За сите што постат :вкусни рецепти
ЗАПЕЧЕН ГРАВ
Потребно е:
500 г крупен грав
500 г кромид
мирудии
црвен пипер
црн пипер во зрно
2 дл масло
сол
Измијте го гравот и оставете го да кисне преку ноќта. Следниот ден ставете го да се вари во солена вода, но внимавајте да не се превари. На загреано масло пропржете го исечканиот кромид. Додајте мирудии и црвен пипер. Во подмачкан сад за печење наредете ред грав, ред кромид и црн пипер се` додека не го потрошите целиот материјал. Најгоре треба да биде редот со кромид. По потреба досолете. Протресете го садот и така изедначете ја смесата. Печете во загреана рерна 20 минути на силен оган. Потоа намалете ја температурата. Печениот грав се служи со салата од кисела или свежа зелка.
РУСТИКАЛНИ КОМПИРИ
Потребно е:1 кг компири
неколку чешниња лук
1 гранче рузмарин
маслиново масло
сол
Измијте го добро компирот, а потоа излупете го (зачувајте ја кората), исечете го на четвртинки и повторно измијте. Кората ставете ја во газа и врзете ја. Ставете вода да се згрее, посолете, па ставете го компирот и газата во која е кората. Варете 20 мин. Процедете и оставете 10 минути да се олади. Во плехче ставете малку маслиново масло, додајте го компирот и промешајте за да поприми од сите страни. Префрлете го во рерна загреана на 200 степени. Печете околу еден час (треба да стане златно кафеав) и повремено мешајте, а 10 мин. пред крајот посипете со ситно исечкан лук и рузмарин.
РОЛОВАНА БАКЛАВА
Потребно е: 500 г кори за баклава
1,5 дл вода
200 г гриз
150 г ситно сечкани ореви
100 г ситно сечкани бадеми
200 г суво грозје
9 лажици шеќер
Шербет:
1 л вода
1кг шеќер
1 лимон на тркалца
Најпрво подгответе го филот – во поголем сад ставете 1,5 дл вода и шеќер. Кога ќе проврие, намалете го огнот, па полека ставајте го гризот, постојано мешајќи со лажица за да не се создадат топчиња. Кога смесата ќе се згусне, додајте ги оревите, бадемите и сувото грозје. Добро измешајте и оставете да се излади.
Поделете ги корите по пет за секоја ролна за да добиете пет ролни. Секоја кора пропрскајте ја со масло и наредете ја една врз друга. Врз петтата ставете го филот и завиткајте ја така што краевите ќе ги свиткате навнатре за да не излезе од содржината. Подмачкајте подлабок плех. Баклавите исечете ги на тркалца, нека бидат помали. Печете на 200 степени околу половина час. Оставете да се изладат, а за тоа време подгответе го шербетот. Ставете да се варат 1 кг шеќер и литар вода. Додајте тркалца лимон на половина вриење. Ладната баклава полијте ја со врел шербет.
ПОСЕН КОЛАЧ
Потребно е: 700 г брашно
30г свеж квасец
500 мл кисела вода
100 мл масло
1 лажица шеќер
2 лажици сол
рендана кора од лимон
Квасецот и шеќерот ставете ги со млака вода и малку брашно да киснат. Кога ќе стаса, замесете го тестото- да не е многу тврдо и да не се лепи за раце, и додадете рендана кора од лимон. Добро обработете го и оставете да кисне на топло место околу 40 мин. Нараснатото тесто повторно премесете го, ставете го во соодветен сад обложен со хартија или подмачкан и оставете да нарасне уште 15 минути, а потоа печете на 240 степени околу 50-60 мин.
Коментарите се затворени