0.8 C
Skopje
вторник, јануари 28, 2025
spot_img

Валентина Митрова: Нашата семејна приказна за неговото височество -тартуф, вградена во брендот ТУФ

Доколку ги сакате тартуфите, ако сте навлечени на нивната арома, миризба, можеби ќе ве инспирира приказната на Валентина. Имено, семејството Митрови се пионери на тартуфарството кај нас што резултираше во создавањето и етаблирањето на брендот ТУФ, кој во себе ги спои љубовта кон планините, кучињата и љубопитството поврзано со желба за иновации. Таа сплотеност трае 12 години и во континуитет преку најразлични и највкусни производи со свежи и сушени тартуфи.
Всушност, што и да помислите на темата- тартуфи, во која и да е комбинација, па и онаа благо- солена, како „фајнл тач“ или како „тартуф база“, тоа се вистински предизвици за гурманите: свеж тартуф во најразлични комбинации со сирење, џем, ајвар, потоа, масла со тартуфи, намази во комбинација со маслинки и печурки, палента и ориз со сушени тартуфи, разни благо- солени комбинации што, ем што се вкусни ем се и вистински еликсир на младоста и здравјето. Ете тоа значи неговото височество- тартуф.

И покрај имиџот на тартуфи, нивната специфика, особеност, „и мирис и вкус“, се повеќе се демистифицираат овие специфични печурки, стануваат се подостапни и побарани. Веќе 12 години вие семејно се занимавате со тартуфарство. Предизвик, желба, љубопитство: како започна се?
– Љубопитност во комбинација со љубовта кон природата, планините, животните, на мојот сопруг Тони. Гледајќи ги пријателите во Италија и Франција, кои од хоби собираа тартуфи, тоа ја разбуди желбата и тој да го следи нивниот пример и да почне да трага кај нас. Така се создаде тој убав спој помеѓу планината и животните, во хоби наречено – тартуфарство.
За да може да го прави тоа, од Италија купивме куче, специјален трагач на тартуфи, кучето Берта, со кое поминавме долг процес на дресура. Јас ја научив да биде педантна, како вистинска дама – италијанка а сопругот ја издресира во врвен трагач по тартуфи. Берта, куче со италијанско потекло е со врвно педигре има освојувано многу пехари и национални изложби на кучиња. Со нејзиното парење со исто расно италијанско куче, се зголеми бројот на нејзините наследници, кои уште од малечки се подготвуваат и тренираат за откопувањето на црното злато – тартуфот.
Таа ни донесе огромна среќа во семејството и за нас веќе започна една нова приказна исполнета со трагање по тартуфи, долги денови поминати со Берта низ падините и високите планини низ целата држава и радоста на секое ново парче тартуф што го наоѓаше. Како се специјализираше во пронаоѓањето на тартуфи сопругот, од ден на ден се зголемуваше количината на тартуфи во домот и сфатив дека ќе морам да почнам да правам нешто со нив, за да го продолжиме времето на користење.Тогаш почна мојата потрага по рецепти, учење истражување, за да направам нешто со тартуфите. Морав да барам и помош од луѓе од странство, Италија, Иран, Англија, кои имаат научни сознанија и докторски дисертации за тартуфите, а тие беа расположени за соработка и несебично го споделуваа со мене своето знаење..Учев како да постапувам со тартуфите кога ќе ги ставам во производ, тој е специфичен, ако се надмине одредена температура, губи секаква полезност и не е веќе корисен за здравјето… Комуницирам и со нашите професори, бидејќи за да се преработи тартуфот треба многу знаење…
Моето патешествие да дојдам до добар производ траеше околу 5 години. Првиот производ ми беше- тартуфи во маслиново масло, потоа, намаз од маслинки со тартуф, па направив намаз со тартуфи, шампињони и буковки. Интересно е што сите производи, и по 3 и по 12 месеци беа во одлична состојба, што значи добро се обработени и подготвени.
Инаку, целото семејство е вклучено во тартуфарството. На пазарот го пласираме нашиот бренд ТУФ, под кој ќе можат да се најдат свежи тартуфи, како и комбинации, слатки и солени, со тартуфи.
Во моментов компанијата работи како мал семеен бизнис со голем потенцијал за негово понатамошно развивање и проширување, како на нашето поднебје, така и на странскиот пазар. Постои одлична можност овие производи да се достапни во поголемите и подобро снабдени маркети низ целата држава, бидејќи истите би имале мошне достапна цена, а наскоро тоа и ќе се оствари, бидејќи ќе се продаваат во маркетите на Тинекс, бидејќи сме дел од „Стартап хероите“, стартап компании кои добивме поддршка за нашиот проект од ФИТР.


