Моето детство : Првото дете во семејството : обожувана од бабите, чичковците и тетките
Приказната врзана за детството, најубавиот и најбезгрижниот период на секој човек, ја носиме цел живот, и уште повеќе од тоа, таа понатаму не обликува и дооформува во луѓе. „Како денот по утрото, така човек по детството се знае“- велат филозофите. Детството е нашето острво на копнеж, наша безгрижност, тоа е куќа на нашите спомени, па затоа со радост одново и одново сакаме да се сетиме какви бевме како деца. Првите сеќавања од најубавиот животен период со нас ги дели Татјана Стојановска.
„На детството се сеќавам со носталгија а единствена асоцијација ми е безгрижност, мечти, фантазии и детски игри. Прво дете сум во семејството и прва внука од страната на мајка, што значи обожувана од сите – од бабите, дедовците, тетките и чичковците. Ми купуваа подароци, ме опсипуваа со љубов а јас си бев скромна и срамежлива. Детството и растењето тогаш, (родена сум 1974 година), беше исполнето со многу дружење – до 5. година имав повеќе со машки другари, со деца на пријатели и од комшии со кои моите родители се дружеаа и најчесто бев набљудувач на нивните игри кои делуваа магнетски врз мене. Потоа на петипол години добив брат и се научив на одговорност. Навистина, како постара сестра се грижев за него а и родителите имаа доверба да ми гооставаат на чување. Кога тргнав на училиште, се сменија нештата, стекнав другарки а нашите „женски“ игри беа ластик, скокање на јаже, народна, плочка, играње со кукли, возев велосипед, ролшуи, добив убави црвени за роденден, и многу бев горда на нив…
Бев смела, послушна но срамежлива, што од денешен аспект можеби е малку несватливо. И не се плашев од ништо, не мислев на опасности, бев самостојна што веројатно ги инспирираше моите да ми даваат домашни обврски. Кога одев кај бабите во село, а тие имаа куќи една спроти друга, првин и помагав на едната, и веднаш одев кај другата. Правев се што можев – готвев, средував, чистев, и ништо не ми беше тешко, напротив, бев среќна што можам да помогнам.
Бев типично девојче, со долга коса, обожував да се лакирам и ги земав сите лакови и кармини на мајка ми, сакав да се дотерувам а можеби најмногу од се да носам фустани и шарени здолништа….
Еден период сакав да станам балерина, бев вљубена во фустаните од тил, играв по дома, учев да стојам на прсти. Мајка ми, знаејќи ја оваа моја голема желба се обиде да ме запише на балет во МНТ, но бев премала и не ги исполнував условите- со пет години не знаев да свирам клавир, ниту да зборувам англиски , па мојот сон се распрсна на илјада парчиња. Ми се скрши филмот и желбата како да исчезна…Потоа сакав да бидам професорка, но од сето тоа ништо не се оствари.
Бев одлична ученичка и секој патронат имав ангажман- или рецитирав или ја водев програмата. Професорот по македонски уште тогаш го откри мојот талент за читање и добра дикција, па ме вклучуваше во сите секции – литературна, драмска а моето прво водителско искуство беше во осмо одделение на патрониот празник на училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела вода.
Нова година беше празник на кој многу се радував. Пакетчињата беа задолжителентелни а едно изненадување на татко ми ќе го паметам цел живот. Ми стави пакетче под кревет, а влезната врата беше подотворена.
Само што се вратив од училиште а тој ветувачки вели- изгледа некој дошол и не ја затворил вратата… Не обрнав многу внимание, но вечерта кога го местев креветот, го најдов пакетчето и бев сто посто сигурна дека поминал Дедо Мраз. Ех, колку бев возбудена! Го замислував- како влегол, како го оставил изненадувањето, можеби седнал во моето катче, и на крај, си заминал.“
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени