Ај фил фуд. Симит погача, здружена коалиција за среќа
Сонував симит погача. Е, што ти е човек, си собира, дипли, складира и реди, и после се чуди што се му излегува на сон. И без соновник знам дека тие куси филмчиња во глава се – потиснати приказни.
Не јади ова, не – она, дебели, не е здраво.., и се во тој стил. Ама, бидејќи сум газдарица на својот живот, решив желбата да си ја исполнам во голем стил, и без последици (каење на пример) – да каснам од ориенталниот фаст -фуд, поврзувајќи се со хедоничарите, истомислениците од Старата чаршија.
Како ќе ја доживеете и колку ќе ви годи прошетката низ Скопската балканска чаршија зависи на која нога сте станале и, се разбира колку сакате да ја почуствувате привлечноста на минатото. Маалски сокачиња, дуќани, чајџилници, слаткарници, бурекџилници.., се забележувате непретенциозно и на се му се препуштате како да сте на прагот на полнолетсвото…
Прошетката низ старата чаршија, сеедно во кој дел од денот, ама сепак најубаво во утринскиот, поради еснафскиот појадок, може да ви ги испегла брчките, да ве релаксира и расположи.
Авантурата наречена појадок, веднаш штом ќе го поминете мостот, можете да ја реализирате на секое ќоше. Прво што ќе ве „удри“ е сосема друга енергија, нешто како задоцнета убавина која трае.
Старата турска чаршија е срцето на градот. Никаде не мириса толку убаво и толку асоцијативно на далечина, на вкусови, мирудии, што питомо ги дочекуваат љубопитните лица од секое шарено сокаче.
Инаку чаршијата („чарши“ на турски значи крстопат или плоштад) е нешто како хактор „Х“ кај убавиците, магичен простор, нашата автентичност. Скопје е среќно што ја има чаршијата, особено затоа што е отворена, вистинско пенџерче за луѓе што живеат над предрасудите, и за новите генерации кои веќе ја чувствуваат топлината и благодетите од неа.
Чаршијата ми е хит секогаш – неуморна во својата автентичност да ги поттикнува луѓето да избегаат од трендовските клишеа за излегување, и да си поминат поинтимно, поинаку…
Ви предлагам појадок- традиција, омрсување со симитка!
Гурманџиите го опиштваат вкусот на симит- погача како единство на едноставноста, тоа е коалиција што здружено работи на чувството на задоволство.
Што е симит? Во Турција симитот се толкува како кифла со сусам ама и ѓеврек. Незнам во што е поголемиот марифетот- во кифлата или во бурекот? Некои маанџии на оваа тема велат дека јадат леб со леб, ама не е баш така.
Купив симит од неколку бурекџилници по патот, и заклучив дека вкусот им е скоро ист а разликите се во нијанси- на пример во големина – од минијатурни до симит погачи големи како стандардни кифли, некаде попрскани со сусам а бурек знае да биде и крцкав, и потенок, подебел, послоевит…
Уште нешто за „слоевитата пита“… Потекнува од турската кујна и е гордост на секој мајстор. Се разбира дека сите си имаат свои марифети и тајни па затоа не се сите буреци исти – ги има преполни со маст, попосни, од потенки или подебели кори…
Купувајќи и споредувајќи ги симитите дознав дека тие се привилегија на скопјаните, односно дека симитот е бренд на престолнината. Сепак, ќе ја спомнам бурекџилница „Стар град“, поради централна локација и можност совршената симитка да ја сликам со благослов и надвор од пекарата. А вкусот е ненадминлив : си земав симитка и за дома, еве ја од вчера, уште е вкусна и сласна.
Дознав неколку правила за симит а најважното е да не згрешите да го сецкате со нож и вилушка. Грев над гревови е да го двоите бурекот, или, не дал Господ, да го комбинирате со нешто друго освен со јогурт или ајран.
Оригиналниот рецепт за симитката покрај белото брашно, лажиче сол, шеќер содржи и лажиче наут. Другата тајна е во маслото, во препознатливата заводлива миризба на ориентот што се добива од кравјото или овчото масло.
Симитот има почеток, средина и крај. Сакав да кажам, освен за појадок некои го љубат и денски, ама знам многу луѓе кои го таманат во „црни темници“. После излегување, де.
И за крај- нурнете во минатото, сетете се, како тоа некогаш живеевте. И колку и да сте во друг филм, симитот ќе ви го потврди идентитетот од личната карта.
Потпишувам.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени