Слоганот „Ние сме природа“ („We Are Nature“) е темата на овогодинешниот Тера Мадре Салон дел Густо 2024 (Terra Madre Salone del Gusto), што од 26 до 30 септември ќе се одржи во прекрасна урбана оаза на паркот Дора во Торино.
Цели пет дена подржувачите и активистите на мрежата на Слоу Фуд, изложувачи, производители, консументи, многубројни гости и посетители од целиот свет, ќе ја слават човечката длабока поврзаност со природата, биодиверзитетот и агроекологијата. Всушност, годинава Тера Мадре треба да одгатне и поврзе: како храната да ни ја врати природата.
На овој најголем, највкусен и најшарен пазар, што не само фестивал на храна, туку и едукативна платформа која нe потсетува за важноста на локалните традиции, одржливоста и глобалната солидарност, ќе учествуваат над 600 производители од 120 земји. Преку разновидни активности тие ќе сведочат дека светот може да конзумира добра, чиста и правична храна.
На Тера Мадре ќе има над 350 настани и работилници, вклучувајќи и лаборатории, дегустации, дебати и други активности кои промовираат одржлива исхрана и биоразновидност.
Преку овие мултикултурни средби, посетителите ќе имаат безброј можности да научат и споделат древни техники за земјоделство но и разни егзибиции поврзани со подготовка на храна. Алијанси на готвачи најавуваат кулинарски шоуа а интернационални„ѕвездени“ готвачи прославени во промоцијата на локалните производи: Катерина Чераудо, Шон Шерман, Алехандро Еспиноза.., ќе ги претстават своите кулинарски вештини.
Слоу Фуд Македонија на Тера Мадре ќе има активности поврзани со Slow Wine: претставување на автентичните сорти вино- Станушина, Вранец и Жилавка и на Президиумите: Президиум на македонска медоносна пчела, Президиум на буковска пипер и Президиум на станушината.
Terra Madre Salone del Gusto е организиран од Slow Food, градот Торино и регионот Пиемонт.
Коментарите се затворени