Американската модна куќа „Мајл Корс“ најверојатно ќе ја преземе контролата на италијанската модна куќа „Версаче“. Станува збор за зделка од скоро 2 милијарди долари. Повикувајќи се на свои извори ова го тврди „Фајненшел тајмс“, како и италијанскиот весник „Кариере дела сера“. Според нив промената на сопственоста треба да се случи неделава.
Од 1997 година, кога е убиен Џани Версаче со компанијата газдуваат неговата сестра Донатела, која е креативен директор и брат и Санто, кој е претседател на Управниот одбор. Светските медиуми пренесуваат дека двајцата имаат 80 проценти од акциите и, според запознаени во продажбата, понатаму ќе останат на раководните места.