Биљана Ристиќ: Не ми треба маж за да вари чај, туку да одиме во кино кога надвор врне дожд
Биљана Ристиќ, актерка и имитаторка, ја паметат повозрасните генерации како персона со силен идентитет, бескрајно шармантна и весела. Таа, пак, покрај многуте плими и осеки врзани за нејзиниот бондовски живот во немирното време на Милошевиќ, откако стана блондинка, како да сврте друга страница во животот.
Доколку за актерството се врзува прикривањето на емоциите, особено на тагата преформулирана во среќа, таа девиза доживеа триумф во животот на нашата соговорничка. Биљана научи да балансира со среќата, остана верна на својот конфекциски број 38 и на симбиозата меѓу доброто и убавото.
Сведувањето на сметките обично се прави кога иднината престанува да биде провокација. Сеуште е рано за тоа, ама не и за прашањето – можев ли да одбегнам некои работи? Бевте мажена за Душан Митевиќ, директорот на РТС и моќникот од времето на Милошевиќ, бевте мисица, имитаторка, работевте со ’Седуммина млади’…
– Од мала знаев дека ќе бидам актерка или балерина и своите сништа ги остварував барајќи од себе да бидам над просекот. Татко ми беше дипломат и во шеесетите години на минатиот век живеевме во Америка. Духовната храна ми беа шоу-програмите, ги гледав, ги копирав. Кога се вративме во Југославија, сакав да се запишам на Академија, ама не успеав. Всушност, по изборот за Мис во ’72, имав шанса да останам во Лондон, ама не сакав. Се вратив во Белград и имав нормален живот. Не се каам, имам осет дека поминав се` , сакав и бев сакана, имав живот меѓу солзите и смеата. Го имав човекот што го сакав, мојот живот со Душко беше многу убав… Ах! Секогаш минатите времиња изгледаат поубаво и посреќно, бидејќи се минати. А ние тогаш бевме помлади посилни. Но, секогаш постоеја и проблеми и дилеми, бидејќи животот е една убава и страшна игра, подарок што треба постепено и полека да се отвора. Ја сакавме големата Југославија. Имавме пазар, и тоа голем, а работа со „7-мина млади“ за мене беше убаво и драгоцено искуство. Да, пеев, играв и имитирав. Најдобро од се`, самиот живот. Понекогаш дарбата, убавината дадена на жените, се одзема експресно. Годините поминуваат безмилосно и брзо, а тука е и земјината гравитација, која не ни дава мир, особено кога сакаме убаво да старееме. Секоја моја брчка е моја легија на честа. Знам дека мојата работа не беше обично пишување по мраз. Остана еден убав спомен на жена што сакаше да предизвика насмевки кај луѓето. Мислам дека несериозната работа сериозно ја извршував.
Со оглед на Вашето големо и богато искуство и вистинска разновидност во професијата, како реагираат луѓето кога ќе Ве сретнат?
– Секогаш ми е убаво и во душа и во срце кога луѓето ќе ме прашат зошто ме нема на телевизија и дали повторно ќе се занимавам со хумор и имитации. А, дали ме сакаат, па тоа веќе не го знам, но имаат симпатија и одредена доза носталгија кон мене и кон времето во кое создавав.
Што мислите за денешните имитации и имитатори? Испаѓа дека врв на една креација е кога маж ќе облече женски алишта…
– Имитацијата е еден вид урбан хумор што не е застапен кај нас. А оние што се занимаваат со тој вид актерство, за жал, ги има многу малку.
Дали сте добиле предлог, покана за своја емисија, да речеме – шоу? Или со оглед на фактот дека бевте жена на првиот човек на државната телевизија, таквите предлози Ве заобиколуваа?
– Поканите беа разновидни и сеуште ги има. Тоа се инстант-програми без јасни цврсти концепции, без сценарио и режија, што, според мене, се подразбираат во сериозна телевизија. Без оглед на мојот покоен сопруг, кој најдобро ја познаваше телевизијата, јас поради тоа никогаш не бев привилегирана, напротив…
Вие носите фармерки со ист број како и во гимназиските денови. Како останавте верни на конфекцискиот број 38?
-Хедонистка сум сакам добро јадење, обожавам добро вино. Ама знам и нешто друго, многу важно – дека човекот е разумно битие. Имам толку гардероба во која не би можела да влезам ако се здебелам, а тоа би било голема штета. Патем, имав и голема колекција на вечерни фустани што ги подарив зашто сега ретко ми требаат. Не се облекувам според последна мода, туку за да се чувствувам добро. Кондицијата и линијата ја одржувам така што многу пешачам, решавам животни проблеми, а тоа, верувајте, не ви дозволува да се здебелите.
Може ли исто да се сака и со 20, 30, 40… години. Дали само страста се менува и поминува? И дали повторно би се омажиле?
– По толку години самотија, бракот би требало да биде или луда или екстремно рационална одлука. Не ми треба маж за да ми вари чај, туку да имам со кого да одам на кино и со кого ќе пијам кафе попладне кога врне дожд… Љубовта, а не работата го создаде човекот. Да се сака, значи да се дава и да се зема. Девојки, вложете малку во своите сиви клетки. Билдајте го својот IQ, покрај тоа што ќе го билдате и ќе го обликувате телото. Силикони одат во гради и уста, ама не можат и во мозок. Денеска е демоде да се каже – среќна сум, а умните луѓе во секое време се такви. Кога немате маж, кога сте сами, имате поинаков живот. По смртта на маж ми, раните сама ги лекувам, дури сум и добар психотерапевт за другите…
Вања Тодоровска
Фото- pulsonline.rs
Коментарите се затворени