„Среќен човек со радост оди на работа и едвај чека да се врати дома кај своите најмили. Тоа е вистина и јас сум од тој калибар“, вели нашата соговорничка, виолинистката Ана Кондратенко на својот симпатичен македонско-руски говор.
Ана е убава жена – нејзините очи потсетуваат на спокојни езера во кои се пресликуваат длабоките руски шуми. Но, надворешниот изглед не и е единствениот квалитет. Професионално е успешна и реализирана, а приватно, со срце преполно со љубов, кое сака и знае дека е сакано.
– Нашите менталитети, рускиот и македонскиот се многу слични, па не ми беше многу проблем да се приспособам на средината. Кога дојдов да живеам во Македонија, Леона беше бебе и најчудно ми беше тоа што сите зборуваат гласно. Јас со бебето зборував тивко, речиси шепотев, Леона беше така навикната, па кога ќе се огласеа други се штрекнуваше и плачеше. Свекрва ми, Блага Петреска, инсистираше да престанам да шепотам за малата да се навикне на македонскиот начин на зборување. Полека, со текот на времето се научив и јас… Сепак, секогаш ќе се чувствувам како Русинка, но интересно е тоа дека кога сум во Русија мајка ми ме потсетува да не викам многу.
По толку години кај нас, научивте ли да се справувате со носталгијата? Ми изгледате како вистинска руска душа, како лик од драмите на Чехов, нежна, копнежлива… Колку често одите кај своите во Русија?
– Јас не чувствувам носталгија ако не почнам да мислам на Русија. Бидејќи во нашето брзо живеење имам многу други работи в глава, носталгијата е ретка. Понекогаш со мислите летам во моите родни краишта, кај мајка ми и браќата, тогаш станувам замислена и тажна. Но, го знам и лекот – тогаш гледам руски филмови, си подготвувам некое омилено јадење, по рецептот на мајка ми и веќе ми е полесно. Им раскажувам на моите ќерки за Русија, им зборувам руски, им читам руски книги… Исто така, заедно сакаме да гледаме руска телевизија што ја имаме благодарение на сателитската антена. Во Русија, обично, одиме еднаш на две години. Неколку пати бевме во лето, но ја почувствуваме сибирската зима, останавме цел јануари. Температурата во Новосибирск беше -35С и ни беше потребно половина час за да се облечеш – прво тенки хулахопки, потоа топли, па специјални топли хеланки, следуваат зимски панталони, горе маичка, блуза, топол џемпер, се` до бунда, шубара и „валенки”. Ако сакате да одите во театар, на концерт, на гости, треба да носите облека и обувки за пресоблекување, бидејќи парното не е исто секаде, па можете да се сварите ако не се пресоблечете. За „валенки” треба посебно да раскажам – тоа се т.н. зимски чизми што ги спасуваат луѓето за време на руската зима веќе неколку века. Направени се од специјално обработена волна, лесни се, но многу се топли. Ногата во нив не замрзнува и во обични чорапи и на -30С.
Со сопругот Олег се запознавте преку музиката, се сплотивте во заедничката приказна и денес заедно имате концерти… Патем, што има тој, а немаат другите мажи?
– Не знам зошто, но едноставно знаев дека во животот ми е потребен некој како Олег, кој е олицетворение на маж од сите аспекти. Многу е умен (таа особина секогаш ми била важна, ако не и најважна), има ретко добра смисла за хумор – знае да ме насмее и во најтешките моменти и со тоа да ме олабави. Во фамилијата, со децата е најнежен татко и маж на светот. Ќерките го обожаваат и многу го почитуваат. Навистина беше романтично… Кога го запознав поблиску, едноставно знаев дека нема друг таков за мене.
Ме интересира каков е животот, приватното време на музичарите дома. Свирите ли постојано? Особено што Блага Петреска Ви е свекрва, претпоставувам дека кај вас има многу музика…Како се согласувате Вие двете и кои се најважните совети што ги добивте од Блага?