Тартуфот расте под земја, наликува на „грд компир“ а него можат да го намирисаат добро истренирани кучиња . Вие имате 7 обучени трагачи, но и
одгледувачница на кучиња на Новоселски пат, пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел. Колку ова ви ја олеснува работата?

– Да, кога ќе се погледне тартуфот, многу луѓе како да имаат одбивност од изгледот, бидејќи, како што велите, изгледа како грд компир, извалкан со земја. Но, не е така, тартуфот е нешто најскапоцено од природата. Луѓето го запознаваат и веќе го менуваат мислењето. Но, за да им го понудиме, во поголеми количини и да биде подостапен за користење, ни помагаат нашите кучиња трагачи. Затоа, имаме одгледувачница на кучиња пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел, но ниту едно од кучињата таму не се во крвно сродство. Имаме 7 кучиња, сите се обучени трагачи, ниту едно од нив, не е во крвно сродство, туку се од разни држави, Швајцарија, Грција, Италија, Франција, Иран.
Одгледувачницата е по сите светски стандарди, за оваа работа, проверена од инспектори од Брисел: тие направија увид, дојдоа да ја проверат и контролираат и дадоа највисоки оценки, со изненадување дека кај нас постои вакво нешто, толку професионално направено и со сите пропишани стандарди. За квалитето на кучињата зборува и фактот што ги носевме во Словенија, Србија и Хрватска, за да провериме дали можат да го најдат белиот тартуф. Во Македонија, досега го немаат најдено.
Ние сме првите што го пронајдовме македонскиот тартуф на падините на македонските планини со нашите седум врвно издресирани кучиња – ловци на тартуфи. Без да имате добар тим од кучиња, не можете да очекувате дека ќе обезбедите количини и ќе може сериозно да се занимавате со тартуфарството. Но, со кучиња, врвни трагачи, кои единствено тоа го прават најдобро, професионално обучени од расата Lagotto Romagnolo, е полесно. Секако, би можело да се користат и останати раси на кучиња со исклучително добро сетило за мирис, како на пример Springer Spaniel, Beagle, Labrador retriever, и други. ЕВАЛ располага со легло на професионално обучени кучиња од расата ,,lagotto romagnolo” и кокер-шпаниел. За нивната обука и тренинг е одговорен Тони, кој важи лиценциран тартуфар и пронаоѓач на ваков тип печурки со повеќегодишно искуство. Така, за тартуфарството, навистина многу ни олеснуваат нашите дресирани кучиња.

Верувам дека многумина се интересираат каде се кај нас можат да се најдат тартуфи, каде најмногу виреат, дали застапеноста е поврзана со составот на земјата, климата…
– Тартуфите може да се најдат низ целата држава, но патот до пронаоѓањето, долгите часови поминати низ планините и непристапните предели се дел од тартуфарството.Тартуфите се тешки за пронаоѓање бидејќи растат од десет до 30 сантриметри длабоко во почвата. До нив се стигнува само со добро истренираните кучиња-трагачи, кои можат да ја намирисаат печурката, но секако и да ја откопаат на правилен начин без да ја оштетат.

Што е најинтересно во барањето на тартуфи? Дали секогаш ги има, независно од време, или ги користите и во сушена форма?
– Тартуфите се бараат во сезони. Секоја сезона е инспиративна и количината зависи од повеќе фактори и од времето и од тоа каква е годината.
Јас ги преработувам и правам производи и од сушен тартуф, го имам сушениот тартуф и како чај, кој многу е полезен за здравјето, потоа сушен тартуф со крупна сол, палента, ориз идр.

