ГРУПАТА „ВТОРА ГЕНЕРАЦИЈА„ СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ: 30 години македонска песна во Шведска
„Втора генерација“ или на шведски „Andra generationen“ годинава слави 30 години од постоењето. По тој повод беше промовиран нивниот петти албум насловен како „Втора генерација- 30 години опа“. Членовите на групата се по потекло Македонци, но родени се и живеат во Гетеборг, Шведска. Во својот опус немаат само музика од Македонија, туку и од целиот Балкан.
-Со оваа музика безброј пати имаме настапувано низ Шведска, но и низ цела Европа. Во овие 30 години и два пати учествувавме, а победата за малку ни избега, на „Мелодифестивален“, шведскиот национален избор за песна на Евровизија. За свое најолемо достигнување, покрај албумите, ги сметаме и незаборавните настапи и журки низ Шведските а и светски клубови а чести гости сме и на приватни забави. Токму и заради публиката која ни е поддршка сите овие години 30 роденден ке го славиме со роденденски концерти и луди журки, велат членовите на групата.
Покрај настапите „Втора генерација“ досега имаат снимено четири албуми на кои дел од песните се со спотови. Освен тоа имаат и лансирано вино, кое се пие во Шведска а потекнува од Македонија и го носи името на групата. Зад себе имаат многу хитови, но познати се по „Кебап, пица, шљивовица“, „Мастика“, „Балкан шема“, „Опа нинанај“, „Хипаре хопаре“ и многу други.
-Пееме и на шведски и на македонски. Главно го промовираме балканскиот мелос, и многу интересни звучи таква музика со текст на шведски. Пеејки на македонски јазик по клубовите ги научивме швеганите да пеат на македонски. Музиката нема граници и како за нас така и за Швеганите не е важно на кој јазик се пее, важно е забавата да биде добра. А ние досега сме се докажале, односно не научија дека каде настапуваме нема промашување. Сето ова што го кажувам се гледа по бројот на продадените цедиња. Ние сме презадоволни, велат тие.
Во „Втора генерација“ членуваат Стеван Томулевски, кој потекнува од селото Љубојно, Теди Паункоски од Добрушево, Влатко Гичаревски од Крива Паланка, Влатко Анчевски од Ракотинци, но и Мат Нилсон од Малме и Албан Бакрачи од Пеќ, Косово.