Во пресрет на Бадниковата вечер или, ноќ кога емоциите ги распостиламе по дома
Годинава стискам палци, праќам позитивна енергија, мантрам и што се не правам, во коледарското утро да ме разбуди детската песна. Стравувањето не е без причина- „до вчера“ пандемијата сосема не затвори. А, години наназад, во темни зори слушав гласови на „сомнителни“ коледари, младинци што ноќната забава ја продолжуваат со ѕвонење по врати. Јаболки и бонбони ги трампаат за пари а костените не ги ни погледнуваат…
Шегата на страна- многу ги сакам зимските семејни празници.
Еве зошто- за Нова година, во времето кога растев, во префорсирани очекувања од луда, најлуда ноќ, се што правев не беше доволно добро да се принесе на олтарот на последната вечер во годината. И, како за баксуз никогаш не бев доволно расположена, не можев да се приклучам кон глобалната „хај приказна“, затоа што сум лимун табиет.
Тоа си остана и до ден денешен- нешто одвнатре се буни, ме влече за ракав, ми ја искривува устата надоле… Шест дена, односно шест ноќи подоцна, за Бадникова вечер сум- своја на своето и со молчење кажувам се. Првин молитвата, како дел од водичот за освестените, како прилог кон обичаите, испитувањето кон исконската жед кон традицијата. Мојата молитва е поврзана за самопрозваните пријатели- од непријателите сама се чувам.
„Кај и да си, за Бадник дома да си – поучува драгата поговорка што ја истакнува поврзаноста на домот со убавите празнувања. Па и за оние што не се домаќински типови, се чини дека со коледарската песна, собирањето на бадниковата вечера, и потоа и со Божик, ги „искупувааат“ гревовите. Понекогаш си мислам, што е живот ако не куп спомени, а сликичките се врежуваат и не пожолтуваат, како да биле вчера.
Знам дека на овие обичаи поинаку гледаат детските од очите на возрасните па затоа, куќи кај што има ситни деца, можни се најразлични местенки поради паричето. И многу често, во лебот се ставаат не едно, туку две или три пари, што го диктира бројноста на подмладокот.
Ете затоа, Бадниковата вечер ја достигнува кулминацијата со кршењето на лебот а регуларноста на ритуалот, најчесто оди во рацете на задолжениот за трпезата. По дома секој може да си изиграва Господ.
Кај нас јадењата на бадниковата вечера се исклучиво посни, и исклучиво вкусни. Риба, па пита со праз. Мммххх. Месен леб и грав. Посни сарми. Туршија.Сето тоа се залева со црвено вино. Па се каснува варена тиква и ореви, костени и бадеми, мандарини, смокви и урми…Убавина што трае и трае и трае…
Најубавото и најзабавно е што трпезата не се раскрева цела ноќ. Помини замини, секогаш можеш да чепнеш а вратата од фрижидерот издајнички да не те открие. Среќни празници!
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени