Херојот на овој текст, често знае да каже: „Ние сме само гости на светот и нашата должност е да им предадеме на идните генерации она што сме го научиле во нашите традиции, од нашите претци…“ Освен што е член на Слоу фуд Охрид, Сезер Акин, инаку по потекло од турскиот град Ајдин, а сега жител на Охрид, е голем човекољубец, производител на органска храна, зеленчук никнат во неговата бавча преку автохтоните семиња.
Освен што има градина, тој има и катче за вкусување на она што го произведува: македонско- турски традиционални, може да се рече- деликатеси, симбиоза на енергија и љубов, ставена во рамка: Sezer’s Organic Farm.
Главната мурудија во се што Сезер прави, сеедно дали е тоа макало од артичока, слатко од неговите чери домати, лутеница со халапењо пиперчиња, супа од леќа.., е љубов. Можеби затоа овој човек со космополитски дух делува магнетски врз луѓето, кои чуствувајќи ја неговата добра намера, го подржуваат во автентичноста.
Следната мисија на Акин и Слоу фуд Македонија е бомбардирање со семиња, чувари на нашиот агробиодиверзитет, во која ќе бидат вклучени сите љубители на природното, собирачи и одгледувачи на автохтони семиња, сеедно дали имаат понекое пиперче во саксија на прозор или во бавча…
Еве како размислува Сезер, еве како расцути идејата за „бомби“ од семиња, како инспирација за некој ден ќе стане – реализација.
– Всушност, методот Seed bomb е стара древна техника што се користи за да се зачуваат семињата безбедни додека условите не се погодни за ртење. Се користи уште од античко време, со ставање на семе во глинени топчиња за да се зачуваат за понатамошна употреба. Семените бомби се мали топчиња што ќе бидат фрлени во почва, за да се подобри растот на растенијата, да се ревитализира и да се проветрува земјата. Овие топчиња ќе обезбедат и погодна средина за развој на семиња и ќе штитат од надворешни фактори.
Акцијата започна со тоа што собра твои автохтони и разновидни семиња, од зеленчук до цвеќе: патлиџан, пиперка, аџур -бела краставица, ајдин караси -тенок модар патлиџан, артичока, боранија, сончоглед, џунџуле…, што им ги прати на своите пријатели, членови на Слоу фуд, со што се обезбеди „муниција“ за зелени бомби. Секако, во прв план беа семињата од разни растенија и дрвја.
– Со текот на години и искуството разбрав и видов дека работата за пошумување што треба да се направи со фрлање дрвја и разни растителни семиња во природата е ефтин, ефективен метод без одржување. Поради оваа причина, секоја година ја бомбардирам мојата околина – колку што можам.
Со организацијата Слоу Фуд Македонија, чиј член сум, ќе ја „бомбардираме“ Македонија на 21 март, и сакаме оваа акција да стане традиционална.
Би сакал да им се заблагодарам на нашиот лидер на Слоу Фуд, Николче Николовски, кој ме поддржуваше од првиот ден, Василка Стефановска од Слоу Фуд Водно, Тодорка Наумоска од Слоу Фуд Прилеп, на сите наши членови од Охрид и Битола, како и на моите следбеници и пријатели на социјалните мрежи, за нивното индивидуално учество.
И во се, повторно симболика со будењето на природата, на првиот ден на пролетта кога ќе се фрлаат овие зелени бомби низ целата земја.
– Да, заедно ќе ја изложиме Македонија на зелено бомбардирање на 21 март. Со користење на „топка за семе“, не мора да се занимаваме со процеси како што се проветрување на почвата, копање дупка и садење на растенијата. На пример, тие треба да се фрлаат во области каде што нема доволно дрвја или вегетација, на патиштата. Тоа е идеален метод за ревитализација на средини како што се изгорените шумски површини и пустелија со вегетација… Ние користиме семки од дрвја и цвеќиња кои можеме да ги поддржиме без да се мешаме во дивиот свет, особено на пчелите во нивната природна средина.
Користиме глина, компост, ѓубриво и хартија за да ја формираме формата на топката.
Која е пораката што ја праќаш со овие бомби од семиња, можеме ли, со здружени сили, да ја спасиме, разелениме веќе осакатената планета?
– Јас сум активист кој живее со неконвенционална филозофија. Нашите плодни земјишта се пред истекување поради конвенционалното земјоделство. Како резултат на анализи и студии, тврдиме дека по 2030 година земјоделските површини кои во моментов се користат, ќе станат неупотребливи поради пестициди. Затоа имам органска фарма каде пробуваме различни начини на производство, со што го зголемуваме богатството во производството.
Покрај ова, 21 март за мене ќе има уште едно значење. Со целосно претворање на ново земјиште во градина на Слоу Фуд, ќе отвориме едукативна градина која ќе можат да ја посетат студентите, особено младите на кои им треба посебно внимание.
Мојата најголема цел е да бидам пример во многу предмети и да го продолжам ова во иднина.
Ние сме само гости во светот и наша должност е да научиме и да им го предадеме на идните генерации она што сме го научиле во нашите традиции, од нашите предци.
Како што рече Нил Армстронг;
„Ова е мал чекор за мене, но голем чекор за човештвото“.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени