Како да не им биде здодевно додека се на распуст

За време на летниот распуст еден од главните проблеми на родителите е како да им го организираат времето на своите деца, кои не одат на училиште. Покрај одморот, останува многу слободно време што некои го поминуваат кај баба и дедо, додека останатите не знаат што да прават со слободното време. Ова се некои предлози како на децата да им биде поинтересно.

Игри на отворено
Иако надвор е жешко, тоа не значи дека детето треба да седи дома. Бидете сигурни дека е соодветно облечено и пуштете го да ужива  надвор… Психолозите ја нагласуваат важноста од играњето за социјалниот, емотивен и когнитивен развој на детето, покрај очигледниот физички бенефит.

Читање
Можеби најдобра самостојна активност за детето е читањето. Денеска не е лесно да ги охрабрите децата да читаат книги, кога забавата може да ја добијат на интернет, но потрудете се да пронајдете наслови кои би ги заинтересирале, да уплатите претплата на некое списание за деца или барем да се потрудите детето да ги прочита задолжителните лектири. Доколку вашето семејство генерално сака да чита, не постои пречка и на децата да им го претставите тоа задоволство во најдобро светло.

Поддржете го детето во занимавање со хоби
Хобито им помага на децата да ја изразат својата креативност и да научат нови вештини, а љубовта спрема некоја активност од детски денови може да биде задоволство кое ќе трае цел живот. Затоа не двоумете се да го поддржите детето во пронаоѓање хоби, па дури и ако промени неколку активности пред да го најде вистинското, кое ќе му одговара. Уште една добра страна на хобито е што ја развива независноста на детето! Во почетокот веројатно ќе треба да го научите на основите, без разлика дали се работи за свирење на музички инструмент, моделирање, собирање парички или фотографии, но по овој почетен напор детето само ќе го развие својот талент и љубов спрема избраното хоби. А спомените врзани за почетокот на занимавање со него имаат тенденција да бидат некои од најубавите спомени од детството.

Смислете нови игри заедно со децата
Децата сами меѓу себе брзо и лесно учат нови игри, но понекогаш „скокнете“ и вие внатре во играта за да ги научите нешто ново и за да им го освежите репертоарот. Сетете се на вашите омилени игри од детството – брза географија, пантомима, игри со карти и слични игри. Пуштете ги децата да ја пуштат имагинацијата во измислување на игри и правење на свои играчки. Често пати за тоа не ви е потребно богатство за да купите материјал, туку можете да го користите она што го имате во вашиот дом.

Кутии за борба против здодевноста
Досетливите мајки кои водат сметка за забава на децата и куќниот буџет се досетиле и смислиле кутии за борба против здодевноста. Идејата е да се собере и да се искористи сето она што го имате дома за детски активности, само тематски да се организира материјалот. Може да направите „уметничка кутија“ во која ќе ги ставите сите боички, темперни, фломастери, остатоци од пластелин и други материјали неискористени на часовите по ликовно и да го насочите детето да го направи своето ремек-дело. Одлична идеја за девојчиња е „модна кутија“, во која ќе влезат марами, остатоци од материјали, стари перничиња и чаршави, перли, украсни ленти и облека која повеќе не се носи заедно со игла и конци, со чија помош малите дизајнерки можат да ги осмислат своите модели и да направат мини ревија со кукли или живи модели.
На момчињата исто така ќе им се допадне „мајсторска кутија“ која тато може да им ја наполни со парчиња од дрво, штици, цевки, јаже, штипки, лепак и со неколку парчиња алатки со кои тие можат да прават разни мајстории. Основната идеја на овие кутии е да бидат тематски мини центри на занимација кои не чинат дополнително, а ги развиваат детските таленти и квалитетно го пополнуваат нивното слободно време.

Фото – Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени