Утрово, социјалната мрежа „Фејсбук“ беше преплавена со веста за смртта на пејачот и актерот Влатко Илиевски. Златното момче на македонската естрада, миленик на женската публика со ништо не навести дека се чувствува лошо, па иако смртта никогаш не го најавува своето доаѓање, веста сеуште делува неверојатно.
Последниот статус на Влатко на „Фејсбук“ беше – „шарене пилуле за лилуле“, ама причината за трагедијата сеуште не се знае. Како што велат од МВР , тој утрово, без било какви знаци на насилство е пронајден мртов во својот автомобил „тојота“ .
„Премлад за збогување“, „Влатко што направи ?“,„Кeep rocking on a heavens door“, „Каде замина?“, „Мораше ли и ти“…, во неверица реагираат неговите пријатели и колеги – Весна бејби Петрушевска,Бане Поповиќ, Кокан Димушевски, Биба Додева, Маја Гроздановска- Панчева, Ѓоко Таневски, Ѓоко Горчев…, а неговите фанови сеуште се во шок.
„Секој е ковач на својата судбина ама оганот во печката другите го потпалуваат“- напиша во својот ФБ статус Срѓан Јаниќиевиќ. „Зошто добро момче?“, се огласи и екс „Инструктор“- Дејан Цукиќ а неговиот прв музички ментор Славчо Стојановски од „Морал“ од својот колега се прости со -„Немам зборови, само солзи“.
„Најтешко ми е кога за некој близок треба да напишам проштално писмо, но решив да ви кажам се што овој млад уметник направил за својот живот е доста импресивно“, – вели Џокси.
Тагата не престанува, на моменти ги преплавува сите што го знаеле ама е голема и кај оние кои немале личен контакт со Влатко. Беше сакан од сите генерации.
Влатко пред четири дена наполни 33 години, беше многу комуникативен и весел човек а музиката му беше најголема страст и љубов. Кариерата ја започнал како вокал на „Морал“, го обожаваше рокенролот а потоа продолжи соло . Настапил на сите домашни но и на фестивалите надвор од границите. Во 2011 година со „Русинка“ на Евровизискиот спектакл во Германија ги бранеше боите на Македонија.
Влатко ги сакаше и штиците што значат живот, предаден на актерството, за потребите на претставата „Есенин“ ја истрижи косата, потоа, имаше запазена улога во филмот „Златната петорка“ на Горан Тренчовски , глумеше во драмска- хумристична серија „Од денес за утре“и во руско- македонската серија „Кум“, а децата го засакаа како водител на едно од изданијата на „Златно славејче“.
Погребот на Влатко е денеска (11ч), на градските грбиштата во Ѓорче Петров.(В.Т.)