Илина и Ева: За да бидеш успешен спортист, тренираш и кога си на одмор
Сестрите Илина (11) и Ева (8) Соколовски, кои во Германија ги освоија сите можни награди во ритмичка гимнастика, дојдоа на годишен одмор во Скопје.
Но, нивниот одмор ни малку не наликува на децата од нивната возраст. Овие две талентирани девојчиња вежбаат секој ден. Се подготвуваат за натпреварите во Германија и за интернационалните, кои ги очекуваат од септември, кога ќе почне новата спортска сезона.
-Се будиме вообичаено, како и кога одиме во училиште. И имаме време за се. И да се дружиме со најблиските, да се видиме со другарчињата а најмногу да тренираме. На почетокот трениравме во Македонската опера и балет, со балерината Мила Ниновска, но сега во спортската сала „Гоце Делчев“ во населбата Илинден сме секој ден. Им благодариме што ги отворија вратите за нас, бидејќи е невозможно толку долго време колку што ќе седиме во Скопје да не тренираме. Знаеме дека за да бидеш успешен спортист, треба да тренираш и кога одмараш, бидејки во ниеден спорт, па и во нашиот не е доволен само талентот, велат Илина и Ева.