Нина Деан: Каи е нашето чудо и најголемата љубов
Ниту една промена во животот не е толку комплексна, богата и длабока колку што е мајчинството и врската помеѓу мајката и синот. Овој огномет од чувства, завиткан во топлина и емоции, притоа надоен со тони љубов, навистина ги прави жените посебни.
Актерката Нина Деан вели дека тоа што стана мајка сосема и ги смени приоритетите, најчесто е расположена и со енергија, а кога не е така, една медитација ја враќа во нормала.
Новиот член во семејството, бебе, е најголемата радост што потсетува на тоа какво чудо е животот. Нина, како е твојот син, се навикнавте ли еден на друг, и како си ти?
-Каи е супер, среќно и насмеано бебе. Прекрасен е, тој е нашето чудо, нашата најголема радост и богатство. Мил е и нежен, многу активен и ептен љубопитен, се го интересира, се сака да земе во раце и да проучува, внимателно гледа и слуша што се случува околу него. Растеме заедно, секој ден учам по нешто ново за него и за себе. Ни требаше кратко време за да се навикнеме еден на друг, но се си дојде природно и спонтано.
Јас сум добро, најчесто сум расположена и имам енергија, станувам и си легнувам рано, водам здрав живот. Нормално, има моменти кога се чувствувам многу уморно, ама една медитација – и, се си е пак како што треба.
Што се смени во твојот живот откако го имате Каи? Многу жени не се решааваат за мајчинство велејќи дека не се психички подготвени. Каква е таа „психичка состојба“?
– Се се смени, како што и очекував. Животот ми се смени потполно.
Пред Каи бев во постојано движење, постојано излезена, а сега сум фокусирана целосно на него и сум речиси постојано дома. Веројатно во целата промена и пандемијата има влијание, си игра улога: сега и онака нема што многу да се прави надвор. Но, приоритетите ми се сменети. Каи е на прво место.
Периодот кога забременив бев подготвена за тоа.
Веројатно уште посигурна ме направи Мартин, за кој знаев дека освен што е прекрасен партнер, ќе биде и прекрасен татко. Се почувствував доволно зрело, мислев дека имам доволно искуство и можности да донесам дете на свет, да му овозможам и помогнам да стане среќен, добар човек.
Можеби не планиравме кога, ама знаевме дека некогаш ќе сакаме дете. И така, универзумот ни ги ,,слушна“ муабетите и- се случи Каи.
Бидејќи мајка ти не е тука а Гоца толку правеше планови за средба, од кого имаш најмногу помош? Која фаза беше најделикатна? И, има ли нешто што те плаши во врска со растењето на синот?
-Првите месец-два, ми беа најтешки. Кога сеуште не ми беше јасно што точно се случува, колку и да бев спремна да имам дете, сепак искуството ми беше чудно и ново и непознато. Тогаш спиењето ми беше на минимум, а анксиозноста до максимум. Сега е неспоредливо полесно.
Иако не е тука физички, со мајка ми сме во постојана, секојдневна, комуникација онлајн. Упатена е во се што се случува со мене и Каи. Едвај чекаме да се видиме.
Најмногу си помагаме взаемно со Мартин, си ги имаме поделено обврските за секој од нас да има време да се посвети на Каи, на работа и на себеси.
Родителите на Мартин многу ни помагаат, досега ни се најдоа во секоја смисла, во моменти коа ние двајца не можевме да постигнеме се. За жал, мојата фамилија е на две места во светов, дел се во Нови Сад, а дел во Еквадор, па го чекаме денот да го видат Каи.
За среќа, целата фамилија на Мартин е тука и секогаш се спремни да ни се најдат.
Малку ме плаши помислата дека ако продолжи ситуацијава со Ковид и слични вируси, Каи нема да има нормално детство, со нормален човечки контакт, држење за рака, гушкање, бацување, нема да гледа лица без маски и ќе живее и расте сосема поинаку, без слобода. Се надевам дека тоа нема да се случи, дека светот нема да се смени толку многу и се ќе се врати во нормала.
Патем, освен што си разнежнета, кај тебе нема никави физички
промени. Имаш идеална линија, зрачиш и си полна со љубов. Звучи скоро филмски, но е дел од животот: дали среќните семејства наликуваат на вашето?
– Брзо се вратив во форма, сигурно е делумно заради генетика, а делумно што пијам многу вода и го шеткам и думкам Каи кој сега има 9 килограми. Ми требаа два месеци да се стабилизирам психички и уште два, за да се вратам во нормала, физички.
Што се однесува за среќата, зависи што и за кого, претставува таа. Според мене- да, ние сме среќни луѓе кои сочинуваат едно среќно семејство. Пробуваме во овие времиња- невремиња да го извлечеме најдоброто, да имаме мир, да се сакаме, гушкаме и смееме секој ден.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени