Љупчо – Бубе Петрушевски: Работата ме прави силен и подготвен за уште повеќе среќа
Љупчо- Бубе Петрушевски, или „Бубе Ин“, како што му се вика студиото, е нашиот најградски лик, синоним за автентичност ама и за насмевка, а тие што му ги знаат квалитетите, значи- клиенти, вистинските пријатели и поддржувачи, останаа доследни во сакањето… Неколку години по голготата што ја имаше со здравјето, Бубе се научи дека загубените битки не значат и предадена војна, и затоа, уште повеќе им пркоси на сите предизвици. Овој стилист со долгогодишно искуство, миленик на жените од сите генерации, за фризерајот се определил поради љубовта и тоа е, како што вели, не
говата најумна одлука во животот.
– Бев запишан во средно Електро- техничко училиште, но преголемата љубов кон ова професија ме натера да го пренасочам своето образование на ова што со огромна љубов и голем ентузијазам го работам. Клиентки кои низ годините биле верни и лојални на мојата работа, останале тука токму поради таа верба, се препуштале на моите совети и идеи, но секако не е со сите така. Постојат и клиентки кои си имаат свои желби и барања, и истите им биле исполнети од страна на мојот тим па и од таа причина, станале дел од категоријата – долгогодишни.
Патем, кој тебе ти ја средува косата?
– Кога ќе се одлучам за шишање, тоа го прави некој од колегите во кои имам огромна доверба и е дел од мојот тим.
Кога и да отидам во твоето студио, те „ловам“ како работиш, се разбира со асистенција на некој вработен, но исклучиво поради желбите на клиентите.
– Задоволството е огромно кога клиент кој ти е верен, останува таков до крај. Благодарен сум на Бога што имам клиенти кои ја ценат мојата работа и инситираат грижата за нивната коса, особено потшишувањата, да ми ги доверуваат исклучиво мене. Чуството е незаменливо и неописливо. Голема е и радоста што имам тим кој е целосно професионален и на кој можам во целост да се потпрам и заедно со нив да одговориме на барањата на нашите клиенти.
Ќе зборуваме за болеста, ти пречи ли? Дали по се што го помина, сметаш дека болест е табу- тема на Балканот?
– За мене воопшто не е табу отворено да зборувам за мојата болест: дијагностициран ми е вирусен енцефалит, кој за жал кај мене се манифестираше со парализа на целата лева страна, со што доста ми го отежна функционирањето, ама Господ е голем, па се надевам дека еден ден ке биде како што треба…. Беше тешко, поминав претешки три месеци на Инфективната клиника, благодарение на тимот лекари и сестри, кои целосно се посветија на моето опоравување, успеав да се изборам со најлошото. Потоа следеа секакви терапии и физикални третмани, посета на центри надвор од државата и се што ќе допреше до мене, како информација дека е добро за моето опоравување, го консултирав и користев.
Кои ти се искуствата со алтернативата?
-За алтернативна медицина…. кога си во ваква состојба, единствено што ти преостанува е да веруваш и да имаш верба, пробував и ќе пробувам се што е потребно да ми се врати функцијата на левите екстремитети, за да можам и понатаму да си ја работам работата со љубов и посветеност.
Не така одамна прочитав емотивен статус кај тебе на фб, поврзан за твојата психичката болка, за погледите и озборувањата што почнуваат веднаш откако ќе го завртиш грбот… Уште ли те повредуваат реакциите на луѓето, и ги селектираше ли „пријателите“?
– Болело и секогаш ќе боли, особено кога тоа ќе го почуствуваш од некој што ти бил близок во секојдневието, си делел заеднички моменти… Секако дека се направи селекција, па фала му на Бога што преку лошото осознав кои ми се вистинските пријатели, сакам да ги наречам- светилници, кои и покрај се, останаа верни на нашето пријателство…Човек учи да живее и е посилен одошто мисли. Посебно ваквите ситуации го прават силен, но, се минува иако некои моменти оставаат силен печат. Тука е совеста, нашата сенка и секој нека живее со тоа чувство.
Досега се одржаа неколку хуманитарни настани за тебе а големата посетеност и од двете страни (публиката и непосредните учесници на сцена) порачуваат дека ништо не може да ја намали твојата популарност, и тоа, дека си омилен лик и голем мајстор во професијата.
– Неможам и тука а да не го спомнам Господ, фала му првин нему, па потоа огромно благодарам и на моите драги колеги со кои сме се граделе и созревале во фризерството, на клиенти, заради кои и постојам и сум им бескрајно благодарен. Благодарам и на сите кои ми се пријатели, но и на луѓе кои лично не ме познаваат но учествуваа во голем хуманитарен настан, организиран од моите колеги, а со цел да се соберат средствата потребни за мојата операција. Се направи едно уметничко шоу во кое гостуваа и мои колеги од Балканот, со што ми укажаа огромна почит и како што кажавте, покажаа дека сум омилен и на некој начин и ми потврдија за моето професионално постоење и креативно изразување во фризерството. Тој ден беше преемотивен и за мене и за гостите. А, најмногу од се бев горд на моите вработени, мојот најпрофесионален тим кој се издржа достоинствено, и ми даде огромна подршка во целата борба.
Кога ќе се споредиш- ти од некогаш и- ти, сега, што најмногу ти се допаѓа? На што лично се гордееш и кој секогаш ти беше- ветер во грб?
– Јас некогаш и јас сега…. во главнина сум истиот, оригинален и отворен во комуникација, ја задржав позитивната страна, тоа е мојата карактерна особина, и покрај се што поминав, не ме напушти ведрината. Сакам луѓе кои со својата харизма и позитивна енергија ми го разубавуваат денот и ме мотивираат да сум уште поупорен во совладувањето на болеста. Се радувам и горд сум што покажав колку сум силен низ најосетливите емотивни моменти, се радувам што мојот салон беспрекорно работи, среќен сум што имам лојален тим и што ја имам можноста да го живеам животот и да се остварувам и понатака на професионално поле, па и приватно…. Е, сето тоа е мојот ветер во грб..(Вања Тодоровска)