Тајните на убавите жени : Делфина Митропетру
Имам привилегија бидејќи ја знам Делфина од времето кога ја имаше тутулата „мис“. Во доцните 90-ти години, глетката беше магична – преубава, многу нежна девојка, како да е од порцелан, Делфина, моминско- Зафирова, ги полнше страните на сите весници и магазини.
Како што растеше и созреваше стана благородна, елегантна жена која го применува правилото- помалку е повеќе, а нејзината девиза „здравото тело е производ на здравиот разум“ е инспирација за многумина.
Денес, кој би кажал, има 43 години, и навистина делува негувано, свежо, младешки. Несебична како секогаш, Делфина ги открива тајните поврзани за нејзиниот совршен изглед.
„Денот ми почнува со насмевка, и сите имаме причини за неа- штом ќе ги отворам очите се заблагодарувам за уште едно подарено утро, вежбам 30 минути и, денот е прекрасен!
Од лично искуство знам дека на умот и телото му се потребни секојдневни тренинзи со позитивни мисли, како и прилагодена редовна физичка активност.
Освен тоа потребно е и добро менаџирање и балансирање на секојденвните работни и семејни обврски за да успееш да постигнеш се, секако со голема поддршка од најблиските, најтесниот круг на семејството. Сето тоа станува полесно кога со брачниот партнер имате заеднички интерес и љубов кон истите работи.
Скоро 4 години јас и мојот сопруг рекреативно трчаме и планинариме.
Всушност, тој е и иницијаторот да почнам со трчање, мојата најголема поддршка и мотивација за уште поголеми предизвици.
Јас сум рекреативец и главен мотивациски фактор е моето здравје како и тоа дека правам нешто добро за себе, за своето тело и дух. Љубовта кон природата и допирот со неа е нешто што навистина ме прави многу среќна. Ги сакам планините и обожавам планинарење.
Одењето на планина многу често бара целодневна отсутност од дома (најчесто тоа е недела), а не секогаш обврските ми дозволуваат, па така кога не сум во можност да се качам на некој повисок врв, тогаш се трудам да отидам барем до Водно.
Она што може да се види и доживее таму горе, високо на врвовите надвор од градот и цивилизацијата, за мене е возвишено чувство и тоа дава една посебна енергија која ми трае подолго време. Не би можела ниту пак сакам да ги споредувам трчањето со планинарењето, затоа што и двете активности подеднакво ме исполнуваат и ме прават среќна. Всушност, секој тренинг, секоја истрчана трка, искачен врв, ме прави посебно горда што воопшто можам и сум успеала да направам нешто добро за себе и тоа значи лична победа и мотив за себенадминување.
Имам многу планови и високи цели годинава кои би сакала, барем половина, да ги реализирам. Познавајќи се добро себеси и со оглед на мојата упорност, верувам дека ќе успеам во поголем процент да го остварам замисленото.
Патем, имам 43 години и не се трудам да изгледам како пред 20 години, туку сакам да изгледам здраво и убаво за својата возраст. Со текот на годините се трудам се повеќе да се придржувам до некои здрави навики во однос на искраната, квалитетниот сон и соодветна нега на кожата.
Околу исхраната немам некои строги правила и режими, туку внимавам тоа да е здрава и домашно зготвена храна. Пијам многу течности, 2л вода дневно и многу чаеви, јадам многу зеленчук, риба, месо и јаткасти плодови, јаглехидрати – ретко, овошје се помалку, ама нема да ве излажам ако ви кажам дека многу често знам да си се почастам и по некоја коцка чоколадо.
Особено внимание и посебен акцент ставам на негата на кожата и косата. Здравата и сјајна кожа е показател на нашето здравје и таа треба да биде негувана и однадвор и одвнатре.
Јас негата на моето тело и кожа целосно ја имам доверено на стручниот тим од центарот за естетска нега и убавина Приве. Масажи на тело со детокс програма, кислороден третман за хидратација на кожата, како и најновиот Glow третман со новата козметика на Биодрога се дел од третманите во кои најчесто уживам и многу се радувам на резултатите и ефектите од нив.
Но, главниот извор на мојата среќа и убавина е семејството. Навистина, квалитетно поминато време со моите деца е она што ми дава енергија и сила за се што правам во животот. Тоа е мојот еликсир на животот.“ (В.Т.)
Коментарите се затворени