Саша Алексиќ, уметник што создава ремек дела- за јадење
Херојот на овој текст е Саша Алексиќ (26) а она што тој го прави, обликува, црта и декорира се вистински уметнички дела. И целата негова приказна е апсолутна потврда дека талентот надоен со креација создава чуда. Така се родија тортите „а ла Модиљани“, Фрида Кало, мафини со делата на Ван Гог…
– Живеам и работам во Ниш, Србија, како графички дизајнер- раскажува овој млад уметник. – Хоби ми е слаткарство и со него почнав да се занимавам уште од 2012 година, кога првпат правев и декорирав медењаци. Подоцна се испробав и во правење торти и на првиот натпревар, две години подоцна, освоив второ место во категоријата- детска торта. Така почнав да се натпреварувам во земјата ама и во странство, наградите доаѓаа спонтано, добивав признанија за својата работа…
Инаку, завршив средно уметничко училиште, Факултет за уметност, Мастер студии, така што секогаш бев во допир со уметници и уметнички дела, и многу сакав наученото да го спојам со моето хоби. Така дојдов на идеја да претставам некои уметнички дела на десертите што ги правам…
И за време на студии гледав низ графичкиот дизајн да протнам десерти, дури и за Мастер работев дизајн за пакување, реклами и брендирање на името за моите десерти: CRUMB.S.“
Доколку мислевте дека Саша добива готови торти кои понатаму ги црта, се лажете. Процесот на работата тргнува буквално од нула, а како и се кај него и тортите се необични, интересни, со многу креација на секое залче. Велат, превкусни, но кој има срце да ја голтне таа уметност?!
-Тортите ги правам сам. Имам свои рецепти, кои се понекогаш и невообичаени, затоа што користам состојки од типот на кечап, мајонез, краставица, домат, грашок…Но, да не дојде до забуна, тоа се благи а не солени торти. Инаку, базата ми е вообичаена – јајца, путер, млеко,брашно, шеќер, потоа се оди по редослед- печење и филување и најинтересниот дел, украсувањето, за што одвојувам најголем дел од времето. Покомплицинарни дела се прават по 4-5 дена, додека за некои бисквити можам да издвојам до 10 часа, за да ги изработам сите ситни детали и што поверно го прикажам делото.“
На десертите на Саша се нацртани најразновидни уметнички дела, на моменти нема да поверувате дека навистина можат да се јадат, толку се величенствени и толку наликуваат на слики. Вели, никогаш не се врзувал за еден правец во уметноста, но признава дека најмногу ужива во дадаизмот, експресионизмот, пост-импресионизмот…
А на крај, откако се е готово и изложено, на ред се реакциите на луѓето. Секогаш затечени од убавината на благите работи, фотографираат и на крај констатираат дека им е жал да го „расипаат“ делото пробувајќи и јадејќи го.
-Да, луѓето тешко се одлучуваат да јадат, и постојано им велам дека ова слаткарство е за тоа- да се јаде- завршува Саша, откривајќи ја желбата во
блиска иднина да отвори кафуле или слаткарница каде би можел да ги продава своите необични торти.
Му посакуваме среќа во ова благо уметничко реализирање и уште поголем успех во глобални рамки.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени