Колумни за душа- Кога немавме интернет: Манце
Почетокот на септември го паметам по неколку работи. Роденденот на вујна ми Зоре, кој, уште како мал си ветив дека никогаш нема да го заборавам и редовно ѝ го честитам. Поради нејзината добрина и мудрост, поради прекрасните пастрмајлии и најубавите лепени глави и поради највкусните јаболки, вредно сортирани од нејзините раце во гајби (или сундуци) во нејзиниот роден Царев Двор. Поради тоа што ми ја подари братучетка ми Ина, мојата најдобра другарка до 6 години и најдобрата фудбалерка што некогаш играла на улица „Христо Смирненски“. Толку ја сакав вујна ми Зоре во детството, што дури мислев дека нејзините двајца браќа, Јоне и Љупче се и мои вујковци (како и на Ина и Мона)! Знам дека ги чита сите мои колумни и дека ќе се гордее со овие редови, кои од срце ѝ ги посветувам.
3-ти септември, воедно, е и ден кој ја одебележа една од најголемите таги во мојот живот. Загубата на мојот фудбалски идол Драган Манце. Таа 1985 година, бев 6-то одделенец и се враќав од училиште со моите другари Аце и Дејан. Сите тројца бевме Партизановци. Во училичниот двор на ОУ „Васил Главинов“ нé пречека мајка ми и ни ја соопшти страшната вест: Драган Манце погинал во сообраќајна несреќа! Многу години после тоа, сличен беше и мојот шок од загубата на единствениот Тоше Проески.
Како на филмска лента низ главата ми поминаа сите мои фудбалски мигови. Тогаш сеуште сонував да станам фудбалер и бев луд по бубамарата. Во Топанското поле ме знаеа како детето со топката…
Првиот натпревар го изиграв позади Универзална сала, кај гаражите во мојата улица.
Тогаш играта беше удри по нозете на тој што ја има топката. Од сите тогашни другари, го паметам само Трајче. Тој живееше во зградата на Партизанска и заедно одевме во Забавиште. Тој беше Прле, а јас Тихи. Масата ни беше возилото на „Отпишаните“ од филмот, а столиците ги правевме седишта. 40 години не сум го видел другар ми Трајче. Не верувам дека би го препознал… А ни тој мене. Нејсе, по тој голем меч, имав милион модринки понозете, а генијалната лекарка во Градска болница (која веројатно беше видовита) како од пушка лупна дијагноза дека имам леукемија! И остана жива и здрава. До пензија. Братучетка ми Ина играше најдобро фудбал во цела улица. Еднаш имаше проблеми со ноктот и за мене беше најтежок ден, требаше да играм без неа во тимот. Се разбира, нé начекаа без неа и изгубивме убедливо.
Потоа настапија моите најубави фудбалерски денови. Во Топаанско поле. Таму важеше девизата „Имаш топка, играш фудбал“. Прво браниш, па учиш да играш. Со поголемите. Играв фудбал од четврто одделение, па натаму. Со Жиле, Васе, Зоран, Свето Цаци, Љупчо, Тони, Марјан Цвикот, Сашо Ќами, Еко, Марјан Црниот, Енес, брат ми Дејан, Зоран и Жаре…(мислам дека сите ги споменав!) Игравме фудбал секој ден. И зиме, и лете. Со секакви топки, пластични фудбали и по некој кожен фудбал. Со години сите топки беа мои. Тоа беше најсигурен билет за првиот тим. Некои топки завршуваа и под тркалата на некој камион на нашата „Македонско косовска бригада“, но веднаш моите ми купуваа нова топка. Кариерата не смееше да трпи…
Со тек на време, поради голгетерскиот инстикт, другарите ме нарекоа Манце. Со голема гордост го носев тој прекар. Во маалото, навивавме или за Партизан, или за Ѕвезда. Тие што беа помакедонски освестени, уште од тогаш навиваа за Вардар, а имаше (се броеја на прсти) и некои што навиваа за Хајдук. Не познавав никој што навиваше за Динамо Загреб. Тоа беше големата четворка во СФРЈ. Неочекувано, за сите нас, одеднаш брат ми Дејан од Партизановец премина во Ѕвездашите. И ден денес не знам зошто, но тоа многу го погоди дедо ми Филип, кој сите нас нé зарази да бидеме Партизановци. Уште паметам како двапати се враќавме од Градски стадион со наведнати глави, кога Вардар нé победи 5:0 и како нé зезаше цела улица… По „предавството“ на брат ми Дејан, дома следуваше време на офсајди, нереално досудени пенали, судијата Попев и братски караници. Бевме како Милко и Бошко Ѓуровски (кога Милко премина во Партизан).
Со горенаведените другари секоја недела, слушаваме директни преноси на транзистор, на клупите. Во паркот пред зградата, под жалната врба. Во тоа време, врбите се садеа во земја! Две брези беа стативи за гол. Некои соседи нé бркаа да не играме фудбал во тревниците. Игравме и на стадионот во ОУ „Васил Главинов“. Тој за нас беше како Маракана. Тука тренираа и ракометарите на РК „Бутел“, еден од најстарите клубови во Македонија. Тогаш првпат видовме како изгледа мрежа на тие голови, позади кои понекогаш имаше и свеж измет.
А потоа следеше моето фудбалско искуство во ФК „Слога Југомагнат“, денешен Шкупи.
Како и обично, тоа попладне игравме фудбал во тревникот пред зградата. Кога заврши натпреварот, ни пријде еден човек кој го гледал целиот натпревар. Избра тројца од нас и нé праша дали би сакале да тренираме фудбал во Слога?! Бев пресреќен. Конечно некој експерт го препозна мојот фудбалски талент. Тоа беше тренерот Сетко. Со големо задоволство тренирав неколку месеци во ФК Слога. Секој тренинг во Слога започнуваше со бркање на кравата, која спокојно си ја пасеше чаирската трева. Тренирав со младинците, иако имав само 14 години. Бев висок, релативно брз, немав некоја техника,но играв одлично со глава, шутирав со двете нозе. Класичен центарфор. Како Манце. Учев акции, финти, по некоја реплика на албански јазик (за да го збуниме противникот), давав по неколку голови на секој тренинг, бев среќен… Но, сé што е убаво има свој крај. Еден ден ме седнаа моите родители и ми рекоа: „Ќе учиш или ќе играш фудбал?!“ „А, може ли и тоа и тоа?!“ – прашав, полн со надеж. „Не може! Тоа не иде едно со друго!“ – финишираа со голем извичник. И престанав да одам на тренинзи. Тогаш ги слушавме родителите… И така, заврши мојата фудбалска кариера. Неоти ќе станев Панчев или Пандев, ама ќе се порадував уште некоја година…
Продолжв да играм фудбал пред зграда. Сеуште ја памтам репликата на еден мој другар Ром, кој бурно изреагира кога неговиот другар шутна многу високо над голот и му рече: „Соске така ноншалантно!?“
Крајот е за братучетка ми Ина (Филипина Негриевска), која пред некоја година,кога била на стадионот на Партизан, ЈНА (ич не ми е гајле како се вика сега стадионот!), ми купи и подари чаша со логото на нашиот Партизан. Ја чувам како амајлија и како спомен на моето дество и младост и како воздишка на еден нереализиран фудбалер… Криво ми е што никогаш не играв на некоја трева на која ќе можев да прославам некој мој гол со лизгање на двете колена, како што тоа го правеше големиот Манце.
ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