Буковска пипер – зачин, традиција, идентитет
Овој текст е дел од серијалот текстови за поддршка во промоцијата на традиционалното производство на зачинот буковска пипер, а во најава на манифестацијата „Вкусот на Буково“ преку која се слави неговата посебност. Манифестацијата оваа година се организира по петти пат, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Благословени се местата на кои им било подарено да имаат таков препознатлив производ, со кој мештаните се доживуваат себеси комплетни, спокојни, обдарени, додека ја гледаат неговата доминантна боја во просторот: во полето свртено кон исток, на низите пиперки што ги бојат фасадите на куќите црвено, ставени да се сушат – на чардаците, балконите, на убавите куќи направени со печалбарски пари.
Ретки се местата врз кои толку се излеала кошницата на божјите дарови, да можеш да ги сетиш со сите сетила: допирот – додека му се радуваш на тазе набраниот род во дланките; бојата – на свежо набраните пиперки послани низ дворот што чекаат да бидат нанижани; мирисот – на уште топлите фурни додека се вадат потпечените низи пиперки што со недели се сушеле на провев – да го сетиш дури до соседните села; звукот – на ќускиите што удираат врз тазе потпечените суви пиперки во кутлињата, кој одекнува низ трудољубивите маала; вкусот – со кој ве чека на трпезата, во соларник со две окца – за сол и за пипер.
Ретки се местата кои од таков дар умееле да создадат толку широко прифатен производ, таков бестселер, таква зависност за гурманите.
Буковската пипер е извор на натпреварувачки дух за Буково: кој е помајстор? Таа е порив за зачувување на нешто што е наследено од предците. Негувањето на неговата изворност е учество во грижа за родната планета, но не на некаков безличен, далечен начин, туку, преку нешто што нашата микро-средина му го дарила на светот, на човештвото, преку нешто со што прави да се чувствуваме достоинствено – самите со себе, како семејства, како луѓе кои сме растеле уште од деца, како соседи со кои го живееме секојдневието – работејќи во полето, работејќи по дворовите, на пазарите.
Организирани во Президиум под покровителство на светското движење „Слоу фуд“, жителите на Буково учествуваат во една идеја за создавање подобар свет, заедно со милиони непознати, вредни, чесни, ведри, доблесни луѓе, од 150 земји. Колку и да се далеку едни од други, и колку и да си се непознати едни на други, толку им е блиска исконската желба: да се зачува старото семе, да им се пренесе знаењето на помладите, да се научи нешто од знајните и незнајните краишта на светот, секогаш кога ќе се вдаде таква можност, за да научиш како да им пружиш уште подобра грижа на растенијата, како да ги одоброволиш да ти раѓаат уште подобро, како да ги заштитиш од штетата што не сакајќи им ја нанесува незнаењето, или од непознатото што им ја цица силата.
Таквите можности, какви што се светските собири на луѓето што ги изложуваат своите производи од сите краишта на светот, се празници на скромноста и можност да се нацрпи мудрост од предците за исправување на грешките кон кои го довеле светот помладите, заслепени од привидот на брзиот успех. Семе најдено во мравјалник кога светот ќе го здогледа сè поизвесниот глад. Повеќекратно обострано задоволство.
Васко Марковски
ИЗВАДОК од брошурата:
„Буковска пипер – зачин, традиција, идентитет“, © 2015 Slow Food Macedonia, стр.5-6
Коментарите се затворени