Пред извесно време бил ограбен музичарот Иво Илиев, попознат како Далтон. Додека тој бил на настап, од неговиот стан биле украдени 15.000 евра, кои ги собирал за да уплати стан.
-Беше викенд и јас свирев прво во еден ресторан а потоа во ноќен клуб. Парите ги собирав за да уплатам стан. Во петокот плаќав некои сметки и задоцнив да ги ставам во банка и планирав тоа да го направам во понеделник. Но, додека јас свирев во саботата, некој влегол и си ги земал од плакар, каде што ги чував, вели Иво.
Според него најинтересно е што вратата од станот во кој сега живее воопшто не била разбиена, ниту, пак, во станот нешто било поместено.
-Едните соседи се вратиле од вечера половина час после полноќ и вратата била затворена. Другиот сосед, пак, се вратил кај два после полноќ и вратата била отворена. Тој помислил дека сум дома и дека луфтирам и затоа не реагирал. Тоа време јас свирев во ноќниот клуб и некој се осигурал дека сум таму, дошол дома, си ги земал парите и си заминал. Пријавив во полиција, ја дадов и бравата на вештачење, но истрагата трае, уште ништо не е завршено. Инспекторите ми кажаа дека имало клуч што ги отворал сите врати, специјализиран клуч. Приведуваа неколкумина, но ги пуштија, немало доволно докази. Иако јас знам кој ми ги украде парите, кој знаеше дека имам толку пари дома. И сега тоа е, ќе чекаме на истрагата. Таа си трае, јас сум си без пари. Сакав стан да купам. Ама… Тие што ме опљачкаа си уживаат а јас место на одмор ќе работам, вели тој. (В.М.)