Владимир Василевски – Четкар: Њујорк, мојата урбана убавина
Првата средба
Точно се сеќавам – во Њујорк дојдов само на викенд, но ме опчини енергијата и раздвиженоста и си ветив себеси дека еден ден ќе се вратам, ама на подолго време. Тоа и се случи неколку години подоцна, кон крајот на 2007, кога од Бостон се преселив во Њујорк.
Но, фасцинацијата од и со градот не ми го олесни животот, напротив. Првата година беше навистина тешка, се соочив со предизвиците за кои не можев ни да сонувам дека ќе ги има. Ми требаше доста време да разберам дека треба да се натпреварувам со моите идоли… Музичката индустрија почна да станува се понепредвидлива и да дава се помалку шанси за новодојденците. Сепак за реалтивно брзо време и со многу работа успеав да тргнам по вистинскиот пат.
И ден сум тука, ја градам мојата кариера, константно се соочувам со нови предизвици и, најважно од се- никогаш не се предавам.
Пулсот на градот
Њујорк е едно од најуникатните места на планетата и не потсетува ниту на Америка ниту на Европа, туку на целиот свет во мало. Што да кажам – станува збор за вистински мегалополис со безброј случувања, урбана убавина која лесно заведува но претешко се освојува. Пулсот на градот беше првото нешто што го осетив кога стапнав во Њујорк, уште како студент на музичкиот колеџ „Беркли“. Има силна енергија и специфичен мирис а прошетката по улиците и авениите е авантура сама за себе.
Реки од луѓе
Кога ќе излезеш од дома наутро, да го испиеш првото кафе, ќе сретнеш цели реки на луѓе од сите сфери на бизнисот, науката, политиката, уметноста.. Сите раси, сите религии, сите бои на едно место прават уникатно доживување , убавина за очи и чувство за одговорност… Сите се некаде забрзани, но полни со енергија и верувам дека токму нивната енергија ја создава посебната аура на Њујорк.
Мојот дом во вест Вилиџ
Мојот дом се наоѓа во Вест Вилиџ, Менхетен. Вест Вилиџ е една мала оаза во овој Вертикален град, каде што сеуште може да се почувствува мирното секојдневие. Малото ми е преполно со кафулиња, мали паркчиња, и во себе сеуште има голема доза на европски шарм.
Возење точак како лична атракција
Кога за прв пат доаѓаат во Њујорк, странците сакаат да ги посетат и доживеат типичните атракции, како што е симбол на слобода и добредојде -Кипот на слободата, Рокфелер центар, траектот Стејтен Ајленд, Бруклиснкиот мост, да одат на шопинг на Петтата авенија, поточно во делот помеѓу 34 и 59 улица, да се качат на Empire State Building, каде на височина од 300 метри Њујорк се гледа како на дланка, или да ја дочекаат новата година на Тimes Square што фасцинантно се декорира и каде се организираат масовни пречеци. Искрено кажано, јас ништо од предходно наведеното не сакам да го правам. Најголема страст, ако така можам да речам, ми е возење точак низ Њујорк, што е архитектонско ремек дело, сакам да ги посетувам неговите многубројни музеи и егзибиции во секој слободен момент и да го чувствувам пулсот на градот кој вистински ме инспирира. (В.Тодоровска)