Не Ула, туку Лиле е вистинската газдарица на „Преспав“
„Со Ула немаме физички сличности, но сваќањата и принципите ни се исти– на почетокот на нашиот разговор, во една пријатна средба ни рече вистинската газдарица на „Преспав“, односно на „Лејк Вју“, Љиљана Нечовска.
Всушност, целата приказана со овој шарментен комплекс, местото на сите случки во популарниот серијал, „библискиот пансион“ „Преспав“ е многу интересна.
Семејството Нечовски се наши луѓе кои долго време работеле во Америка. Сонот да имаат свој ресторан се остварил откако го виделе заводливиот комплекс во Преспа, Отешево. Така се случи и името „Лејк вју“ – поради прекрасниот поглед и локацијата.
Во 2016 година се роди „Преспав“- духовита, современа телевизиска семејна приказна во многу продолженија, со откачените браќа Бузалевски, што експресно стана мега- популарна. За тоа се заслужни доброто сценарио и режија, интересните ликови и се разбира, Ула, која никако да го разбере автентичниот третман на овдешните дупки во законот, хазардерство на актуелните локални херои од власта, и што се не.
„Ја обожавам Ула – продолжува Лиле. „Ние двете не сваќаме дека на Балканот белото може да биде црно и обратно, а таа исто како и јас, премногу го почитува законот, а нелогичностите што ги има во бирократијата и неа и прават конфузија, и навистина ништо не и е јасно.“
Лиле со нежни 17. заминала за Америка а во татковината се вратила со 52 години, опремена со искуствата од земја каде правниот систем функционира во милиметар, нешто што не може да го пронајде тука. Та нели, за сличните состојби на шегобиен, често сатиричен начин се раскажува и во „Преспав“?!
– За жал, овдешните искуства не се розови. Тоа ми паѓа најтешко, и кога ќе видам скоро идентични состојби во „Преспав“, во шега со сопругот си велиме- дали можеби има скриена камера кај нас? Од друга страна пак, пристапот на луѓето, топлината, љубезноста, особено во овој тип на бизнис, кога запознавам многу луѓе: досега не посетиле многу познати личности, амбасадори, бившиот и сегашниот претседател, но и многу обични луѓе со срца големи како планина, тоа ми е многу драгоцено, адут да продолжам понатаму.“
Целата фамилија Нечовски ја сака серијата „Преспав“. Оваа комедијата уште повеќе допринесе во имиџот на објектот, луѓето се љубопитни да видат каде е сниман серијалот, популарноста многу се зголеми, и се почесто наместо „Лејк вју“, хотелот го викаат „Преспав“.
„Навистина имаме само убави зборови за тв- серијата„Преспав“. Не радуваат високите стандарди на нашата, домашната продукција а актерите се едноставно фантастични- вели вистинската газдарица на „Преспав“. – Сите се автентични, имавме задоволство да се запознаеме со инспекторот Томе, нашиот Горан Стојановски. Синот Александар, кога беше во Скопје, се виде со Дритон Вејсели, духовитиот Талат…Би сакала во иднина да ги запознаеме сите глумци, да се обединиме и собереме околку некој заеднички ивент.“
Да, тоа ќе биде вистинскиот погодок! И можноста, најпосле да ги разменат искуствата со Ула.
Вања Тодоровска
Фото: Лична архива и ФБ на Преспав
Коментарите се затворени