Поранешниот фудбалер Никола Трипуновски и ракометарката Јасмина Андонова пред десетина дена направија свадба, во скопскиот ресторан „Wedding House“, сопственост на Никола. Младенците велат дека тоа не било класична свадба, туку заедно со 400 гости направиле журка а гостите ги забавувале групата „Арија“ и пејачот Боби Павловски. Бидејќи и двајцата се спортисти, неминовно било високите потпетици во вториот дел од свадбата да се заменат со патики.
-Нормално е невеста да биде центар на внимание. Но, јас не се чувствував така. По свадбата со Никола си зборувавме дека и на двајцата ни се чини како се да траеше пет минути, бидејќи беше многу весело и убаво. Не беше класична свадба туку забава, како во диско забава со шведска маса. Навистина се ни помина како низ магла, како во сон. И двајцата на ништо не се сеќаваме и едвај чекаме да го гледаме видеото за да видиме што се случувало, вели Јасмина.
Јасмина за свадбата се одлучила да смени два фустани. Едниот долг класичен невестински, што го дизајнирала Пепика Јованова, а другиот, покусиот младата дизајнерка Емилија Ангеловска.
-Свадбата ми почна во високи потпетици и на пола свадба си ги облеков патиките со кусиот фустан, својствено за спортист. Почна со песната „ Се додека те има“ на Дино Мерлин, која е толку моќна песна што ни разбуди на сите емоции, сите се расплакаа на неа, вели невестата.
Меѓу гостите биле и ракометарките Андреја Белеска, Викторија Пеовска, Мони Јанеска, Маја Трпковска, Ика Деловска, Сара Митова, фудбалерот Стевица Ристиќ и други нивни колеги.
Јасмина и Никола поради спортот се познаваат многу одамна, но официјално се запознале пред две и пол години. Една недела откако им почнала врската почнале заедно да живеат. А на меден месец веќе беа во Грција.
Јасмина паузира од ракометот. Вели- прво бебе па потоа повторно активно ќе се вратам на спортот. Играла во „Вардар“, во „Жито “- Прилеп и во „Бурса“ во Турска. Никола, пак, пред неколку години се збогува од активното играње фудбал и го отвори ресторанот за свадби. За време на неговата фудбалска кариера играл во „Вардар“, „Победа“, „Работнички“, „Силекс“, „Пелистер“, Албанија, Азербејџан и Мјан Мар. (В.Миленковска)