Давид Неделковски. „Кози Млеко Планина“, работа со боси нозе и под сливовите сенки
Давид Неделковски е вистинскиот доказ за точноста на поговорката, дека добриот глас надалеку се слуша. Навистина! Кој не го знае фраерот од социјалните мрежи, ама и од настанте на Слоу фуд: нурнат во бујни зелени крошни, со боси нозе, окружен со кози и кучиња, како кадар од некој робинзонски документарец. Немирните кадрици му паѓаат врз очи, кои се напојуваат од убавините на селото Раштак, на 680 метри надморска височина, каде веќе 10 годии го живее- новиот живот.
Концептот- таванот да му е отворено небо, кротење на градската тензија во најзелениот видиковец e на 10-тина километри од Скопје, на Скопска Црна Гора, каде тој и неговото семејство создале рај за хедонисти, создаден од мир, здравје и главните протоганистки- козите.
А, највкусните работи се токму од овие животинчиња и нивното лековито млеко: сурутка, павлака, младо и старо, биено сирење, кашкавал, се најприродно што семејството Неделковски го произведува.
Патем, миграцијата град- село, особено денс, на сите меридијани е предодредена на успех, а примерот на Давид за многумина е потик, можност, обид, осмелување… „Кози Млеко Планина“ станаа инспирација за одлучувачки чекори на сите што иднината ја гледаат токму на село.
– Стигнуваат до мене гласови во вид на честитки и поздрави, имам претстава дека нешто се случува, но немам комплетна слика за тоа дека правиме „кујзнае“ што, вероватно константната работа ме држи приземјен и човечен- раскажува овој млад фармер. – Пред неколку години, стар пријател ми честиташе затоа што сум правел „позитивна општествена промена“, на што скромно прејдов на друга тема. Не сакам да се занимавам повеќе од пристојно со себеси, но има и такви кои велат дека правиме чудо. Не пријатели, чудата се Божја работа, „Кози Млеко Планина“ е резултат на многу пот, труд и креативност, мислам дека ние сме логичен одговор на времето во кое живееме, сосема антрополошки оправдано, како некаков природен баланс.
Го откачи градот, ама за озбилно, семејната фарма „Кози Млеко Планина“ му е страст, со што овој нереализиран археолог и музичар ја оствари мечта за слободата и безусловната љубов… А во секоја приказна, луѓето се како светилници по патот. Најголем светилник, Слоу фуд, на Давид му овозможи вистинска промоција, а првенствено да се пронајде во философијата на ова движење каде запозна луѓе со визија, што инспирираат и му се ветер во грб.
-Првата комуникација со Слоу фуд ја воспоставив пред 4 – 5 години кога пред мене се појави раскрсница и незнаев кој пат да го фатам. Slow food Macedonia беше првата врата на која тропнав и токму поради и со нив, во голема мерка „Кози Млеко Планина“ е тоа што е денес но и јас како личност- раскажува овој млад човек.
– Природата, храната, животните се универзалниот јазик кој ги сплотува луѓето насекаде, навистина се пронајдов во филозофијата на слоуфуд, запознав многу вредни, искрени, скромни, совесни, едуцирани и пред се луѓе со визија, експерти во својата област кои не стравуваат од споделување на знаењето, напротив тоа е локомотивата на заедничкиот успех. Накусо кажано, драго ми е што сме дел од оваа весела дружина која ја слави мајката земја и се радува на плодовите која таа ни ги подарува. Во тој контекст ги поканувам сите да се запознаат, охрабрат и пристапат во ова големо и симпатично друштво. Благодарение на нив почнаа да никнуваат училишни градини, Слоу фуд се избори за правилник со олеснителни можности за производителите на растителна и животинска храна…
И сега најинтересното: со помош на Слоуфуд и млеко.орг се подготвувам да правам објави за сировото млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, за обврските со ветеринарите, пастеризација и стерилизација на млекото, за бруцелозата, здравите хигиенски практики и што уште не, со основна цел – едукација за сите. Јас незнам се, но ова е добра прилика за да учиме сите заедно.“
Закочувањето на планетата предизвикано од пандемијата кај херојот на овој текст, на онаа широчина и убавина не донесе ништо особено, обврските кон неговата фарма останаа исти, но Давид си даде задача за поголема социолошка активност.
– Од почетокот на пандемијата почнав интензивно да објавувам фотографии од моето секојдневно опкружување, се со цел да испорачам доза позитива и спокој во етерот. Како за промена, свежа надеж и потсетување дека и покрај чумава сеуште сонцето свети, природата дарува, птиците пејат и козите се среќни. “
Вели, жив сведок е како пандемијата драстично ги смени свеста и совеста за храната и нејзиното потекло, интересот за свежи (непастеризирани) производи, и самиот однос кон професиите кои произведуваат храна.
И, кој на ова шармантно и умно момче би му дал 31 година? Наликува на матурант, со чисто срце и мисла. Никогаш не бркал бизнис, туку сакал работа со концепт, и затоа е ксметлија што од личните ќефови создал вистински хедонизам за сите што ја сакаат природата.
– Не сум сигурен дали човек сам го избира животот или пак животот избира како ќе живееме, но факт е дека секој нов ден е исполнет со знаци и предизвици околу нас, има толку многу сладости кои чекаат да бидат вкусени, толку многу убавини да се впијат и почувствуваат. Мене животот ме однесе во Раштак, во планината, по пасиштата на моите претци и кога е веќе така, веков сакам да го поминам со боси нозе под сливовите сенки, со стадото и кучињата, уживајќи во плодовите земски- заврши Давид Неделковски.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени