Тања Турунџиева: „Чистење“ по празничните прејадувања
Месец јануари, освен по своето траење, е познат и по празници, слави и раскошната трпеза на која се собираат најблиските, а која долго се памети и прераскажува. И во тоа шаренило од вкусни и екстремно калорични јадења, кој да им каже „не“ на – сармите, питите, руските салати, макалата, кифличките и баклавите, кој да не потклекне пред предизвикот сместен во шишиња вино и ракија, кој да не посегне барем по неколку кафиња и по некоја цигара…
Ако се обидам сето ова што со задоволство го консумиравме во празничните денови, сите тие деликатеси, визуелно да ги сместам – не во камион туку во желудник, со просечна големина на една тупаница, ги жалам нашите организми. Истоштени, изнамачени и во трета брзина, како да преживеале удар, навистина тешко се враќаат во нормала.
„По празничните прејадувања и препивања, симптомите се добро познати – главоболка, мачнина во желудник, намалена енергија, како да ве прегазил воз“ – вели нутриционистката Тања Турунџиева. „За побрзо да излезете од таа состојба, утрото започнете го со 2 чаши вода (минерална, негазирана) и чувството на дехидрираност за кратко време ќе исчезне. Потоа исцедете сок од грејпфрут, портокал или домат и разблажете го со вода. Овошниот сок содржи прост шеќер, фруктоза, која го забрзува метаболизмот и го елиминира побрзо алкохолот. Заборавете на кафе на празен желудник, затоа што ќе ја зголемува вашата хиперсензибилност.“
Нашата соговорничка предлага милкшејк од банана кој е одличен за надоместување на калиумот и другите хранливи состојки, изгубени за време на консумирање на прекумерен алкохол.
„Помешајте во блендер половина чаша млеко со банана, додајте 2 кафени лажици мед, а напивката испијте ја полека. Бананата е одличен извор на калиум, а медот изобилува со фруктоза. Ако се чувствувате подобро, јадете овошје, препечен леб и мед. И овошјето и медот се добри извори на фруктоза. Во состојба на мамурлак, никогаш немојте да јадете обилен класичен појадок со јајца, сланина и сирење…“
Турунџиева вели дека за оваа состојба најдобро прилега чорба од зеленчук или познатата пилешка супа, но без тестенини. Двете помагаат да ги надоместиме изгубената сол и калиумот.
Следниот чекор што го предлага Турунџиева е движењето. Пешачете континуирано и без напор, а тоа ќе го зголеми производството на ендорфин, природното средство за намалување на болки во организмот, а колку за потсетување, прекумерна доза на алкохол го намалува неговото ниво.
Јадењата не треба да се обилни и мрсни, а не заборавајте на салата, најдобро да е од коренест зеленчук – цвекло, морков, дајкон, целер, што ќе придонесе да се стабилизира хиперсензибилноста на дигестивниот систем, а бргу ќе ви се вратат силата и енергијата.
„Бидејќи н` чекаат уште прослави и празнувања, пред да почнете да пиете, јадете нешто. Би било пожелно тоа да е нешто од мрсна храна, месо или риба. Мрсната храна помага да се обложат цревата и да се забави апсорпцијата на алкохолот. А бавната апсорпција значи помала можност за пијанство и помала можност за мамурлак наредното утро. Доколку пиете жестоки пијалаци, подобро одберете вотка или џин, отколку виски, рум, бренди. Белите пијалаци не содржат дериватни соединенија, кои придонесуваат во состојка на мамурлак уште повеќе да ве боли глава.“
Коментарите се затворени