Овој текст е дел од серијалот текстови за поддршка во промоцијата на традиционалното производство на зачинот буковска пипер, а во најава на манифестацијата „Вкусот на Буково“ преку која се слави неговата посебност. Манифестацијата оваа година се организира по петти пат, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Буковската пиперка, од која се произведува добро познатиот зачин „буковска пипер“, познат и под имињата „буковец“, „буковка“ итн, претставува посебен растителен локален генетски ресурс. Нејзините производители се добро упатени во производството на пиперки од „старото семе“. Сортната дивергентност е мала, односно состојбата на сортна мешаност е слаба и карактеристиките на буковската пиперка се задржани во голем дел. Производството на расад секој производител го изведува самостојно, во сопствени леи од полуфорсиран тип, користејќи семе од минатогодишното производство. Главните карактеристики на овој локален биолошки ресурс се:
Растението на буковската пиперка, припаѓа на сортите пиперка со исправен раст, која во оптимални услови достигнува просечна висина од 70 см (61,04 до 83,12 см), измерена во период кога 50% од растенијата почнуваат да зреат. Ширината на растението, мерена во неговиот најширок дел и тоа веднаш после првата берба, изнесува 45 см. Крошната на растението е од среден тип, а започнува да се грани на висина од 20 см каде како индикатор се користи првата поделба на стеблото и до таму е констатирана должината на стеблото, додека дијаметарот е измерен веднаш после првата берба во средниот дел на првото разгранување (првата поделба) и истиот изнесува 2.1 см.
Листовите се одликуваат со зелена до темнозелена боја и средна влакнавост што е важно својство од чија густина зависи и отпорноста на листовите кон сушни услови, иако е јасно дека пиперот е култура која интензивно се обработува и бара наводнување. Обликот на листовите е издолжено заострен (ланцеолатен). Буковската пиперка се одликува со следните димензии на листот: должината на израснат, зрел лист се движи од 7,78 до 11,65 односно во просек изнесува 9 см, додека широчината на листот во просек е 4,2 см.
Како трета група најважни карактеристики, се тие на плодот. Плодот е дел од растението кој е најкарактеристичен за истото и најлесно препознатлив. Имено, плодот на буковската пиперка се карактеризира како издолжен, со добро изразена црвена до темноцрвена боја и слаба ребравост при напречен пресек на плодот. Се одликува со просечна должина од 16 см и просечна ширина од 4,15см. Тежината на еден плод изнесува 43 грама. Површината на плодот генерално е збрчкана. Формата на плодот е пропадната (потоната), а бројот на комори е две. Ивиците на чашката се назабени, со добра стегнатост на прстенот на чашката.
Буковската пиперка припаѓа на средностасните сорти на пиперки поради што нејзината берба започнува на крајот на месец јули и почетокот на авуст. Бербата трае до почетокот на првите есенски мразеви. Се изведува во неколку наврати, а најчесто има 3-5 берби. Бербата мора да се изведува редовно, за да се овозможи непречен развој на новоформираните плодови.
За производство на зачинот буковска пипер се берат исклучиво добро созреани пиперки. Плодовите кои имаат ботаничка зрелост помала од 85% не се погодни за производство на пипер, односно за сушење.
Елена Каровска Ѓошевска
Коментарите се затворени