Андријана Мациев, уметница: Љубовта направи чуда за мене
Таа е ликовна уметница, млада талентирана жена која светот го гледа низ бои, контрасти, а во раскошот на имагинацијата прозборува и нејзината душа. Андријана Мациев е артист кој своите дела ги создава спонтано, а со секоја боја, линија и гест го става личниот печат. Делува кревко но е многу силна и раскрилена: неодамна јавноста ги виде нејзините слики а во последниот животен предизвик храбро се избори и прозборе за борбата со канцерот.
Благодарение на социјалните мрежи те следам постојано ама и не претпоставив каков огномет од бои, раскош на чувства, еден поинаков а прекрасен свет кријат твоите слики. Секоја има своја приказна, но, во што е базата?
– Драго ми е што моите дела допреле до тебе и предизвикале силни емоции. Токму така, сликите изобилуваат со бои, чувства, контрасти, апстрактни и понекогаш фигуративни цртежи. Секоја слика е посебна приказна, или севкупно, приказна во продолженија… Јас сум артист кој своите дела ги создава спонтано, со секоја боја, линија, гест, го ставам мојот печат, мојата душа, ја впишувам енергијата која ја поседувам.
Ме прашуваш, што е базата? Базата е слободата, љубовта, свесноста, отворени гранци на умот!
Ова е твојот преубав период, твориш, изгледаш, зрачиш. Уште една потврда дека треба и можеме да го креираме својот живот. Како се чувствуваш?
– Во овој период од животот се дадов себе си. Давам и повеќе одошто некогаш можам, дури и самата сум изненадена.
Најважно ми беше да ја реализирам мојата самостојна изложба, со која го прославив и 10 годишниот јубилеј на ликовната сцена. Во период од 10-на месеци создадов нови 20 дела, кои ја раскажуваат мојата животна приказна. Приказната за Андријана и Карциномот.
Многумина ми велат дека зрачам, дека добро изгледам… да, јас и така се чувствувам. Иако за себе би рекла дека ми фали физичката активност, вежбањето во теретана, јога, подолги пешачења во природа. Секако, како зајакнува моето тело така и јас ја зголемувам активноста, спортот… Ние сме всушност креаторите на нашиот живот. Чекор по чекор, со силна желба и воља јас го креирам мојот.
Се уште не сум во потполност задоволна но одам во тој правец. Но, животот е чудо! Јас тоа го почувствував на сопствена кожа. Даваш се од себе, се вложуваш но тој ти враќа повеќе од што си мислел. Верувај во чуда и чуда ќе се случат!
Кои се најважните работи што ти ги направи во борбата со канцерот? Секако ја консултираше медицината, и беше дисциплинирана во таа насока…
– Канцерот е една комплексна состојба. И секој кој се соочил со него има свое индивидуално искуство. Моето беше дека во првиот момент мислев- заврши животот, а после три дена, го прифатив и се соочив со него. Тоа е и всушност патот кој води до исцелување, прифаќањето.
Никогаш не помислив, зошто мене ме одбра, не помислив- кој е виновен, не окривував никого. Тој дојде за да ја врати вистинската Андријана кон себе, да и ги отвори очите и да и го разбистри умот.
Искрено, до ова мое патешествие немав посетено доктор, се немам ниту апче за глава напиено. Веќе и подолг временски период сум на веган исхрана. Уште пред дијагнозата живев живот во кој се грижев за сопственото здравје… Одсекогаш сум била поборник за природно, но кај мене медицината беше неизбежна. И јас сум благодарна бидејки застанав на нозе. Во рок од 6 месеци метастазите и карциномот радикално се повлекуваа и јас се чувствував се подобро.
Секако многу важна е дисциплината. Без оглед за што станува збор, терапии, суплементи, исхрана, вежби, за се треба време и трпение. Ако не сме дисциплинирани, тогаш нема да го имаме посакуваниот резултат. Јас се уште сум дисциплинирана, послушна и работам на сопственото здравје.
Она што е инспиративно за сите е, како го дисциплинираше својот ум?
– Не е лесно да го дисцплинираш умот, но во исто време не е ни тешко. Малку чудно звучи, нели? За да ја постигнеш целта потребно е да направиш радикални промени, дисциплина или самодисциплина.
Без оглед на тоа што сакаме да постигнеме во животот, најнапред треба да имаме цел, визија, потоа стискаме „рестарт“ на умот, му задаваме нови задачи. Не оние веќе прифатените, старите обрасци кои се испоставило дека не ни служат. Овој пат правиме се обратно од досегашносто, ако јадеме со десна рака може и со лева да се обидеме.
Ние се соочуваме со многу парадигми. Имаме научени шаблони од минатото, од родители, институции, од луѓето што ќе кажат… итн. Замислете што се е складирано во нашиот свесен ум, а што се во подсвеста. Во овој период од година дена работев многу на откривање и елиминирање на тие потсвесни блокади. Работев и поминав низ многу процеси, соочување со стравот од смртта, простувањето, препуштањто на Божјата воља, љубовта како единствен и најголем двигател во процесот на излекување.
