Тања Турунџиева за целулитот: За да се „измазни кората од портокал“, треба да се смени исхраната, да се вежба и да се намали стресот
фото-Pixabay
Кога е во прашање целулитот, секогаш е иста приказната и истото прашање – може ли сега, во пет до дванаесет, да се направи нешто за целулитот да се намали?
„Дури 80% од жените на планетата имаат целулит- вели Тања Турунџиева, нутриционистка. Маснотијата во целулитот, ако се раздвои, е нееластична лента на сврзливото ткиво. Овие ленти се простираат меѓу кожата и длабокото ткиво, каде што се прицврстени- објаснува Турунџиева. „Многу луѓе кои имаат целулит патат и од дебелина. Кога човек се дебелее, масните клетки растат, но сврзливите ленти остануваат со иста должина. Маснотијата се шири на една страна, а кога ќе се случи тоа, лентите ја затегнуваат кожата, создавајќи карактеристичен изглед на целулит. Проблемот се зголемува со годините“.
Слабата циркулација на лимфата често може да придонесе за настанување целулит. Лимфата е течност слична на млекото која го изнесува вишокот течности, отпадните производи и токсините од ткивата во крвотокот преку лимфните патишта. Слабата циркулација на лимфата предизвикана од дебелина, недостаток на физичка активност или задржување течности може да овозможи отпадните материи да се наталожат во ткивата. Тоа е можеби една од причините за жените кои не се дебели да имаат целулит.
Тања Турунџиева
„Целулитот е комплексна појава и токму затоа поголемиот дел од исхраната треба да е овошје и зеленчук и соковите од нив. Пијте многу течности. Често правете си денови на овошје и салата, нормално зачинети, но не премногу солени. Избегнувајте индустриски преработена храна и во ограничени количини консумирајте животински производи, како што се месото и млечните производи… И сето ова не би вредело доколку не се процени и нивото на стрес, што влијае исто така, на целулитот. Доколку внимателно го проучуваме стресот кај жените, ќе заклучиме дека некаде целулитот се појавува со акумулација на стрес, сеедно од каков вид е. Многу се важни и лошите навики – неактивност, седење по цел ден, мрсна храна, цигари – патем, тие ја влошуваат сликата на целулитот и условуваат да се појави многу рано“.
Исто така, целулитот може да се јави во секоја животна доба, и кај слабите и кај дебелите. Внесување вода е пожелно, бидејќи водата сама по себе е детоксикација, но е важно да се ограничи внесувањето сол поради врзувањето со течноста во организмот.
Превенција
Одржувајте ја вашата телесна тежина во границите на нормалата и избегнувајте нагло здебелување. Редовно вежбајте со што ќе го одржите тонусот на телото, со тоа ќе се смалат масните наслојки, ќе се зајакнат мускулите и ќе се поттикне циркулацијата на лимфата и крвта. Избегнувајте долго седење и стоење. Секој ден пијте доволно течности.
Масажи и четкања на кожата
Масажата го подобрува крвотокот, а масирањето со мешани етерични масла е многу корисно. Стимулацијата на површината на кожата придонесува за подобар изглед на кожата. Подрачјата зафатени со целулит масирајте ги два пати дневно. Благо четкање на деловите на телото со мека и сува четка од природни влакна. Почнете од стапалата и потоа продолжете нагоре. Со тоа го поттикнувате крвотокот, ги оттргнувате мртвите клетки на кожата и го подобрувате изгледот на кожата.
Коментарите се затворени