„Охрид фест“. Мирослав Рус, добитник на наградата за промоција на музика на Балканот: Македонија во срцето
Мирослав Рус, за многумина „човек музика“, уметник во вистинската смисла на зборот е добитник на наградата за промоција на музиката на Балканот, што „Охрид фест“ традиционално ја доделува секоја година.
Еден од најплодните автори од Хрватска чии што песни одамна ги поминале границите на неговата земја и како да не постои пејач со кого овој музичар не соработувал- Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Мишо Ковач, Нина Бадриќ, Црвена јабука,Калиопи, Масимо, Тони Цетински, Нови Фосили.., и секако Тоше Проески. Албумот „Игри без граници“ е технички кажано- најмоќната и најсилната симбиоза на музиката, стиховите и секако- гласот.
Емотивно, „Игри без граници“ се извор откаде се пие животот.
Годинава „Охрид фест“ ви доделува награда за промоција на музиката на Балканот. Колку ве изненади веста за ова признание?
– Пред се, би се заблагодарил на организаторот за наградата која ми дава сила да истраам по немирниот пат на создавањето, ама и ми разбудува многу сеќавања на земјата од која доаѓаат луѓе кои оставија длабока трага во мојот живот. Самиот Балкан по политички пат спојувал и раздвојувал, но со нашиот музички јазик, живеел само во спојувањата.
И покрај импресивната кариера, пејачи кои ги изведуваа вашите песни: Жељко Бебек, Мишо Ковач, Здравко Чолиќ, Калиопи, Црвена јабука, Масимо, Тајчи, Нови фосили, Тони Цетински и секако Тоше Проески, потоа, вашата работа со ИТД бендот кон почетокот на 80-тите, што од оваа временска дистанца велите, што е музиката? И колку сте привилегирани со таа дарба, слушајќи ги вашите песни, сите да стануваме подобри луѓе?
-За мене музиката е единствениот униварзален светски јазик без лоша намера!
Јазик кој сите го разбираат и чувствуваат, кој ги поминува границите, на кои се чека со часови во долги редици, како да не постојат.
Подарок од Господ е да сакаш и создаваш музика, и јас сум му благодарен на тоа. Патем, не постои ништо поубаво од работата што ја сакаш.
Низ музиката се чита надежта дека светот сепак може да биде подобар. Доколку по тој пат успеав да најдам барем една нота која оплеменува, се имаше смисол.
Кога ќе се каже- песните го издржаа тестот на времето, тоа значи дека станаа евергрини. Се чини дека за еден музичар нема поголем комплимент.
– Единствениот музички критичар што го признавам е времето. Колку долго ти живеат песните, толку си посебен и силен автор.
Една руска поговорка вели- луѓето се посеани густо, ама ретко никнуваат. Така е и со песните.
Нераскинливо сте поврзани со Македонија, ја познавате тагата и радоста на југот. Која е вашата прва асоцијација кога ќе се спомене Македонија. И дали наскоро планирате да ни дојдете?
-Има толку многу работи во Македонија, неможат ниту да се набројат. Понекогаш ми се чини дека сите ве познавам. Многу мои колеги од музичкиот живот, од мојата драга Калиопи па понатаму- познавам луѓе од духовниот свет, политичари, обични луѓе…Ја познавам и вашата традиционална музика на која и нема рамна на Балканот, кујната ја обожавам и ја вкусив срдечноста што ве краси. Сепак, мојата прва асоцијација беше и остана мојата најголема радост во создавањето и една од најголемите таги во животот, Тоше Проески..
И, дали ќе ви дојдам?Па јас никогаш и не заминав одкај вас.
Соработката со Тоше навистина беше чудо, како вашите души да беа поврзани преку музиката. Многу чувства, и „Игри без граници“, последен албум како збогување?
– „Од кад те нема, нема ни пола мене, јер све у мени од тога дана вене, па будан сањам да снови дуже трају, у свакој причи само ти си ми на крају…“
Стиховите на песната „Још увек сањам да смо заједно“ што ја подготвивме за албумот, што за жал никогаш не излезе, најдобро зборуваат за се. Кога ќе се случат таквите зборови и кога Тоше ќе ги испее, само Господ знае, оној што го молам да го чува нашиот анѓел…
Всушност Тоше е „Игри без граници“ и на небото и на земјата.
Тоше многу ве почитуваше и сакаше, во многуте интервјуа соработката со вас ја спомнуваше како голема радост. И денес, толку години подоцна, мислите ли дека некој може да го замени? Како тој глас, таа лирика и убавина во него да не припаѓаат на оваа димензија?
-Го сакав и јас бескрајно, така и ќе остане. Тој беше човек душа, а гласот го издаваше, гласот на анѓел.
Јас велам вака- постојат три вида на пејачи- лоши, добри и Тоше.
Него никој и не треба да го замени, иако многумина стоејќи на прсти тоа се обидувале. Не треба, затоа што тој е тука, со нас засекогаш.
Патем, кога сум тука со вас, сакам да го кажам и ова: кој и да се сетил стадионот во Скопје да го нарече со име на мојот пријател, му праќам едно големо- Благодарам! Плачев кога го слушнав тоа…Тоше беше и остана амбасадор на Македонија каков секој би посакал.
Како ја поминавте годината зад нас, перодот на изолацијата и преиспитувањето? И, може ли музиката да го направи светот поубаво место за животот?
– Музиката прави чуда, измамува радост, ги брише солзите, носи утеха, не познава царина, бодликави жици, и таа е „Игри без граници“. Можеби би можела да го смени светот на подобро кога политичарите не би биле глуви.
Ете илјада километри сме далеку, а јас знам дека сме свои!
Валентина Вања Тодоровска
фото- Hit produkcija
Коментарите се затворени