Кога Марио готви, на Џејми Оливер му паѓа престилката
Нема ништо поживотно од Марио во кујна, сеедно дали трепка и го фали своето јадење што е „за прсте полизат“, или брчка по теглички со мирудии, мерејќи и премерувајќи занесен од боите и миризбите. Готвењето, знае овој популарен лик од „Преспав“, е вистински тренд, па тој „логично“ од метро се префрли на теренот на гастро- сексуалци и со целиот свој капацитет, еве стана бренд.
Васил Зафирчев со ликот на Марио повторно ја екипира огромната публика што ги следи неговите готвачки победи на официјалните канали на „Преспав“ и профилите kujnatanamario.
Кујната на Марио е новиот предизвик, авантура на омилениот лик од „Преспав“. Во сета негова помпезност кога ќе влезе и блесне во кујната, на своето работно место: со што сe се опремува Марио, за да нештата бидат -на висина на задача? Која е неговата тајна мирудија, она „нешто“ што освојува?
– За Марио кујната е секогаш авантура. Некогаш опасна по неговиот живот и безбедноста на пансионот, а некогаш и со одлични погодоци на големо изненадување на сите. Како и секој „вистински“ готвач, Марио никогаш не влегува во кујната без готвачка капа, престилка и ракавици, за сe да биде по ХАСАП. За изборот на рецептите кои ги подготвува ја има книгата „Волшебните вкусови на Еквилибриум“. За украсување пак и аранжман на јадењата има цел сет од помагала и инструменти во манирот на големите шефови на кујната. А кога нештата ќе тргнат наопаку, спасот го бара во листата ресторани со достава, која благодарение на Јелена е секогаш добро ажурирана.
И покрај големата снаодливост, Марио не беше поразен, односно, никогаш не се открија неговите „злодела“ кога ги нарачуваше јадењата. И она скромно кулинарско знаење што го поседува, овој лик го експонира навистина многу успешно.
– Тоа е дел од биографијата на Марио и неговата позиција во однос на другите ликови од пансионот. Иако сe уште знае да го загори кромидот, да ги помеша печурките, па дури и да нарача кога ќе загусти, Марио имаше голем напредок во иминатите пет сезони. Од целосен неуспех и катастрофа во кујната од првите епизоди на серијалот, преку неговото фамозно „тавчето на гравчето“ и „Васината тортата“, во последните сезони на „Преспав“ Марио успеа да промовира и комбинација на азиската и европската интернационална кујна. И сето тоа благодарение на неговата желба за учење и личен развој, но и на неговата неверојатна снаодливост секогаш да излезе чист од ситуацииите во кои ќе се заплетка. И токму од обидите да се извлече, произлегува целата комедија на неговиот лик.
Кој се ќе готви во новата кујна, новиот проект, кај Марио и какви се гурманлаци, гледачите, односно фановите на оваа серија ќе видат- на лице место?
– Кујната на пансионот станува кујната на Марио, мини дигитален серијал од 10 епизоди, дериват на ТВ серијата „Преспав“. Во него Марио го снима на видео целиот процес на изучување на кулинарството. И заедно со неговите гости, другите ликови од серијалот, подготвуваат 10 одлични рецепти од медитеранската и интернационалната кујна. Од „Октопад на жар“ и „Цезар салата“, до „Витело тонато“ и “Мези пакери“… Покрај хуморот и забавата во духот на „Преспав“, шоуто има и едукативен карактер и ќе биде одлична провокација и инспирација за сите оние кои сакаат да готват и да ги откриваат малите тајни на големите мајстори во кулинарството.
Патем, колку Васил Зафирчев, надвор од рефлекторите и сцената сака да готви? Велат, можеш да пиеш со секого но седнувањето на софра е привилегија за најблиските. Кое јадење ти е омилено, и што велат твоите најблиски- каде немаш конкуренција?
– Одлично се снаоѓам во кујната. Уживам да готвам и за себе и за најблиските. Бидејќи самиот сум вегетеријанец, на моето мени се овошјето, зеленчукот и растителните протеински замени на месото. Ја обожувам азиската кујна и нејзините комбинации. На блиските роднини и пријатели омилени им се азиските пролетни ролца и суши со зеленчук и нори алги, бургерите со леќа или црвен грав, кремастите супи, свежите салати со најразлични дресинзи, како и веганските сирови десерти.
Вања Тодоровска
Фото: Кристијан Теодоров
Коментарите се затворени