Најинтересни рецепти со прокељ: Пробајте чорба и салата, ставете прокељ во бешамел сос или комбинирајте со пилешко
ПРОКЕЉ СО ПАВЛАКА
Потребно е: 1 кг прокељ, 50 г путер, 2 чешниња лук, 1 лажичка сол, 1 кромид, малку мелен црн пипер, 1 дл вода, 2 дл минерална вода.
Во подлабоко тавче стопете го путерот, додадете го ситно сечканиот кромид и по пет минути додадете го прокељот да се динста. Посолете и сипете црн пипер. Полијте со вода и поклопете да динста 15 мин. Во меѓувреме измешајте ја павлаката со истолчениот лук. Полијте врз прокељот и тргнете го од оган.
ЧОРБА
Потребно е: 500 г прокељ, еден компир, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 1 дл бело вино, 1 поголема главица целер, црн пипер и сол.
Пропржете го исечканиот кромид и лук, па додадете го прокељот, исечкан на половинки. Динстајте неколку минути, а потоа налијте вода. Додадете го компирот и целерот, исечен на коцки. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата и варете се` додека зеленчукот не омекне. Налејте од виното, посолете и ставете црн пипер.
ПРОКЕЉ ВО БЕШАМЕЛ СОС
Потребно е: 500 г прокељ, 50 г путер, 2 лажици брашно, 3 дл млако млеко, 1 лажица зачин, лажичка сечкан босилек и 2 чешниња лук.
Измијте го прокељот, потопете го во зовриена вода и оставете да се исцеди од водата. Пригответе го сосот така што во сад за готвење ќе го стопите путер на умерена температура, а потоа постепено додавајте го брашното, со постојано мешање. Полека сипете го млекото и постојано мешајте за да не се направат грутки. Кога ќе добиете сос со средна густина, намалете ја температурата на минимум и оставете да се крчка, а во меѓувреме додадете ги зачините, босилекот и ситно исечканиот лук. Во чинија ставете ги главиците прокељ, прелијте ги со топол бешамел сос и сервирајте додека е топло.
ПРОКЕЉ СО СЛАНИНА
Потребно е: 1 кг прокељ, 150 г сланина, 2-3 моркови, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 1,5 дл вода, сол, црн пипер, сушен зеленчук.
Измите го прокељот и исечете го на половинки, а морковите на тркалца. Кромидот и лукот исечкајте ги ситно. Исечете ја сланината на коцки и пропржете околу 5 минути и намалете ја температурата и додадете го прокељот, морковите, кромидот, лукот и сушениот зеленчук. Поклопете и варете на тивок оган со повремено мешање околу 20 минути или додека прокељот не омекне.
САЛАТА СО ПРОКЕЉ, МОРКОВИ И БАДЕМИ
Потребно е: 500 г прокељ, 150 мл кисела павлака, 100 г моркови, 2 чешниња лук, 50 г путер, 50 г бадеми, сол и црн пипер.
Измијте го и исчистете го прокељот, а во сад за готвење на ниска температура ставете 10 г путер и неколку секунди пропржете ги ливчињата бадем, да добијат златна нијанса. Додадете малку сол и црн пипер, па сипете ги во чинија за салата. Во ист сад на умерена температура стопете го остатокот од путерот, па ставете го прокељот и ситно исечканиот лук. Посолете и додадете црн пипер и со постојано мешање динстајте околу 10 минути. Кога главиците ќе почнат да добиваат жолтеникава нијанса ставете ја киселата павлака и почекајте да проврие, па намалете ја температурата и оставете да врие во поклопен сад 10 минути, со повремено мешање. Кога прокељот доволно ќе омекне, ставете го во садот за салата каде што се наоѓаат бадемите. Додадете го изренданиот морков и се заедно добро промешајте.
ЗАПЕЧЕНО ПИЛЕШКО СО ЗЕЛЕНЧУК
Потребно е: 300 г прокељ, 700 г пилешко месо, 1 главица брокула со средна големина, 4 лажици вегета, 4 дл јогурт, 100 г рендан кашкавал, 100 г трошки од леб и 2 лажици сончогледово масло.
Исечете го пилешкото месо на помали парчиња и кратко пропржете во тефлонско тавче. Обарете ја брокулата и прокељот во солена вода, а потоа исцедете. Ставете ги во огноотпорен сад кој најпрво сте го премачкале со масло, посипале со презла и сте додале 2 лажици сушен зеленчук и 50 г рендан кашкавал. Потоа наредете го пилешкото, остатокот од кашкавалот и печете на 200 степени околу 15 минути
Коментарите се затворени