Вие сте членка на Слоу фуд и вашите презентации на тартуфи не се поврзани само со маслата, туку постои цела палета на производи, интересни комбинации, како што спомнавте- со сол, намази со тартуфи, слатко од лути пиперчиња и тартуфи, палента и тартуфи… Колку успевате на луѓето да им ја доближте оваа печурка, колку се купува?
– Да, членувам во Слоу фуд и морам да искажам благодарност, за поддршката и можноста што ја имам како членка, да бидам дел од сите настани и да ги презентирам и доближам многу повеќе производите од тартуфи и свежите тартуфи до луѓето, со цел да ги едуцирам и да ја препознаат вредноста за здравјето од тартуфите. Производите на ТУФ беа изложени и на многу саеми за кулинарство и здрава храна, како на Третиот и Четвртиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „ОРГАНСКА ТРПЕЗА“ во Куманово, Slow Food Салон 2019, Skopje Wine Salon- Vinodonia 2018, Vinodonia 2019 и оваа година исто така. Луѓето ме покануваат на разни настани, на телевизиски и радио емисии да зготвам или презентирам од производите и да ја раскажам приказната за тартуфите.Чест ми е што можеме токму тартуфот да го донесеме и на секоја трпеза кај секој љубител на нови и богати вкусови.

Велат кога ќе се навлечеш на аромта на тартуф, тоа е на долги стази. Откријте ни: што со тартуфи е најмногу застапено во вашата кујна?
– Нашите производи се приготвуваат по традиционален рецепт, со едноставен процес на конзервација, кој овозможува да се зачуваат најдрагоцените состојќи на тартуфот, кои се вистинска „бомба“ за здравјето.
Во мојата кујна застапени се многу специјалитети со тартуфи, од солено до слатко, пасти, патеа, комбинации со месо, десерти кои се збогатени со тартуф,тоа е една палета на менито која е вистинско гастрономско задоволство. Јас уживам да експериментирам и секогаш создавам некои нови комбинации, кои ги дегустираме и се покажуваат како одлични. Морам да споделам дека, не само во мојата кујна, туку за да уживаат луѓето во вкусот на тартуфите кај нас, во декември минатата година, во „Јавна соба“ направивме „Вечер на тартуфи“, која беше исполнета со специјално осмислена програма и мени од специјалитети од тартуф. Голема благодарност до сопственикот Александар, за довербата, отвореноста за соработка и огромната поддршка, како и неговата иновативност, на своите посетители да им овозможи ново и уникатно гурманско искуство. На менито се најдоа оригинални рецепти, приготвени со свеж македонски тартуф: канапеи со тартуфи, пене паста со тартуфи, пилешко месо со тартуфи, слатки бомбици со тартуфи, ете тоа се дел од моите омилени специјалитети.
Тартуфите се толку инспиративни, што може да се препуштите на фантазијата и да направите одлични специјалитети. Вкусот, секако ќе ве плени.

Тартуфите ги споредуваат со дијаманти, што поради цената, што поради начинот на чистење. Колку овие печурки влијаат на добра состојба на организмот , продолжување на младост, убавина?
– Да, овие „црни дијаманти“, заслужено го добиле овој епитет. Навистина, ова е дар од природата, лек во вистинска смисла на зборот а ако редовно се внесува во организмот, подмладува, зајакнува, го засилува имунитетот. Изобилуваат со минерали- калиум, натриум и фосфор, го штитат здравјето на срцето и целокупниот кардиоваскуларен систем. Се верува дека со консумирањето тартуфи го подобруваат расположението, а на некои од нив им се препишуваат и афродизијачки својства.
Македонскиот тартуф е еликсир на виталноста и здравјето на луѓето.Тартуфот помага при вируси, грип, алергии, артритис, астма бронхитис, егзема хепатитис, херпес, ревматизам, стерилитет кај жените, миоми. Топло го препорачувам на сите, за да го почувствуваа овој природен дар, кој ни е даден за да не штити и прави поздрави. Природата создала, ние треба да го искористиме.

Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена