Шеф Александра Атанасовска. Чудесна гастрономска сказна
Иако делува кревко, хероината на овој текст – Aleks Pucci, (како што ја препознаваат инстаграм следбениците), има сила да мрдне планини. Буквално. Одтаму и храброста студиите на фармација да ги смени со гастрономијата, за храна да сонува со „среќни“ очи, да компонира јадења за тајните вечери, да го усовршува искуството во ресторани наличени со мишелин ѕвезди, и- да си признае дека живее чудесна гастрономска сказна.
Кај тебе Александра, се е прашање на емоција, инспирација и шепотот одвнатре, кој веројатно ти кажа да ја напушти фармацијата и да и се препуштиш на гастрономијата. Кога, каде, како…?
-Во текот на животот јас постојано си ја негував љубовта кон готвењето, но во тоа време повеќе ми претставуваше хоби отколку нешто што би го работела, додека пак од друга страна тука беше желбата и интересот кон природните науки и медицината па тргнав по тој пат. Но сепак, готвењето победи.
Едноставно, како поминуваше времето сфаќав дека ја потиснав желбата за готвењето и постојано се информирав, учев, читав се повеќе гастрономски книги, постојано готвев, експериментирав.. Еден ден сфатив дека мојот свет се врти околку храната, готвењето и уметноста на готвењето и решив да почнам да си го следам срцето и желбата и така почнав да работам како готвач.
Во твојот свет и твојата гастрономија, царуваат „тајните вечери“- идеи, проекти, приказните и реализациите што не се вклопуваат во стандардните шеми. Напротив, кога се ужива во храната што ти ја подготвуваш се ужива во се- моментот, амбиентот, чиниите, не постојат ниту граници, ниту се догледуваат хоризонтите…
– Мислам дека не можеше подобро да ја доловиш мојата емоција поврзана со храната…Моите идеи и приказни на чиниите се базирани на приказна, инспирирани од природата, локалните состојки, палетата на вкусови, годишните времиња, старитрадиции проплетени со нови нишки, чувствата и сеќавањата поврзани со некоја храна или вкус кој не поврзува со минатото, омилената храна од детството, најубавата роденденска торта, мирисот на кујната, на домот..
Храната всушност раскажува приказни, таа е еден вид портал низ кој патуваме секој пат кога ќе ни заиграат непцата, секој пат кога ќе вкусиме нешто ново и интересно.
Поради тоа сакам да си играм со состојките, да излезам надвор од секојдневието и да им дадам на луѓето една поинаква перцепција за храната и да им отворам нови хоризонти кон светот на гастрономијата, хедонизмот, убавината и уметноста на живеењето.
Колку си ти гурман, што готвиш за себе и за интерен круг на луѓето што ги сакаш? Се замислувам дека баба ти во сендвичите ти ставала и понекој мастрав, те надоила со естетика што ете ја има и генетската предиспозиција.
-Јас уживам во готвење, искрено како и секој готвач повеќе уживам да готвам за другите и да ги правам луѓето околку мене среќни, кога се работи за храна. Секако понекогаш знам и да се разгалам себеси со убава храна и добро македонско вино. Многу ја сакам азиската кујна, па често знам да си зготвам некој рамен кој изобилува со вкусови и умами, арапската кујна која магепсува со игрите на зачини, обожавам свежа морска храна, но и добра паста никогаш не излегува од мода.
Баба ми ги правеше највкусните пити и домашни лепчиња и ако нешто сум наследила од овие мемории за вкусни домашни месени јадења, дефинитивно се пренела кон мојата пасија за правење леб и пецива. Ме фасцинира едноставноста на состојките како оние на лебот.. Брашно, вода…толку едноставно а толку есенцијално и значајно за нас луѓето. Самиот мирис на свежо печено лепче си ја раскажува својата филозофија и знае да разбуди насмевки.
Тогаш, како остана вита? И, имаш ли некое тајно место, база за твоите растенија, мирудии, што се дел од твојата кујна? И, која е твојата неостварена „фајн дајнинг“ вечера?
– Уф, не знам ни јас како успевам хаха, мислам дека многу се движам, не ме фаќа место, постојано нешто работам, правам, а и веројатно имам и некои среќни гени. Сепак, иако работам како готвач и секојдневието ми се врти околу храната, сепак сметам дека треба да се биде умерен.
… Моето градинарско катче се наоѓа на село, надвор од градот каде со моите родители си одгледуваме најразлични билки, овошки и зеленчук за домашна употреба, но истите често знаат да се најдат на моите менија.
.. За мојата неостварена fine dining вечера.. Имам премногу идеи и замисли и толку многу локации каде би сакала да ги остварам. Кога би морала да изберам, би била под некое големо дрво на убава ливада, зајдисонце, многу свеќи и сијалички.. Во некоја летна приквечерина, или можеби група луѓе седнати на некој стар голем шарен тепих под отворено небо.. Идеите и желбите се бесконечно многу…
Раскажи ни за Мишелин ресторани и искуствата во тој предизвик. Што е најмистично таму?
– Мишелин рестораните се една посебна приказна. Во нив владее една хармонија и една желба за достигнување на совршенството на чинијата. Од вкусови, техники, мириси, текстури. Сето ова бара голем тим, голема тимска работа, многу страст, желба и упорност. Во ваквите ресторани не се доаѓа да се вкуси само храната туку се работи на едно толку напредно ниво на висока класа и перфекција за гостите да доживеат едно неверојатно искуство и гастрономско патување. Ми се допаѓа мистиката кои ја проткајуваат низ своите менија и оставаат кај гостите чувство на љубопитност за она што треба да го вкусат.
Среќна сум и благодарна што ете имав прилика да работам во неколку и навистина да се заљубам се повеќе во храната о во гастрономијата. Овие места успешно ми ја пренесоа онаа желба да бидам подобра, да учам повеќе и секојдневно да истражувам и да растам како готвач. Едноставно е кога си заљубен во својата професија.
Твојот концепт, спојувањето на старо и ново, користење на локални и сезонски намирници.., е филозофијата на Слоу Фуд, и тоа е двонасочно квалитетно препознавање. Какви ти се искуствата од работилниците одржани во склоп на проектот Слоу Фуд Гостилници?
-Многу ја сакам и поддржувам филозофијата и идејата на Слоу Фуд, навистина сметам дека дури е и повеќе од само филозофија, туку е и начин на живот. Заедничката соработка беше прекрасно искуство за мене пред се за запознавање и откривање на старите традиции, давање дух на истите или пак нивна рекреација преку игра на нови вкусови и текстури, соработка и поврзување со локални производители, земјоделцими фармери кои се неизоставен дел од нишката на Slow food.
Се радувам за иднината и за следните нови заеднички проекти.
Иако неизвесноста на времето во кое живееме не дозволува планирање, сигурна сум дека мечтаеш за некоја гастрономска чудесна сказна.
– Мислам дека веќе ја живеам таа сказна. Самото тоа што знам дека постојат луѓе со кои меѓусебно се инспирираме и кои ме подржуваат, сите оние луѓе кои ја пробале мојата храна, како и оние чии производи се дел од моите приказни на чинијата, ме прави неизмерно среќна и ме мотивира да сонувам уште повеќе и да остварувам уште повеќе гастрономски желби. Полека но сигурно би сакала да си го создадам моето катче каде би можела секојдневно да творам и да растам.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени