Chef Маре Јаневска: Празнично мени со костени
Доколку сакате да ја избегнете класиката на маса (читај- руска салата, кифлички и прасечко) Шеф Маре Јаневска, препознатлива по префинетоста во рецептите, ви предлага нешто поинакво, оригинално и вкусно.
Топла салата со костени и панцета за 2 лица
Потребно е: 100г. печени и исчистени костени
100г. варена пченица
100г. варен басмати ориз
80г. панцета
1 главица кромид
2 млади лукчиња
1 јајце
1 лажица путер
3 лажици масло за готвење
Неколку гранчиња свежа мајчина душица
Сол, бибер, балсамико крема.
Варените пченица и ориз се соединуваат во длабок сад. На загреана тава се пржи панцетата сецкана на крупни коцки. Кога ќе се претвори во крцкав чипс, се става во пченицата. Во истата тава се додава кромидот во форма на ленти, заедно со путерот. По две минути му се додаваат костените, заедно се пропржуваат, за да се истакне аромата на костените. Потоа се додава една лажица балсамико крема за сето тоа да се карамелизира и веднаш се трга од оган. Оваа смеса се додава на пченицата и оризот.
Во истата тава се загрева масло за готвење, сецкано младо лукче и мајчина душица. Веднаш потоа врз нив се крши јајцето и се заедно нежно се промешува и се додава во смесата. На крај се зачинува со сол и бибер, се меша и се сервира во длабока чинија. Може да се декорира со чипс од панцета и гранчиња мајчина душица.
Мисиркино филе во сос од костени за две лица
Потребно е: 400г. мисиркино филе
сок од половина лимон
2 мали лаж. сенф со зрно
масло за готвење
Ворчестер сос
сол и бибер
За сосот е потребно:
250г костени (печени и исчистени од лушпа)
1 кромид
3 чешниња лук
1 лажица путер
кора и сок од половина портокал
150мл крем за готвење
3 лажици павлака шманд
2 лажици коњак
сол, бибер
Филето се маринира со сенфот, сокот од лимон, ворчестер сос, сол и бибер, неколку часа, може и еден ден.
Костените се пржат на путер со малку сол. Се вадат од тавата, а во истата е додава малку масло за пржење и кромидот на крупни коцки. Се пропржува да омекне, потоа се додава лукот, само притиснат со ножот и повторно ги враќаме костените. Сето ова заедно се соединува со кремот за готвење и павлаката, се зачинува со сол, бибер и пред самиот крај коњакот, кората и сокот од портокал. Се препорачува да се конзумира веднаш по готвењето, за да се почувствува вистинската магија на вкусот.
Тортица со крем од костени и карамел за 2 лица
Потребно е: 2 јајца (одвоени белки од жолчки)
100г шеќер
1 лажица брашно
100г дробени печени костени
кора од половина портокал
Се матат белките, потоа постепено се додава шеќерот и се мати додека не се добие цврста смеса. Потоа се додаваат брашното и костените и полека се меша со лажица или шпатула. На крај се додава кората од портокал, се истура смесата во мал плех обложен со хартија и се пече на 200С околу 10-15мин. Се лади и се вадат парчиња со модла по избор. За една тортица потребни се 2 парчиња кора.
Фил
2 жолчки се матат со 50г шеќер во прав. Потоа се додава 3 лажици маскарпоне, 2 лажици омекнат путер и 50г пире од костени. Доколку решите да го правите сами, печените костени ставете ги во блендер и по кратко ке добиете совршено пире.
На филот му се додава и ванила, се заедно се поврзува и потоа се формира тортицата така што во модлата се редат наизменично кората и филот, се завршува со тенок слој од филот, се притиснува со лажица во средината за да може полесно да се отстрани модлата.
За карамелот потребно е 3 лажици шеќер да се растопи. кога ке добие убава карамел боја му се додава 50мл крем за готвење и 5 лажици млеко. Се остава на тивко да се вари со повремено мешање. Кога ке се добие густа смеса, се додава 1 лажица путер и се трга од оган.
Тортицата се сервира со карамелот, цветови лаванда или други украси по избор.
Коментарите се затворени