Елена Џајкоска: „Гранче“ е љубов каде вирее традицијата наросена со твист
Доколку за и со готвењето се поврзат емоциите, особено- среќата преселена во чинии, таа девиза доживува триумф во животот на мојата соговорничка. Елена Џајкоска е дел од приказната на срцето, па вели: „Работите се случуваат кога ќе им дојде време, кога ќе созреат, кога ќе бидеме спремни за нив“. И точно така се роди гостилницата „Гранче“, објект во кој ќе се вљубите на прв поглед и на прво залче, каде таа ја вградува својата љубов, талентот и посветеноста…
Елена, ти си херој на новата нормалност: минатата година, во екот на пандемијата го отвори „Гранче“, локал со поетично име, и исто такво мени. Неполна година подоцна – што велиш за овој чекор, за голема доза на храброст и- мало лажиче лудост?
– Да, го отворивме „Гранче“ кон крајот на септември 2019, и нестрпливо ја чекавме пролетта 2020, за да процути. Пандемијата ни ги исече крилјата.
Актуелната состојба е за сите предизвик. Не само за угостителските објекти, но особено за нив. Се трудиме овој предизвик да го гледаме како шанса за промени, како можност за пробување, подобрување, експериментирање и воведување новитети.
Чекорот наречен „Гранче“ беше вистински и правилен чекор, затоа што „Гранче“ е направено од љубов и со многу љубов.
Не знам дали ќе пишуваш биографија, но многу интересни податоци ќе се најдат на самиот старт: ја напушташ сигурната работа (и сигурната плата) како Специјалист за CRM & Data Mining во Телеком, давајќи и шансата на твојата голема љубов- гастрономијата, не вклопувајќи се во стандардните калапи. Базата е токму таква, емотивна, но ништо без подршка на луѓето кои ти веруваат.
– „Гранче“ немаше да постои без мојот партнер. Тој секогаш ми велеше дека желбите стануваат реалност кога секојдневно ќе се будиш и ќе заспиваш со нив. Заедно влеговме во приказната „Гранче“ и дадовме дел од себе во неа, тој во уредувањето, јас во кујната.
Тука е и мојата фамилија кој безрезервно ја поддржа мојата одлука. Сестра ми која со цело срце е дел од тимот на „Гранче“. И секако пријателите кои се секојдневно тука да помогнат.
Да чепнам уште малку- софра зближува луѓе, токму во тој чин се раѓааат и траат најубавите врски, јакне семејството, храната е дел од постоењето, ама е и дел од интерната хедонија, бидејќи јадењето сепак е привилегија на оние што знаат да сакаат и препознават големи мали нешта. Колку генетиката ги има вмешано прстите во оваа сказна?
– Љубовта кон храната и готвењето ми е пренесена од фамилијата. Неделните ручеци одсекогаш биле посебен чин во кој многу уживам. Еве, сега додека пишувам ми се јаде дроб сарамата на татко ми. Да ги гледам со мајка ми, како цело утро си се моткаат низ кујна, си спремаат. Па додека тие готват, се мези, си разговараме. Дедо ми, татко на мајка ми, кој за жал не го запознав, бил готвач.
Јас сум вљубена во дружбите кога се седи со саати на маса, се мези, се пие добро вино, се разговара, споделува.
Поради тоа и во „Гранче“ креирав едно мало мени со мезиња, бидејќи сакам да служиме порции убавини кои ќе можеш да ги споделиш со своите најблиски во една релаксирана атмосфера во срцето на градот, со чаша добро македонско вино.
Раскажи го концептот на твоето мени каде наједноставните работи се издигнати на ниво на совршенство. Всушност, ти ги следиш светските трендови за здрава храна, но се е во духот на нашата традиција, што кажува за силните врски помеѓу чиниите, луѓето, планетата…
– Преку храната може да се научи многу за едно поднебје, за прирадата, за луѓето. Јас ја негувам нашата традиција, но во исто време се трудам да експериментираме и да воведуваме што повеќе новитети. Мениата што ги креирам секогаш се инспирирани или од некој стар традиционален рецепт на кој се трудам да му дадам малку твист, или од некој локален и сезонски продукт што сакам да го подготвам на нетипичен начин, играјки со вкусови и техники на подготовка. При тоа, секогаш користам свежи и квалитетни продукти.
Тука го гледам и препознавањето со Слоу Фуд – здрава храна, автохтони јадења, стара заборавена и локална храна, промовирање на продуктите од нашето поднебје и се стокмено во константата дека јадењето е повеќе од оброк, туку е начин на животот. Патем, какви ти се искуствата со проектот- Слоу фуд гостилници?
– Една од подобрите работи што ми се случиле во пандемијава. Запознав нови луѓе полни со ентузијазам за работа и многу љубов. Вљубени во местата од каде што потекнуваат, вклопени во природата, ги уживаат сите благодети кои таа ги дава и сакаат тоа да го споделат со други луѓе. Пробав убавини, научив многу. Магично искуство.
Китка -Вратница и Царевец во Маврово, топло ги препорачувам, а план ми е пролетва да ги посетам и останатите гостилница кои се дел од Слоу Фуд.
Членството во Слоу Фуд ми даде чувство на припадност , бидејќи само заедно може да креираме и да ја подобриме македонската гастрономија.
Тие што присуствуваале на „чинот“ велат дека, кога готвиш, како да влегуваш во некоја друга димензија, иста магија што ја дава добрата книга или филм…Те инспирира потребата за готвење или естетиката?
– Кога почнав да готвам во факултетските денови, готвењето ми беше релаксација. Сега секојдневното готвењето во „Гранче“ бара многу фокус и концентрација, а релаксација ми е креативниот процес на осмислување и тестирање на ново мени.
Ме инспирира естетиката, задоволувањето на сите сетила.
Среќна сум кога гостите ќе ја почуствуваат љубовта што ја давам и целосно ќе ја прочитаат приказната на „Гранче“.
Што мислиш, што треба да се направи до 40-тата година во животот? И правиш ли планови- краторочни, долгорочни, можеби разгранување на „Гранче“?
– Не размислувам во години, тоа се безпотребни наметнати притисоци. Работите се случуваат кога ќе им дојде време, кога ќе созреат, кога ќе бидеме спремни за нив.
Гранче е концепт кој сеуште се развива, па заради тоа мора да се прават краткорочни и долгорочни планови. За да ги направам секогаш ми треба малку да се тргнам од Гранче и од секојдневието таму, да одморам за да можам креативно да размислувам. Плановите гледам секогаш да ги запишам на лист хартија, да ги поделам по фази, да им дадам име. Така некако ми стануваат пореални, ми даваат фокус и насока.
Разгранување на „Гранче“ е долгорочен план кој го негувам.
Валентина Вања Тодоровска
Фотографија- Дарко Христов
Коментарите се затворени