Специјално од Торино: Вања Тодоровска
Најважен меѓународен настан посветен на културата, начинот и производството на добра и чиста храна, денеска се случува во Торино, Италија: станува збор за репрезентативниот „Тера Мадре Салоне дел Густо 2018“, каде врие како во кошница и буквално имате чувство дека целиот свет го зборува јазикот на слоу- фуд. За масовната посетеност сведочат и бројките: присатни се 7000 делегати од 160 земји, тука се 900 излагачи, 500 заедници на храна од мрежата на Тера Мадре…
Terra Madre или Мајка Земја е конференција на мрежите што се одржува на секои две години во Торино а на овој интернационален настан, членовите на различните заедници се среќаваат, разменуваат гледишта, дебатираат, презентираат автентични производи, ги решаваат заедничките проблеми…
Можат да се слушнат најразличните јазици на светот: шарено е, весело, миризливо, тука се одгледувачите на овошје од Калифорнија и Перу, рибарите од Холандија и Кореа, сточарите од Кениа и Сибир…
„Храна за промена“ е тема водилка низ ова 12. издание на Манифестацијата посветена на добра и чиста, храна што може да се нарече строга револуција. Добра- бидејќи е здрава, покрај тоа што е вкусна, чиста- бидејќи е произведена со мало влијание по животната средина, и правична храна, бидејќи претставува почит за работата на оние кои ја произведуваат, преработуваат и дистрибуираат.
Инаку, на Тера Мадре, по шести пат Слоу Фуд Македонија ќе ги презентира производите и храната од ова поднебје.
За таа цел, делегација од 70 луѓе ќе учествува на настанот, земајќи активно учество на конференциите и темите поврзани со работата. На настанот ќе се дегустираат и продаваат производите од „Македонските Слоу Фуд Президиуми“ а нашите готвачи ќе подготвуваат и презентираат македонски специјалитети кои се каталогизирани во светскиот каталог „Арка на вкусови“.
Во рамките на Работилниците за вкус организирана е работилница за Балканските вина, произведени од автохтони сорти на грозје, а ќе се презентира и дегустира „Станушината“ на малата винарница „Наумчеви“ и „Вранецот“ на „Шато Камник“.
За членовите на Слоу Фуд од Македонија за време на претстојот ќе се организират и неколку екскурзии со посета на седиштето на Слоу Фуд и Универзитетот за гастрономски науки во Полензо, како и винска тура низ регионот Пиедмонт.
За крај, да потсетиме :татковината на Слоу фуд е Италија, зачетоците се од 1986 година и целата приказна беше логичен одговор на фаст- фуд начинот на исхраната.
Денес Слоу фуд брои повеќе од 100.000 членови и има најмалку еден милион поддржувачи. „Ние сме она што го јадеме“ има за цел да ги сочува традиционалните вредности, купување од локални продавачи и уживање во целиот процес. На тоа е втемелена и големата популарност на оваа глобална организација, чии членови, повеќе од милион активисти, се со најразлични професии- готвачи, стручњаци, фармери, академици, рибари, новинари…