– Вистина е, обично, кај нас дома има многу музика. Понекогаш и во сите соби различна – од собата на девојчињата се слуша џез, Олег или јас вежбаме кај нас во соба, во дневната се слуша радио, по некое убаво ЦД, телевизија… Со Блага живееме на ист кат, во ист влез, нашите станови се еден спроти друг. Мислам дека нема ни едно мое интервју каде што не сум ја спомнала Блага и тоа дека е вистинска среќа што имам таква разбрана, паметна, убава и позната свекрва. Како и во секоја нормална фамилија, така и кај нас има недоразбирања, на некои моменти несогласувања, но секогаш Блага е таа што прва не` тера да се искажеме и заедно да ги решаваме проблеми. Јас (особено во прво време) бев многу повлечена и не ~ кажував кога нешто ми пречеше, едноставно мислев дека проблемот ќе помине сам од себе ако премолчам. Блага секогаш ме забележуваше и ме тераше да се искажам. Така научив дека многу „чување во себе” не е здраво, а не спасува, туку ги влошува односите. Исто така, многу се радувам дека со Блага имаме слично мислење врзано за воспитувањето на децата. Таа (како и секоја баба) повеќе им попушта, ама не ги разгалува до тој степен, па ние како родители да го губиме авторитетот. Секогаш не` поддржува дури и ако во моментот не се согласува со нашето мислење, но за тоа дискутира со нас насамо, не пред децата.
Не можам да Ви ги одредам годините, изгледате како безвременска млада жена, за минатиот, овој, но и за идниот век. Гени?
– Благодарам за комплиментот. Да бидам искрена и на 16 години јас изгледав не многу помладо отколку сега. Навистина, имам добри гени, особено од женска линија. Моите баби беа многу вити,
а и мајка ми изгледа одлично, а не прави ништо особено за да ја негува кожата. Едноставно, ужива во животот и покрај својата сакана наука посетува часови по ајкидо. Е, со косата немав толку среќа како со кожата. Кога се мажев имав многу подолга коса отколку сега. Секогаш ја носев во плетенка, затоа беше многу оштетена и краевите ми беа расцветани. Затоа решив да ја скратам, а и со децата не можев да си дозволам толку долга. Се` уште ми недостасува плетенката… Еднаш се обидов да ја шатирам и покрај убедувањето дека жената е најубава со природната боја. Искрено, само ја оштетив, а и Олег ми рече дека тоа не сум јас. Веќе не експериментирам по тоа прашање.
Дали на убавите жени им е полесно во животот?
– Во Русија има израз „те сретнуваат поради изгледот, ама те паметат по умот”. Откако сум свесна за себе знам дека не е се` во убавината. Вистина е дека првиот впечаток е многу подобар ако изгледаш убаво, но што ако освен убавина внатре нема ништо?
Како се негувате, имате ли некои свои тајни, трикови за убавина?
– Ништо посебно. Долго време речиси и не се шминкав, не ме интересираше, што ми помогна да ја зачувам кожата на лицето. Сега, со работата на сцена, со искуството, со годините веќе почнувам се` повеќе да се грижам за себе, редовно одам на козметичар, користам квалитетни производи за нега на лицето. Од баба ми знам дека за одржување млад и здрав изглед е многу корисно наутро лицето да се мие наизменично со студена и топла вода. Полнам два сада со вода – во еден многу жешка, во друга мраз студена. И почнувам да се мијам – прво со студена вода, потоа со жешка и така неколку пати. На крај завршувам со студена вода. Баба ми така се тушира. Во Русија е многу распространет овој метод на контрастен туш, а тоа е многу здраво не само за кожата, туку и за имунитетот.
Што мислите, што треба да се направи до 40. година?
– Да се создаде фамилија, да се родат децата, тоа е најважно. Среќна сум што го направив најважното. Сега ги раснеме девојчињата, а паралелно ја градиме и кариерата.
Вања Тодоровска