Танзанија низ окото на Игор Митровиќ- Два пати прележав маларија
-Во Танзанија е непријатна маларијата. Јас ја преживеав два пати. Тука е лесно излечива болест, за разлика како се гледа на тоа во Европа. Секако, доколку не се лекува од маларија, тогаш доаѓа и до она нај опасното. Од секогаш ме нервирале комарците, ама тука почнав да ги мразам, вели поп пејачот Игор Митровиќ, кој веќе неколку години живее во Дар ес Салам, најголемиот град во Танзанија. Но, и покрај комарците и маларијата Игор вели дека убаво се живее и дека она што во Македонија не можел да си го дозволи и покрај добрата заработувачка, во Танзанија е поинаку.
КЛИМА
Климата во Танзанија е одлична! Јас сум човек што сака топло време, лето, вода, а токму тоа го нуди Танзанија,нај веќе градот во кој што живеам Дар ес Салам, бидејќи е покрај океан. Температурата знае многу често да стигне и до 37/8 степени, меѓутоа не е спарно како во Македонија, бидејќи воздухот тука е посвеж и влажен така што високите температури, не се проблем како што се во Македонија кога не смееш ни да помислиш да излезеш од дома под клима. Како лоша страна за климатските услови е тоа што секоја година има дождовна сезона која трае од прилика околу еден месец и тоа најчесто февруари, период кој што јас лично најмалку го сакам во Дар ес Салам, бидејќи врне, а е уште повеќе топло и спарно. Никако не оладува дождот тука и најчесто доаѓа наеднаш, неочекувано и трае кратко, по 5-10 минути, меѓутоа во изобилие што знае некогаш и во руралните места да направи поплави. Секако, тоа се случува многу ретко.
МУЗИКА
Со самото тоа што Танзанија, која брои 56 милиони жители, за разлика од Македонија која што брои два милиони жители, подразбира дека тука има музичка индустрија и функционира беспрекорно добро. Јас тврдам дека во Македонија имаме многу поквалитетна музика отколку во Танзанија, меѓутоа сме многу мал пазар и сме многу далеку од музичката индустрија во Танзанија. Имам пријатели кои се пејачи и пејачки, професионално се занимаваат со музика и живеат одличен живот со таа заработувачка. Зборувам за енормно поголеми хонорари од оние кои што ги земаат кај нас најголемите музички имиња и покрај тоа што животот во Танзанија е многу поскап, за разлика од Македонија. Зад секој пејач, стои огромен тим. Имаат свој личен менаџер за договарање на настапи и концерти, друг менаџер за односи со јавноста, свој асистент, свој стилист/дизајнер, обезбедување и се мора да е јасно договорено уште многу претходно, без разлика за каков настан станува збор. Најпопуларниот пејач од Танзанија, па дури и во цела Африка, сними дует со американскиот РнБ пејач Neyo. Нешто што многу ме збуни е начинот на создавање на една композиција, што е тотално различен од кај нас, а претпоставувам и од поголемиот дел од светот. Претежно повеќето пејачи тука се и кантавтори, сами ја компонираат музиката и кога ја создаваат мелодијата, се собираат во музичко студио повеќе пејачи и групно си помагаат да го дефинираат ритамот, мелодијата, текстот, што кај нас во Македонија тоа мислам дека е повеќе од невозможно да се случи. Како лоша страна во музиката е квалитетот на самата музика. Тука нивната мастер верзија на песната е како кај нас демо верзија, секако со ретки исклучоци.
ЖИВОТ
Ако од нешто најмногу сум задоволен, тоа е социјалниот живот. Многу од народот немаат доволни приходи за убав, нормален живот, меѓутоа се навикнати на тој начин на живот и знаат како да го уживаат животот без материјалните нешта. Знаат да направат одлична забава, знаат да се забавуваат подобро од било кој, премногу се пријателски настроени и дружељубиви, што дури некогаш ти доаѓа премногу. Најнормално е непознат човек на улица да те застане, да те поздрави и да си направи мал муабет со тебе. Ноќниот живот е одличен, како за помладата, така и за постарата генерација. Дар ес Салам е најголем град во Танзанија и најпознато туристичко место, така што постојано има секаков вид забави, дење и ноќе. Имаат премногу локали со тоа што секој може да си го најде своето место. Има локални африкански дискотеки, каде што се е изработено само од дрво, има урбани дискотеки што се нај горе на кров од високи згради, журки на плажи, ресторани што се вртат, многу острови кои што се на 10-тина минути со мал брод… Жален и неприфатлив факт ми е тоа дека се уште постои расна дискриминација, иако тука не има од сите раси и тоа бели, црни и жолти. Црната раса иако е во својата држава заработуваат енормно помалку од нас, белите. Во секој случај се си има свое и зошто е тоа така – недостаток на образование, работна навика, незаинтересираност за работа… Како заклучок за социјалниот живот можам да кажам дека е се супер, дека Танзанијците се многу весел и дружељубив народ. Во однос на заработувачка, не можам да се пожалам во никој случај, иако се си има своја цена. До пред 2 години кога бев дома во Македонија, бев многу задоволен од своите приходи, меѓутоа многу работи кои што сега тука можам да си ги дозволам, таму не можев.
МЛАДИ И ПЕРПЕСКТИВА
Танзанија е навистина многу голема држава и со огромен број на популација, која што нуди многу можности. Јас како поединец, тука одлично се снајдов, се вклопив лесно во оваа средина, си го пронајдов своето место и што е најважно имам многу голем простор за докажување и унапредување, кон што и целам. Моментално работам на три големи проекти за кои сум навистина многу возбуден и позитивно настроен и се надевам дека за многу брзо време еден по еден ќе се реализираат, па кога ќе биде готово, ќе ве известам.
СПОРЕДБА СКОПЈЕ / ДАР ЕС САЛАМ
Животот во Скопје и Дар ес Салам е навистина многу ама многу различен. Јас ја сакам Македонија многу, особено Скопје. Израснат сум таму, цела фамилија, сите пријатели, се ми е таму. Со нормална заработувачка може да се има убав и пристоен живот. Јас бев среќен и имав многу убав живот во Македонија. Меѓутоа, јас сум голем авантурист и сакам да истражувам нови работи, нови искуства, познанства, пријатели, сакам секој ден да научам, доживеам нешто ново. Кога секој ден ми е ист, ми наликува на претходниот, после одреден период ми станува монотоно и тоа ме гуши, имам чувство дека тапкам во место. Животот во Танзанија ми е стварно одличен. Пред се, е навистина тотално многу различно од Македонија, па и Европа. Многу националности, различни култури, менталитети, стекнување пријатели од секаде низ светот, шетање, посети на сафари, острови, разни африкански екскурзии, Занзибар и уште многу други авантуристички места. Од друга страна живеам сам во туѓа земја, друг континент далеку од родителите, стануваш многу поодговорен, по снаодлив и по свесен за многу работи, ти се отвораат нови гледишта во животот. Се на се, се си има своја убавина.
(В. Миленковска)