Сите тие промени, и освестувања се твојот начин, патот по кој сигурно чекориш…Каков е твојот свет денес, како го почнуваш денот, со кого другаруваш, твојот свет се и животните, природата…
– Денот го почнувам не секогаш многу рано, околу 8-9 часот, иако целта ми е да станувам порано. И тоа не ми е тешко, ако имам некоја обврска рано наутро.
Во летниот период станувам рано бидејки и моите животни се спремни за утриски игри. Од кога ги сменив утринските навики, најнапред правам некој цеден сок, може и само лимон со млака вода, потоа некој од моите смути, каши со овошје, семки, семиња, јаткасти плодови…
Во овој период на канцер создадов многу нови пријателства, а некои стари завршија. Одсекогаш сум имала мал број на луѓе со кои другарувам, но сите беа одбрани. Сега во времето на пандемија се дружам колку што ми дозволуваат условите, но имав и доста активен период, ги обожавам уметничките дружби од типот на колонии, изложби.
А ако ме прашувате за моите животни, тие се составен дел од секојдневието, јас неможам без нив а ни тие без мене. Сите што ме познаваат поблиску знаат каков фанатик сум за кучињата, мачињата и поборник за правата на животните. Впрочем, незнам како изгледа ден без некој шепаст да се шета по дома. Во моментов имаме 5 кучиња и 10 мачиња, од најмало до најголемо. Е, тоа е журка. Ги обожавам прошетките со нив низ падините на Водно каде што живам. Тие се најверните, најчуствителните и најзаштитнички суштества, те следат во чекор и не даваат влакно да ти фали.
Бидејќи си мајка, кои совети и ги даваш на Стефанија а кои совети од твојата мајка Јулија, ти ги применуваш?
– Бидејќи станав мајка на 18 години, некако и ден денес се чувствувам толку блиска до сфаќањата на младите. Стефанија моја никогаш не сум ја ограничила во нешто што и преставувало предизвик. Таа има отворен однос со мене и со мајка ми, постојано зборуваме за се што ни се случува, се консултираме, се советуваме, заеднички донесуваме одлуки. Сепак, сметам дека секој млад човек треба да помине низ животната патека, колку и да сакаме да ги поштедиме децата од нешто, тие едноставно треба да го чекорат патот низ кој ќе растат и ќе учат. Таа знае дека ја има нашата поддршка. И велам да биде своја, да знае што сака, да се бори за своите цели, да се сака и вреднува себеси, бидејќи сите ние сме уникатни сами по себе, на свој начин.
А кои совети јас ги добивам од мајка ми? Таа одсекогаш била покрај мене во се, ме поддржувала, ме подучувала, ме заштитувала. И денес е исто. Ние нашиот однос го градиме врз отворено зборување, споделување, секогаш сме тука едни за други. Советите ни се секојдневие низ разговор, во процеси низ кои минуваме. Јас и мајка ми постојано работиме на тоа да се надоградуваме, да истражуваме, да учиме, заедно да растеме низ секој предизвик во животот. Па да, заедно сме посилни!
За крај, кажи ми кога навистина се засака себеси, и колку созреа низ тој процес на љубовта?
– Како што кажав, канцерот е комплесна работа. А животот е една чудесна патека низ која одите но незнаете што ве очекува, полн е со предизвици, препреки, лекции… Тоа не значи дека пред канцерот не сум се сакала себеси, сум имала љубов за себе, но некако повеќе сакав да ја давам љубовта! Сметав дека давањето љубов е нешто најубаво, непроценливо и сега истото важи, но овој пат со свесност на кого, за што и без услови, без очекувања, без потреба да биде вратена.
Процесот на љубов, кон себе си е една од најважните нитки за здравјето. Тоа не е себичност, тоа е вреднување на себеси, почитување на сопствената личност, на вредностите кои ги поседуваме. Најважно е да знаеме што сакаме, кои се нашите цели, со кои личности сакаме да пријателуваме, соработуваме, да го искажеме сопственото мислење, да поставиме граници, но и да кажеме: НЕ.
Честопати се мешаат брзините кога се зборува за љубовта. Тоа најчесто како да е само љубов помеѓу двајца. Љубовта е достапна за сите, нема одбрани личности, таа не калкулира, не познава хиерархија. За љубовта нема мало и големо, возможно и невозможно, вредно и невредно. За љубовта се е големо, возможно и вредно.
Да се сака значи да се прифати, да се отвори срцето, за се што ни доаѓа во пресрет. Вистинската и чиста љубов не познава правила, единствен закон е да си останеш она што си, и притоа да чуеш: Сакам тоа што си!
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени