Манекенката Маја Лазаревска со порака од Австралија: Се иселивме со Дарко, не сакавме децата да ни живеат во нездрава средина
Манекенката Маја Лазаревска и кошаркарот Дарко Станимировиќ се едни од многуте млади што за подобар живот решија да остават се и да ја напуштат Македонија. Како млад брачен пар, пред кого стои формирање семејство и воспитување деца, тие решија иднината да си ја коват илјадници километри далеку од дома, во Мелбурн, Австралија. Велат да тажно е, оставаш се и заминуваш, но кога знаеш дека си направил голем чекор за подобра иднина на своите деца тогаш е лесно. Заминаа во 2014 година со голема надеж, а по неполни четири години порачуваат- средивме постојан престој, сега е многу полесно- светот ни е на дланка.
Се сметате за едни од илјадниците иселени за подобар живот? Што е она што ве натера да се преселите токму во Австралија, толку далеку од дома?
-Дефинитивно да. Ние сме едни од тие 600.000 иселени за подобар живот. Во последната година додека живеевме во Македонија, состојбата стануваше се полоша. Политиката беше навлезена во секоја пора на опшеството, се зависеше од тоа со која партија си врзан. Просперираа само криминалци и оние кои беа поддржани од тогашната партија на власт, без разлика на образование, способност, искуство… локалните шерифи беа над Законот, не постоеше систем кој функционира. Закон, судство, здравство, со еден збор апсолутно ништо не функционираше, како што сите знаеме. Јас имав убава работна позиција, ми беше одлично, но тоа што се случуваше околу мене не ме оставаше рамнодушна. Се вадев од такт кога ќе вклучев телевизија. Фактот што секој прави што сака и никој не одговара ме ужаснуваше. Единствено што не сакав е моите деца да живеат во таква нездрава средина.
Сите иселеници велат дека почетокот е тежок. Како ви беше вам кога дојдовте во Австралија и како сте задоволни сега?
-Тешко е многу. Посебно е тешко кога немаш фамилија или некој близок кој може да ти ја ублажи целата таа транзиција. Првата година можам да кажам дека ни беше кризна, потоа човек се навикнува. Јас се запишав на Master of professional accounting , го завршив за една и пол година. На почетокот ми беше тешко во секој поглед- го оставив цел живот зад себе, целото семејство и сите пријатели и отидов во непознато. Учев постдипломски на јазик кој не ми е мајчин, струка од која немам познавање. Но, како проаѓаше времето, стануваше се полесно, што е сосема нормално. За брзо време најдов работа во струката, двајцата до Дарко работевме, во меѓувреме извадивме и виза за постојан престој , за релативно многу кратко време. И да, работите се одвиваа по план. За сето тоа требаше многу труд, енергија, жртва од двајцата, но и среќа. Сега откако веќе го немаме тој притисок за студии и виза, си функционираме нормално. Два пати бевме во Македонија да си ги видиме блиските , си одиме на одмор кога ни дозволува времето, имаме круг на пријатели со кои се дружиме. Задоволни сме со тоа каде се наоѓаме по помалку од четири години од нашето доаѓање тука.
Дали и таму посакавте да се занимавате со вашите вистински професии- манекенство и кошарка?
-Да, сакавме, покрај примарната работа да најдеме време и за тоа. Јас за мојата најголема љубов -манекенството, Дарко за неговата -кошарката. Но, не беше едноставно. Во тој момент ни беше приоритет завршување на студии и работење, и секако редовни приходи за да ги покриеме трошоците за студии кои беа огромни, и да направиме се што е во наша можност да добиеме документи што побрзо. Затоа не беше возможно да ги тераме двете работи во исто време. Доколку сакавме да се занимаваме со тоа, ќе требаше целосно да се посветиме. Јас, на пример, слободно време за ангажмани ќе имав само преку викенд, но доколку немаше да можам неколку пати да се појавам на кастинг или да прифатам ангажман , има милион модели кои ќе можат. Дарко требаше да патува по еден саат до другата страна на градот за да присуствува на тренинг неколку пати во неделата а доколку работиш фул тајм тоа малку ги отежнува работите. Можеби сега е време да се пробам во модели над 30. Да речеме во некоја компанија за анти- ејџ козметика.
Со што се занимавате и дали, за разлика од кај нас, примањата се доволни за достоен живот?
-Јас сум Tax accountant, во превод сметководител а Дарко работи во оперативна логистика, во компанија во дрвна индустрија. Примањата не може да се споредат со тие кај нас, секако дека се доволни за достоен живот. Да, тука е скапо се, но доволно се заработува и имаш можност секогаш да одбереш колку ќе работиш и колку ќе заработуваш. Ако човек сака да заработи, секогаш има работа на располагање. За разлика од кај нас, каде што прво нема работа а второ не е доволно платена или не е воопшто платена. Каде што е нормално да се должи или да не се плаќа по 3-4 месеци. И трето ако имаш работа се плашиш да не ја изгубиш.
Во Австралија има многу Македонци. Колку од нив ви се најдоа на почетокот? Се подразбира дека на секој нов во туѓа држава му треба некој свој.
-Ние дојдовме кај наши другари кои од Скопје се преселија во Мелбурн неколку години пред нас. И тие ни беа огромна поддршка првата година. За тоа време запознавме пријатели, кои дел од нив ги знаевме од Скопје а дел ги запознавме тука. Кога си во нова земја брзо се шири кругот на пријатели. Тоа е нормален тек на настани. Сите кои веќе поминале низ истото имаа потполно разбирање за ситуацијата во која се наоѓавме и можеа да не посоветуваат за одредени работи, кои на почетокот не ги знаевме , а такви имаше многу. Нормално, не може да се согласуваме со секој, само затоа што е од иста земја како и ние. Луѓето кои се дојдени тука пред 40 години од помали средини едноставно се со друг менталитет и функционираат различно од нас. Единствено нешто заедничко ни е што сме Македонци. Но, ние, новата модерна генерација гастербајтери, како што јас ги нарекувам, а не има се повеќе, и секогаш гледаме да си бидеме поддршка едни на други и на сите нови кои се доселуваат тука.
Велат во дека во Австралија живеат 200 различни нации, па и покрај тоа се функционира беспрекорно. Што според вашето искуство е потребно и во Македонија да се живее како таму?
-Точно така, има шаренила од народ, сите раси, култури, националности на едно место. Луѓето тука се научени или имаат таков „mind set“ да се толерантни, културни, насмеани, не агресивни и напнати без причина. Навикнати се да живеат опкружени со доселеници од цел свет. Па и самите тие се доселеници во оваа земја. Популацијата на Мелбурн расте со брзина на светлината, но сите без проблем функционираат едни со други. Тоа е тоа што нам ни недостасува како народ, толеранција, култура на повисоко ниво. Нам свеста ни е на толку ниско ниво, што за жал небитни работи ни го преокупираат мозокот и ни создаваат омраза едни кон други. Важно е кој како се вика, која националност или вера е, па според тоа е помалку или повеќе вреден . Не, сите сме исти, апсолутно без оглед на боја на кожа. Зошто едноставно не можеме да се согласуваме и сакаме. Толку е просто.
Разлики и сличности меѓу Скопје и Мелбурн? Сепак, Мелбурн по петти пат е прогласен за најдобар град за живеење во светот, а Скопје е Скопје..
-Па тешко дека ќе најдам сличности а разлики се многу. На пример тука луѓето почитуваат закони, за сите важи исто, застануваат на црвено на улица, културни се и насмеани, секој си брка своја работа и никој не се замара со туѓи животи. Тоа што тука ме потсетува на Скопје се полните локали- кафулиња, ресторани. Секој ден. Овој град е европски настроен во смисла на култура на пиење кафе, излегување на ручек или вечера. Луѓето уживаат во тоа. Има премногу избор на локали, ноќни клубови, што е нормално за ваков голем град. И никогаш не е досадно. Секој дел од годината има некој настан- „Аустралијан опен“, „Формула“, „Мото ГР“, трка со мотори, изложби на светски имиња, концерти на сите можни светски артисти, претстави, мјузикли… Избор за сечиј вкус. Во текот на летото секој викенд сме на плажа. Тоа е тоа зошто го обожавам Мелбурн. Цело лето се чувствувам како на одмор. А кога тука ќе залади секогаш си планираме патување дома во Македонија преку лето. И практикуваме и гледаме да одвоиме време за кратки одморчиња во топлите краишта некаде на Ибица, Тајланд или други места. Од тука барем имаме избор. А светот е преубав и треба да се види. Сепак, во Скопје секогаш би се враќале, таму ни се сите што ги сакаме, таму мириса на липи, таму сме родени.. Тоа секогаш ќе ни биде дома… ( Весна Миленковска)
Коментарите се затворени