кон виното: освен дегустации за два дена ќе се случат неколку работилници и мастер класови, ќе се слуша џез.., вистински конекции во развивањето на винската култура во нашата земја.
Картите за Скопски вински салон – Винодонија 2023 ќе бидат во ограничен број, и можат да се купат однапред, електронски (онлајн) по цена од 750 денари за секој ден посебно, а еден мал дел и на самиот влез, пред почетокот на настанот, по цена од 1.000 денари за секој ден посебно.
Коментарите се затворени