2.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША : ПИЛИЦА

 

Знам, веднаш ќе речете што е тоа?! И дали човеков го познава македонскиот литературен стандардизиран јазик?! Признавам, можев да напишам и „пиличка“, ама ќе звучеше како наслов на филм за после полноќ. Малку сленг не е на одмет, не?
Денес ќе ви го опишам целиот процес на создавање кауч. Од мој ракурс. И од мој дискурс. Предметот се викаше „Општотехничко образование“. Или нешто слично. ОТП или ОТО имаа мото да го малтретираат целото семејство! Со невозможни „направи сам“ задачи. Ми предаваше наставничката Ангелина. Фина, културна и насмеана другарка (тогаш жените не беа госпоѓи!), која го менуваше својот карактер кога требаше да се прегледа некоја вежба. Стануваше строга. А воопшто не ѝ одговараше и некако ја затвораше. Сакаше ОТП да стане математика или најмалку, историја! Да го ценат тој предмет сите луѓе во светот. И во нашата улица. Која имаше две имиња: Никола Малешевски и Македонско косовска бригада. Па, кое ви одговара?! Тоа беше првиот никулец на демократијата во Топаанско поле.
Нејсе, предметот ОТО и нашата лепа Анеглина сакаа од сите нас да направат вешти мајстори, резбари или барем тапетари. Составен дел од школскиот прибор беше и материјалот за ОТО. Во него, меѓу другото имаше и: некој чуден метален рам за резбање и две-три тенки пилици… Шпер плоча немаше. Неа ја набавувавме од некои складови за дрва. Ако добро се сеќавам. А некои другари по грешка ја викаа и „шперт плоча“. Редовно, тие што така ја викаа, имаа и најдобро изработени задачи по ОТО. Веројатно, македонски јазик и ОТО не одеа заедно. Или одеа на различна страна од улицата. Како и да е, изработката на предметите по ОТО бараше челични нерви, големо трпение и прецизен фат. Јас немав ништо од тоа.
Во шесто одделение, кога прстите ни беа веќе спремни за мајсторски потфати, нашата Анеглина ни даде задача да направиме кауч, тросед или отоман од шпер плоча. Кој колку може. Се разбира, овој предмет бараше и одредени предзнаења. А јас ги имав. Во забавиште лепевме волница (ние си ја викаме „вуница“ во Скопје!) на јајца. Идејата беше: од волницата да направиме коса на јајцето, а на него со фломастер да нацртаме очи, нос, веѓи, уста и сл. Кој колку знае. На крајот на потфатот, повеќе украсени ми беа прстите со волница, отколку јајцата. Таков беше лепакот. Непослушен.
Во тоа време, кога ќе дојдевме дома, родителите нé прашуваа како поминавте на училиште? Не знам дали и денес е така? Не верувам. Денес почесто мајките се на афтер ворк парти. Или на козметичар. Или на Фејсбук. Јас влегував дома и од врата ѝ го рапортирав целиот извештај на мајка ми. Таа беше задолжена за нашето образование. Таа одеше по комшии и бараше лектири за мене и за брат ми, по потреба бараше врски за некој предмет или дополнителен професор по математика. И одеше на родителски средби. Татко ми точно и течно знаеше кое одделение сме и понекогаш ни помагаше во некое уметничко дејание: цртеж или песна. Јас бев релативно искрен во соопштувањето на настаните од училницата и од школскиот двор. Но, еднаш се обидов да скријам една тројка по математика. Ми ја даде Виолета писмената и решив да ја скријам големата тетратка под зимската јакна. Влегов дома и само што се подготвував да ги соблечам чевлите и да кажам како сум поминал, тресна тетратката на сред тесниот ходник. Пенал. Мајка ми ме фати жив. Се престори во Холмс, Шерлок Холмс. Вели: „Што е ова?!“ Велам: „Писмена.“ „Зошто ја криеш?!“ Уште при самото подигнување на тетратката го доби одговорот. Со црвено, во горниот десен агол. Тројка. Чиста. Не се сеќавам дали се изнасмеа слатко или ме казни нешто, важно мојот обид за криење помина неславно.
Тоа нема никаква посебна врска со каучот на Ангелина, ама ете ми текна и го напишав. Моја колумна, моја слобода. Кога ја добивме задачата да направиме кауч, веднаш се обратив кај мајка ми. Можев само да замислам колку ќе се смееше татко ми, ако му речев да правиме кауч заедно?! Мајка ми ме погледна значајно и ми рече: „Сам да си го направиш. Ти можеш. Јас ќе ти набавам шпер плоча, пилици и сапун.“ Можам сам?! Сапун?! Што ќе ми е, не ќе се бањам?!
Нејсе, мајка ми ми ги обезбеди сите тапетарски репроматеријали и отиде да си пие кафе со сосетките: тетка Здравка и тетка Љупка. Ги следев инструкциите на другарката Анѓа. Со молив и лењир ги исцртав сите димензии врз парчето шпер плоча (поима немам каде го набави мајка ми?!) и почнав да резбам. Пук, веднаш се скрши првата пилица. Ај, белја! Само што го изрезбав првото парче од страничниот дел на каучот, пукна и втоата пилица. Ауууу, останав без пилици! За среќа, тоа време баш се поклопи со враќањето на мајка ми во нашиот стан број 12. „Готов ли е каучот?!“ – ме брецна уште од врата. „Останав без пилици!“ „А, сапун не користеше?!“ Сапун?! „Кога се резба, одвреме-навреме пилицата се поминува со парче сапун, за да не пукне.“ – доцен тапетарски совет. Е, сега ми кажа!? И што ќе правиме?! Најблиската книжара е во центар, а веќе е темница. Ништо, ќе земам пилица од другар ти Зоки. И отиде во другиот влез. Пилицата на другар ми Зоки Огненов се покажа како многу издржлива. Со неа ги дорезбав сите дрвени делови на каучот. Се разбира, чат пат поминував преку неа со парчето сапун. Некаде пред полноќ ги завршив и меканите работи. Парче сунѓер обвиткав со некоја ткаенина и внимателно ја сошив по рабовите… Внимателно?! Кога ја дошив, некаде околу 01.24 часот, сфатив дека сунѓерот бил малку поголем од платното и некако се згужвал… Сепак, го долепив каучот и ги пикнав меките делови, кои требаше да претставуваат наслон и дел за седење на каучот. Утрото не беше попаметно од денот и не го потпушти сунѓерот. Напротив, тој дел беше уште позгужван. Тоа е, мој кауч, мој проблем.
Мечка страв, мене не страв, отидов на училиште и гордо ѝ го покажав мојот кауч на Ангелина. Се смееше две минути, а потоа сериозно ме праша зошто е толку згужван горниот дел?! Примети, да си е.. векот! А јас, на стара слава, мангупски ѝ одговорив „Тапетарот беше малку пијан!“ Не се насмевна, само ми лупна џиновска четворка во дневникот. И толку. Заврши мојата тапетарска кариера. Подоцна, се разбира, се извадив на усно. На мој терен.
Да бев повешт тогаш, сега ќе можев да ги спојам даските за под душекот Ромео, за помалку од саат ипол и тоа ќе го правев со смеење и без пцуење на целата животна средина и околина. А другарите кои беа цареви за ОТО или ОТП, веројатно денес киснат секој викенд во грчка ИКЕА и дома се почитувани газди и домаќини, кога ќе склопат најтешок шифоњер за помалку од шест минути. А во слободно време, ги пеат моите песни. Кој за што учел…

м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена