Гордана Деан Попхристова од Еквадор- И најсиромашните не гладуваат
Еквадор е рај на земјата, во тоа веруваат жителите а откако почнав да живеам и јас верувам дека е така, вели Гордана Деан Попхристова, која со ќерката Јоана и сопругот актерот Кирил Попхристов веќе неколку години живеат таму. Тие живеат во провинцијата Санта Елена, но заради работата, своето студио по модерни танци, Гоца се пресели во главниот град Кито. За сите овие години живот далеку од дома таа има само пофални зборови и вели- на одмор само во Еквадор.
Вечно лето
Во Еквадор постои верување дека кога Господ го создавал рајот на земјата го одбрал Еквадор. И навистина оваa земја е магична. Во исто време во Еквадор постојат четири годишни времиња, во зависност од тоа дали сте на брегот на Пацифик, на планината Анди, на Ориент- Амазон или пак на Галапагос. Кога биолозите изучуваат диверзитет на растителни и животински врсти доаѓаат во Еквадор зошто тука постојат микроклиматски области со тотално различна клима, животни и растенија за чие истражување би требало во спротивно да одат во 5,6 различни земји. И не е случајно што Дарвин баш тука, во Еквадор, на Галапагос ја осмислил својата теорија на еволуција. Кога се преселивме во Еквадор, првата година јас живеев на Пацифик. Тука климата е тропска. Овде летото е од декември до мај. Тоа се месеци со многу сонце. Топли, но не премногу. Тогаш е туристичка сезона. Брегот е долг 2.000 километри и со преубави плажи. Плажите се исти и во населено место и надвор од него и така да не се случува непријатна гужва и газење преку крпи како во други туристички дестинации. Делот од обалата каде што живееме е провинцијата Санта Елена, позната дестинација за забави. Неа уште ја викаат Монтанита или Мал Амстердам. Тука се одржуваат најголеми журки, доаѓаат познати диџеи, млади луге од цел свет, местото е и познато по тоа што е и сурферска оаза, се одржуваат светски натпревари по сурфање. Вон сезона е помирно но времето никогаш не е ладно до толку да не може да се бањате или сурфате, така да секогаш има туристи, преку целата година. Во јули и август обично доаѓаат туристи од Европа. Фасцинантно е колку плажата секогаш е чиста. Еквадорци се многу внимателни кон природата, дури и кога се најголеми фиести не оставаат ѓубре позади себе, нема пластични шишиња,останува чиста, како недопрена природа.
Чисти и грижливи луѓе
Кога од брегот се преселив во главниот град на Еквадор, Кито се шокирав колку многу патиштата им се убави. Се е поврзано, асфалтирано и без застој. Поминувам многу време на пат бидејки Кито од брегот е одалечено 12 часа возење. Јас скоро секој викенд одам да се видам со ќерка ми Јоана која живее и работи на брегот. Патувам секако со автобус. Кога првиот пат се качив во автобус бев многу пријатно изненадена кога видов дека нивните автобуси, за разлика од кај нас, се далеку по комфорни, со интернет, монитори, седишта кои се претвораат во кревети и беспрекорно чисти. Во глобала во Еквадор се е чисто. Не е важно дали сте на автобуска станица или во некој маалски ресторан, во некое село на Анди , тоалетите се толку чисти што ви доаѓа срам бидејки доаѓате од европска земја со прашина на секој чекор. Морам да кажам и тоа дека заради работата многу се возам во градски автобус и никогаш не се случило некој непријатно да замириса. Луѓето мирисат на сапун и на чисто. Многу внимание обрнуваат на нега на косата, тоа им е фетиш и сите се со прекрасни и негувани коси. Обожаваат отворени прозори секаде, промаја не им пречи. Ова е многу необично, особео ако доагаш од Балкан. Еквадорците не се хомогена маса, се разликуваат многу во зависност од кој дел на земјата се. Заради тоа што генетски припагале на различни племиња а и затоа што во градовите многу повеќе се мешале со културата на шпанските освојувачи. Стандардот на живеачка на брегот е понизок од во Кито или Куенка. Лугето се поедноставни, во глобала не обрнуваат многу внимание на образование. Се уште живеат во Комуна, што е еден вид на локална власт која одлучува за законите и животот на населението. Еквадорци кои живеат во крајбрежието не се многу вредни така да најмногу работна сила доаѓа од Аргентина, Колумбија и сега од Венецуела. Во Кито каде живеам, кое е на 2.800 метри надморска височина и има над три милиони население. Животот е сосема поинаков и не се разликува од било која друга метропола. Можеби само по тоа што се многу порелаксирани за разлика од нас. Не сум слушнала некој да вика на улица или во сообраќај, нема нервоза и агресија на која сме навикнале ние на Балканот.
