Магични коктели од филмската лента
„Cosmopolitan“ од „Сексот и градот“
Кери Бредшоу и нејзината тајфа од некогаш мегапопуларната „Сексот и градот“ ќе останат запаметени и по добар тренинг со отворени очи да ги издржат сеансите со коктелот „Cosmopolitan“. Што романси се случија токму поради вотката (главна состојка на ова пиење), што премрежиња помина славниот женски квартет и какви с` не утра се дочекаа со овој шарен алкохол. Покрај вотката, важен сегмент се џус од боровинка, ликер „Тriple Sec“ и се разбира – исцеден лимон. Процедурата е повеќе од банална – состојките се мешаат, мразот е „персона нон грата“, а претставителната чашка за единствен украс го има зеленото лимонче, таканареченото – лиметче.
„White Russian“ во „Големиот Лебовски“
Бившиот хипи-радикал во „Големиот Лебовски“ кулира со куглање, пушење и се разбира, пиење. Кога во 1998 година Џеф Бриџис во истоименото филмско остварување не престана да си цуцка од овој коктел, машката популација почна да го имитира. Името „White Russian“, погодувате, нема никаква врска со Русија, туку асоцира на нивната национална вотка. Значи, во најретро чаша се мешаат вотка, блага павлака или млеко и чоколаден ликер. И медитирањето може да започне.
„Vesper“ – „Казино ројал“
Вљубениците во тајниот агент 007 сигурно се откачуваат на сцената кога мускулестиот Даниел Крег нарачува од омилениот му коктел. За „Vesper“ е потребно да се помешаат, а потоа добро да се изладат – џинот „Plymouth“, вотка, суво бело мартини, а чашата да се наконти со лежерно извиткана коричка лимон.
„French 75“ – „Казабланка“
Па, и без култната реплика – „ова ќе биде почеток на едно прекрасно пријателство“, љубителите на филмот никогаш во најразлични контексти, вклучувајќи го и спомнатиот врзан за алкохолот, не би го прескокнале филмот „Казабланка“. Хемфри Богарт и Ингрид Бергман за своја душа си пиеја коктел направен од лондонскиот „сув џин“, шампањското „брут“, по едно резанче портокал, лимон и цреша, сите под водство на ситно кршен мраз и под име „French 75“, кој може да се заслади, ако не со бакнеж, тогаш барем со лажиче шеќер.
„Gin Rickey“ – „Големиот Гетсби“
Сеедно кој ви го приготвува, за да го доловите златното време на Холивуд, коктелот мора да содржи „американско виски“, односно џин или бурбон, лимета и газирана вода. Постапката е – чекор по чекор – првин се става мраз, па џин или бурбон, цеден сок од лимета, а украсувањето е „лимонско“. За меурчињата во овој случај се користи газирана вода.
„Седум години верност“
Истиот коктел е врзан и за култниот филм од 1955 година – „Седум години верност“, иако многумина велат дека највпечатлив е белиот фустан на Мерлинка. И знаете што е добро во црно-белите сентиш-теми? Тоа што крајот е секогаш – ист, сеедно колку се пие.
„Red Eye Cockatil“ – „Коктел“
Филмот „Коктел“ со година на производство 1988 е култен на Том Круз. Не е препорачливо да жонглирате со шишиња како главниот јунак, ама можете да влезете во ретрофилм со понекоја голтка на „Red Eye Cockatil“, и тоа на овој начин – во малку топла вода во разладена кригла се става сок од домати, а финишот е врзан за половина литар пиво и едно цело јајце. Не ми се верува дека од ова ќе ви се закрвават очите, но секоја трапавост за резултат ќе има црвени дамки.