Музика 24/7
Нема место каде не се слуша музика. Најмногу кумбија, салса, регетон . Се слуша во кафетерии, дискотеки а местата каде што излегуваат странци се слуша рок, техно и џез. Еквадорци сакаат да се забавуваат. „Фиеста“ е задолжителна на секои две недели, посебно на крајбрежјето, каде има повеќе денови за забава отколку за работа. Музиката се слуша неверојатно гласно, забавите починуваат околу 11 навечер и траат до осум наутро. Музиката не престанува цела ноќ, не стивнува, спиењето е скоро невозможно во деновите на фиеста. Еквадорците немат голема толеранција на алкохол. Сакаат да си попијат. Кај нив е нормално некој што важи за угледан член на општеството, вреден и сериозан за време на фиестата да е во тотално бесознание од алкохол и да преспие на улица. Ова се однесува на Еквадорците од делот на крајбрежието, бидејки во Кито се по резервирани, многу религиозни и многу посериозни.
Семејството е светост
Во суштина Еквадорците се питоми, мили луге. Полни со живот и позитивна енергија. Фамилијата им е светиња и се многу поврзани со сите членови на семејството. Се грижат за старите, бабите и дедовците, најчесто живеат заедно со нивните деца, се грижат за внуците. Сите празници ги поминуваат заедно. Големи семејства се и се собираат, дури и на одмори одат заедно и живеат во вистинска хармонија. Се работи од понеделник до петок, веќе од петок навечер а посебно сабота и недела скоро и да нема луѓе на улица, сите се со семејствата. Во неделите се оди во црква, дури и семејствата на интелектуалци, доктори,научници, во недела сите се во црква. Во секоја установа, посебно во болниците се поставени олтари. Цврсто веруваат во Господ и се помирени со сите случувања. Ако им се случи несшто негативно, ако им почине близок, веруваат дека е воља на Господ.
Се почитуваат едни со други
Во Еквадор званична валута е доларот. Ова е една од наперспективните држави во Јужна Америка. Нема инфлација а најниската загарантирана плата е 360долари. Бензинот чини два долара галон (4 литри) а дизелот е еден долар за четири литри, се готви на гас и една боца трае од 2 до 3 месеца и чини 2,5 долари. Во Еквадор нема потреба од греењ, а струјата чини околу 15 долари месечно. Поради сето ова најниската плата е доволна за да се прехрани семесјтвото. Храна е евтина, има овошје и зеленчук во изобилство. Разни видови морски плодови ама Еквадорците сакаат месо и скоро секое јадењ им е со пилешко или неко друго месо. Лугето во Кито имаат многу поголеми плати, со завршени факултети се и платите им се над 1.000 долари. Докторите во јавните болници имаат плати околу 2.000 долари а во приватните многу повеќ е.Се возат скапи коли, децата се школуваат во приватни училишта. Има една голема разлика во однос на нашите добростоечки граѓани. Богатите овде се толку скромни и природни. За нив не е битно дали си богат или сиромав, се почитуваат едни со други, никој не го истакнува својот статус. Ова е нешто што најмногу го почитувам кај Еквадорците. Еквадорец нема никогаш да ве праша колку заработувате туку ке ве праша каква е вашата земја, дали има море, езера, планини, дали има сонце и што најмногу сакате да јадете. Најмногу време поминувам со млади луѓе, на Академијата каде предавам студентите се прекрасни во секој поглед. Многу се интелигентни, креативни, сите зборуваат совршено англиски а учат и германски, француски, дури и кинески. Немаат многу знаење за европски танци, литература, филм но, сепак, ова е Јужна Америка и работите што тие ги знаат и им се битни се непознаница за нас. Си ја сакаат земјата и покажуваат огромна љубов кон својата татковина а и другите земји од Јужна Америка. Ги сакаат другите народи, имаат емпатија кон страдањата на соседите. Кога Венецуела е во економски колапс, Еквадорците помагаат и примат избеглици со отворено срце.
Благодарна сум што живеам во рајот на земјата
Ако правам компарација со Скопје, би направила споредба не со другите туку самата со себе. Каква бев кога живеев во Скопје и сега од кога сум тука. Пред се животот тука ме научи што навистина е важно а што не е. Периодот по страшниот земјотрес од 7,8 степени тука ме научи дека ништо не може да се конролира и дека се во нашите животи е привремено. Ме научи дека не треба да се жалам ако ми е полн фрижидерот па ке ја расипам линијата, туку да сум благодарна што имам што да јадам. Дека не е важно гардеробата да ми е брендирана туку да ме заштитува, чевлите да не пропуштаат вода и да имам кров над глава. Исто така дека мирот што ке го почувствуваш на песочната плажа, звукот на брановите, широчина кога ќе погледнеш околу себе , пеликаните над тебе во бескрајното синило, новородените желки во песокот… сето тоа дека е дел од секојдневието на мојот живот и затоа треба да бидам благодарна. И јас сум благодарна, за се што се случило во мојот живот за да ме донесе тука, да живеам во овој рај.